1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ако загуби Орбан?

7 февруари 2026

Изборите во Унгарија на 12 април се многу важни и за Европа и за регионов. Особено се важни за Македонија и сегашнава власт на ВМРО-ДПМНЕ. Пишува Љупчо Поповски

За сегашниве македонски власти, а особено за ВМРО-ДПМНЕ, загубата на изборите на Виктор Орбан би било како политички земјотрес Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Една година наназад, па и повеќе, парламентарните избори на 12 април во Унгарија, во европскиот политички дискурс се сметаат за исклучително важни за развојот на политичките преференции на континентот. Премиерот  Виктор Орбан  е најдолговечниот меѓу лидерите на  Европската унија.  Тој е непрекинато на власт од 2010 година (претходно имаше и еден четиригодишен мандат од 1998 до 2002). Доколку победи во април тоа ќе биде неговиот петти последователен мандат, што е извонреден рекорд за некоја европска демократија.

Многу работи се познати за него, за неговиот нелиберален модел на демократијата. За неговото протерување од Европската народна партија. За идеолошкото и друго дружење со популистичката крајна десница од Европа (негови главни пријатели сега се Марин Ле Пен, Герт Вилдерс, Алис Вајдел, Сантијаго Абаскал, Матео Салвини).

Многу работи станаа познати и за неговиот неочекуван главен предизвикувач – Петер Маѓар. Поранешниот сопруг на поранешната министерка за правда во владата на Фидес, Јудит Варга, Маѓар до пред некоја година беше дел од структурите на партијата на Орбан. И тоа на високи нивоа. За потоа да се одметне и да влезе во крстоносна војна против Орбан и неговите структури на владеење, обвинувајќи ги за екстремна корупција и за држење во изолација на Унгарија во европската политика.

Како стојат работите на два месеци пред изборите?

Сите анкети последнава година покажуваат стабилна предност од осум до 10 отсто на Тиса, партијата на Петер Маѓар (која има централно-десничарска идеолошка ориентација). Фидес на Орбан малку се опорави во ноември, но потоа партијата повторно се врати на нејзината негативна разлика. Орбан ветува бесповратна помош за пензионерите, за сиромашните слоеви, води жестока кампања против Украина за наводна загрозеност на „мирот“ во Унгарија. Ја обвинува ЕУ за сите економски неволји на државата (што се огромни) и се обидува да го сврти бранот во своја корист. Засега не му успева.

Трамп му даде поддршка на ОрбанФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Во четвртокот стигна силна поддршка од американскиот претседател  Доналд Трамп  нарекувајќи го својот сојузник „вистински силен и моќен лидер“ во објава на социјалните мрежи. Трамп посебно нагласи дека успесите на неговата администрација биле „благодарение главно на премиерот Орбан“, рече Трамп во објава на Truth Social. Претходно, во средината на јануари, десничарските лидери од целиот свет се здружија за да го поддржат Орбан, алудирајќи на симболиката што изборите во земјата ја носат за глобалните крајнодесничарски движења. Видео од кампањата објавено онлајн од Орбан вклучува поддршка од речиси десетина лидери, вклучувајќи ги Италијанците Џорџија Мелони и Матео Салвини, Французинката Марин Ле Пен и Германката Алис Вајдел.

Други лидери претставени во видеото се Херберт Кикл, лидерот на австриската Партија на слободата; чешкиот премиер Андреј Бабиш; како и претседателите на Србија и Аргентина, Александар Вучиќ и Хавиер Милеи. Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, исто така се појавува.

Расчистување на изборното поле

Последниве две недели изборното поле во Унгарија се расчисти дополнително бидејќи четири партии се откажаа од учеството на изборите, од кои три се дел од либерално-лев граѓански дел (особено некогаш моќната МСЗП), за да не се загубат попусто опозициските гласови, што би можело да даде поттик на кампањата на Маѓар и Тиса. Анкетите велат дека социјалдемократската Демократска коалиција има поддршка од околу 4 отсто (еден поен под изборниот праг), а популистите од крајната десница Наша татковина, 5 отсто. Прашање е дали тие две партии ќе успеат да влезат во парламентот. Тоа значи дека изборната битка е сведена на два актери – Фидес и Тиса (Орбан и Маѓар). Доколку Наша татковина влезе во парламентот (а коалицијата со Фидес не е невозможна), тогаш Маѓар и Тиса мораат да победат со најмалку пет отсто гласови повеќе (неколку стотици илјади гласови) за да имаат мнозинство во парламентот.

Унгарскиот изборен систем е комбиниран: 106 пратеници се избираат на мнозински начин во поединечни конституенци, а 93 според партиските листи. Орбан во изминативе години го промени изборниот систем за да направи да биде извонредно тешко некој негов политички противник да победи на изборите. А изборните конституенци се така моделирани да им даваат предност на неговите кандидати.

Сите анкети последнава година покажуваат стабилна предност од осум до 10 отсто на Тиса, партијата на Петер МаѓарФотографија: Rudolf Karancsi/AP Photo/picture alliance

Тоа значи дека, без оглед на анкетите, Петер Маѓар не може да смета дека победата му е на дофат. Предноста треба да ја зачува до денот на гласањето. Исто така, тоа значи дека Виктор Орбан не може да биде отпишан, затоа што по толку години на владеење многу слоеви на општеството се навикнаа на користа од оваа влада. А влада која ги научи сите модалитет на авторитарно владеење (особено со „окупацијата“ на медиумската сцена и државните структури) знае како да го извлече и последниот глас за победа. Така што, шансите на Виктор Орбан за уште еден мандат не може да се потценуваат.

Но, што ако на 12 април Фидес загуби и ќе мора да оди во опозиција?

Ќе ги оставиме настрана реперкусиите за функционирањето на Европската унија доколку проевропскиот Петер Маѓар стане премиер. За трансверзалата Варшава, Белград, Скопје е исклучително важно какви ќе бидат резултатите вечерта по изборите.

Зошто е важно за Варшава. Па, поради сличните прашања кое ги има политиката во Скопје. Не само поради целосно студените односи меѓу владата на Доналд Туск и владата на Орбан. Туку и поради тоа што двајца видни функционери на претходната влада на националистичката партија Право и правда добија политички азил во Унгарија. По истиот образец како и Никола Груевски.

Азил за полски министри

Една вечер во октомври лани, во историското уметничко кино „Уранија“ во Будимпешта имаше фестивалска атмосфера. Беа насобрани 400 поддржувачи на Фидес, а гостин беше поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро. Тој беше пречекан како херој. Зиобро, кој е под истрага во Полска, се појави на сцената заедно со Гергели Гуљаш, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Таму беше уште еден полски „херој“, Марчин Романовски, поранешен заменик на Зиобро. Публиката го пречека со френетичен аплауз. Романовски се соочува со 11 различни обвиненија во Полска, вклучувајќи учество во организирана криминална група и обид за проневера на речиси 40 милиони евра од фонд за жртви. Откако го изгуби парламентарниот имунитет и се соочи со налог за апсење, Романовски исчезна и повторно се појави во Унгарија кон крајот на 2024 година. Будимпешта му додели азил, тврдејќи дека се соочува со ризик од нефер судење во Полска.

Во средината на јануари годинава и  Збигњев Зиобро пребегна во Унгарија  и доби политички азил. Обвинителите тврдат дека средствата што ги злоупотребил Зиобро како министер биле користени за политичко покровителство и за стекнување на шпионскиот систем „Пегасус“, наводно распореден против домашните политички ривали.

Збигњев Зиобро пребегна во Унгарија и доби политички азилФотографија: Czarek Sokolowski/AP Photo/picture alliance

Кога го доби политичкиот азил тој на социјалните мрежи изјави дека е решен да се „бори против политичкиот бандитизам и беззаконието“, тврдејќи дека е жртва на „лична вендета“ од Туск. „Одлучив да останам во странство сè додека не се вратат вистински гаранции за владеење на правото во Полска“, рече тој, заблагодарувајќи му се на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, за тоа што му дал азил.

Речиси е сигурно дека доколку победи Маѓар, а загуби Орбан, односите меѓу Будимпешта и Варшава ќе се затоплат и двете престолнини ќе бидат „демократската половина“ од Вишеградската група. Полска бара испорачување на двајцата бегалци од правдата, но прашање е како ќе реагира владата на Маѓар (ако тој победи). Доколку победи и бидат испорачани Зиобро и Романовски за судење во Полска тоа ќе биде вистински политички спектакл. Но тоа е поврзано со зборот ако.

Александар Вучиќ и Виктор Орбан се како политички сијамски близнаци. Нивното политичко сојузништво трае многу години и е поврзано не само идеолошки во политиката, туку и во големи заеднички економски интереси, изборна помош на унгарското малцинство во Србија (тоа може да гласа во Унгарија затоа што се делеа унгарски пасоши во илјадници).

Орбан е најголемиот лобист на Србија во ЕУ. Тој ја користи секоја можност да ги промовира интересите на Белград на европската сцена, а особено на владата на Вучиќ. Сиве овие години не му успеа да обезбеди Србија да прескокне некои објективни услови, особено поврзани со слободата на медиумите и демократијата воопшто во српското општество, но Орбан никогаш не се откажуваше. И тогаш кога другите лидери на ЕУ мислеа поинаку. Не значи дека Петер Маѓар ако победи ќе ја промени драстично политиката кон Белград и Вучиќ, но сигурно тоа веќе нема да биде „политичко братство“.

Стравовите во ВМРО-ДПМНЕ

За сегашниве македонски власти, а особено за ВМРО-ДПМНЕ, загубата на изборите на Виктор Орбан би било како политички земјотрес. Двете партии не се политички сијамски близнаци, но тоа е братство од кое ВМРО-ДПМНЕ секогаш имало голема корист. Дури и огромна. Каде би можеле да се појават проблемите многу брзо по 12 април доколку Петер Маѓар би бил нов премиер.

Прво, тоа би била  кредитната линија влада со влада,  за која никој не е сигурен дали би продолжила да постои. Од она што може да се дознае од настапите на Маѓар, Македонија воопшто не се споменува во последнава година. Тој е преокупиран да им ја претстави корупцијата на политичката и бизнис елита на унгарските гласачи, а не да ја расплинува кампањата на работи кои изгледа се неважни за граѓаните.  Кредитот од една милјирада евра  беше криен од унгарската јавност, за на крај да ги пробие медиумските обрачи, но тоа сепак се пари дадени со камата од 3,25 отсто. Доколку има нови структури во тамошното министерство за финансии можеби ќе почнат да се бараат тајните модалитети за тоа како се доделени парите. Дали со унгарски паричен спотер (преку Кина) или на некој друг начин. И зошто Унгарија се задолжувала со поголеми каматни стапки отколку што им давала на македонските побратими пари со помали камати.

Стравувањето од загуба на изборите на Орбан е и тековната иницијатива на македонските власти да се набават 150 електрични автобуси според истата формула и истата каматна стапка. Еден електричен автобус чини 400-500 илјади евра. Тоа би биле  80 до 100 милиони евра. Македонската влада уште не кажува колку ќе изнесува овој договор влада со влада. Но, очигледно, зделката треба да се заврши до крајот на март. Затоа што после никој не знае што ќе се случува.

За ВМРО-ДПМНЕ, загубата на изборите на Виктор Орбан би било како политички земјотресФотографија: Regierung Nordmazedonien

Христијан Мицкоски и Александар Николоски одеа на аџилак во Будимпешта  како да е нивен политички Ерусалим. Николоски дури одеше и во романска Трансилванија да учествува во политичките работилници на Фидес меѓу тамошните Унгарци и во Баиле Тушнад ги слушаше говорите на Орбан во кои ги образложуваше  основите на нелибералната демократија. Тоа е како да се напиеш вода директно од најчистиот  извор. Политичкиот извор по 12 април нема да секне, но тоа може да биде само во просториите на Фидес, а не во седиштето на владата во Кармелитскиот манастир во Будимпешта.

Сигурно дека  Орбан ги промовирал интересите на македонските власти во ЕУ. Но кога секнаа цевките за гас и нафта од Русија преку Украина, Орбан побрза да отиде во Софија и од бугарските власти да осигура дека преку тамошниот гасовод енергенсот ќе стигнува до Унгарија. И му успеа тоа. Македонија не ја ни спомна во Софија, ниту нашиот европски ќор-сокак. Енергетските интереси на Унгарија беа поважни од сѐ, па Софија мораше да се одоброволува а не да се зборува за македонските проблеми.

Тоа е можниот економски проблем и новата можна политичка сцена, па македонската влада да бара пари на друго место. Можеби и да се обрати до ММФ, а тоа нема да биде пријатно. Може да биде многу трауматично.

Што ако биде испорачан Груевски?

Другиот проблем може да се трансформира во политички спектакл за јавноста, а голема драма за Христијан Мицкоски  и за некои луѓе во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Иако, веројатно, не за сите. Се работи за иднината на  Никола Груевски  во Унгарија. Што би правел Петер Маѓар на оваа тема ако ги добие изборите?. Тоа за него не е тема во кампањата. Ниту другите азиланти како Зиобро и Романовски.

Тоа не е тема за него, но може да биде огромна тема за властите во  Македонија.  Сегашнава македонска влада изгледа нема поднесено барање за екстрадиција, но такви има неколку други претходно. Што би случило доколку Груевски биде испорачан на скопскиот аеродром? Дали ќе биде пречекан онака како што тој го пречека Љубе Бошкоски од Хаг. Или ќе нема зошто Мицкоски да го чека, ако директно од аеродром биде однесен во затвор да ја издржува казната.

И да отиде и да не отиде во затвор (ако воопшто биде испорачан) Груевски целосно ќе ја промени ситуацијата во  ВМРО-ДПМНЕ.  Кај многу членови на партијата тој е непрежален лидер. Вистински. Груевски сите овие години од ноември 2018 година кога пребегна во Будумпешта не се откажа да влијае на политиката во Македонија, особено во ВМРО-ДПМНЕ. Од затвор или на слобода, доколку тој биде во Македонија, тоа  нема да биде пријатно за Христијан Мицкоски.  Тој сега ја има апсолутната контрола во партијата, а и во државата, но сѐ може да се смени во еден миг. Многу од неговите најблиски соработници можеби уште ги носат сликите од Груевски во внатрешните џебови на палтата. И амбициите експоненцијално ќе им пораснат.

Од затвор или на слобода, доколку Груевски биде во Македонија, тоа нема да биде пријатно за Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski

Може ли во таква ситуација да се изгради детант меѓу Мицкоски и Груевски (и неговиот братучед). Што би можел да прави Мицкоски? Да ги ангажира сите сили на некој начин да се поништат затворските казни на Груевски и поранешниот премиер од слобода да стане главна закана за власта на сегашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Ако Груевски биде однесен во затвор тоа исто така ќе биде губитничка позиција за Мицкоски меѓу партиското членство (иако јавноста ќе ја поздрави таа ситуација) затоа што ќе биде перципиран дека тој е оној што дозволил претходниот претседател да заврши зад решетки, како што не се случи ни за времето на претходната влада.

На овој или на оној начин тоа ќе биде многу комплицирано за Мицкоски, особено што е јасно дека Груевски не се откажал од идејата и натаму да учествува во моделирањето на политиката во Македонија (како што и сега го прави тоа од Будимпешта преку неговите партиски испостави во ВМРО-ДПМНЕ).  Изгледа дека неговите амбиции не пресушиле. Дури можеби станале и поголеми, напоени и со гневот за вендета.

Можеби од ова ништо нема да се случи. Можеби Виктор Орбан, сепак, ќе победи на изборите во април. А можеби и ако Петер Маѓар излезе како победник нема воопшто да се занимава со судбината на Никола Груевски. Но ако ги испорача Збигњев Зиобро и Марчин Романовски, тогаш за него ќе изгледа политички неодржливо да го остави Груевски во Будимпешта. Македонската јавност секако дека е заинтересирана да го види можниот расплет на оваа ситуација и поголемиот дел од неа сака да види Груевски да си ја одлежи казната.

Во ВМРО-ДПМНЕ многу поемотивно се гледа на ситуацијата. За партиското лидерство се како цејлонски чај за опуштање анкетите на провладините медиуми во Унгарија, на кои секогаш води Фидес. И тоа најмалку со шест проценти разлика. Тоа би бил идеален расплет за нив – пари веројатно и натаму ќе пристигнуваат од Будимпешта, а Груевски ќе руча гулаш. Но за тој расплет одлучуваат Унгарците. А со стравовите (и потајните радости) нека се занимаваaт вмровските и некои други легии.    

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми