1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што беше позитивно во Германија во 2022?

Стефани Хепнер
29 декември 2022

2022 година во Германија беше под печат на руската војна против Украина, грижи околу резервите на гас, короната и високата инфалција. Сепак, имаше и позитивни вести. Еве неколку примери:

Млади волонтери од Германија се ангажираат за помош на бегалците од Украина
Млади волонтери од Германија се ангажираат за помош на бегалците од Украина Фотографија: Maja Hitij/Getty Images

Помош за украинските бегалци

Од почетокот на војната на Русија против Украина, од земјата побегнаа милиони луѓе, многу од нив и во Германија. Според Централниот регистар за странци, до крајот на октомври во Германија пристигнале околу еден милион луѓе од Украина.

Подготвеноста за помош кај граѓаните во Германија беше голема. Некои дури во дел од собите во своите живеалишта сместија жени и деца од Украина, и тоа со недели и месеци. Многумина собираа донации како облека, покуќнина, помагаа во пишувањето домашни задачи на децата или ги придружуваа луѓето при преглед кај лекар.

Германскиот центар за интеграциски и миграциски истражувања ја следеше подготвеноста за помош во Германија во подолг период и дојде до заклучок: таа по почетокот на војната во февруари се намали, но и месеци подоцна уште е на високо ниво. На пример, секој втор е подготвен на волонтерски ангажман, повеќе од половината граѓани се спремни да донираат за бегалците и секој петти може да си замисли кај себе дома да прими бегалци.

Бизнисот цвета: германските фирми остварија рекорди добивки

На германските најголеми фирми нотирани на берзата ДАКС, без оглед на високите цени на енергенсите и растечката инфлација, им одеше доста добро. Во третиот квартал, од јули до септември, обртот на 40-те водечки концерни од ДАКС се зголемил за 23 проценти, добивките дури за 28 проценти. Најголеми добивки оствариле Мерцедес, Фолксваген и Сименс.

„Оној кој очекуваше крах на бизнисот, е разочаран: кај најголем дел од ДАКС-фирмите растат обртот и профитот, бизнисот цвета“, истакнува Хенрик Алерс од консултантската куќа EY, која дури смета дека 2022 ќе биде во целост рекордна година.

Неочекувано брза изградба - терминал за течен гас ЛНГ во ВилхелмсхафенФотографија: Michael Sohn/REUTERS

Ново германско темпо: ЛНГ терминали изградени порано од планираното

Вообичаено, големите градежни прокти траат многу подолго од првичниот план. Да се потсетиме само на Филхармонијата Елба во Хамбург, која требаше да биде завршена во 2010, но изградбата се растегна до 2016 година. Но, можно е и поинаку: по само десет месеци планирање и изградба, кратко пред Божик во германскиот северен град Вилхелмсхафен беше пуштен во погон првиот пловечки терминал за прифат на течен гас, ЛНГ.

„Ова е ново германско темпо, со кое се унапредува инфраструктурата и треба да е пример не само за оваа постројка, туку и за многу други“, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц при отворањето. Пловечкиот терминал пред брегот во Долна Саксонија треба да придонесе за затворање на дупката во енергетското снабдување на Германија настаната со изостанокот на дотокот на руски гас.

По изградбата на терминалот за течен гас за помалку од една година, во економијата се раѓа надеж дека ова ќе биде урнек за во иднина. Потребно е масивно забрзување на постапката на планирање и издавање потребни дозволи кај сите инфраструктурни проекти, порача претседателот на Германската индустриска и трговска комора, Петер Адриан. Некои инсистираат на поголема брзина, а за некои е премногу брзо: еколошки здруженија ја критикуваа изградбата и побараа слично брза реализација кај проектите кои не се поврзани со енергија од фосилни извори.

...Во врска со техниката и климата

Дали техниката може да ги реши нашите проблеми со климата – барем малку? Претпријатие од Хунсрик прави токму таков обид. Нивната машина П500 го извлекува ЦО2 од атмосферата. Како функционира тоа конкретно? Во цевките и реакторите на машината се врши јагленисување на гранки и дрво без присуство на воздух. Во нормални услови, притоа ослободениот ЦО2 би ја загадувал натамошно климата, но П500 го претвора ЦО2 во т.н. растителен јаглен или биојаглен. На ваков начин може да се врши најдоброо искористување на биомасата, на пример на растителни или дрвени отпадоци.

Постојат и натамошни позитивни ефекти: при производството на овој растителен јаглен настанува регенеративна енергија, која е сега посебно барана поради недостигот од природен гас. Освен тоа, земјоделците преку биојагленот можат да ја зголемат плодноста на својата почва. Цената на биојагленот засега е превисока, но при зголемена понуда може и да се промени.

Вирологот Кристијан Дростен: Пандемијата завршиФотографија: Michele Tantussi/REUTERS

Крај на пандемијата на коронавирус?

И ова спаѓа во позитивните вести во 2022 година: најпознатиот германски виролог Кристијан Дростен, познат обично по објавување лоши новости и опомени, сега прогласи крај на пандемијата на коронавирус: „Зимава доживуваме прв ендемски бран на САРС-КоВ-2, според моја проценка, со тоа пандемијата е завршена“, изјави Дростен деновиве.

Имунитетот на населението по оваа зима ќе биде толку раширен и стабилен, што вирусот в лето нема да може да се пробие. Единствена задршка раководителот на одделот за вирологија во берлинската болница „Шарите“ има во поглед на појавата на нови вирусни варијанти: „Но, и нив во моментов веќе не ги очекувам“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми