1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Либан, Хезболах и стравот од војна

Керстен Книп
30 јули 2024

Големо мнозинство луѓе во Либан е против војна со Израел. Но, одлуката за ова ја носат исламистичката милиција Хезболах и израелската влада. Војна тешко ќе го погоди Либан.

Израелски воздушен напад: Запалена зграда во регионот Шеба во јужен Либан
Израелски воздушен напад: Запалена зграда во регионот Шеба во јужен ЛибанФотографија: Ramiz Dallah/Anadolu/picture alliance

Израелскиот кабинет за национална безбедност донесе одлука. Тој ги овласти премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант „да одлучат за начинот и времето на дејствување против терористичката организација Хезболах“, му соопшти кабинетот на израелскиот премиер во неделата доцна вечер. Нетанјаху ѝ се закани на проиранската милиција дека ќе плати „висока цена“.

Со ова Израел реагираше на ракетниот напад на фудбалски терен на Голанската висорамнина, за кој се претпоставува дека е одговорен Хезболах. Во нападот загинаа 12 млади луѓе.

Хезболах, пак, соопшти дека не ги истрелал ракетите. Оваа шиитско-исламистичка организација е означена како терористичка организација од Германија, САД и другите западни земји. Таа е поддржана е од Иран. Европската унија го прогласи вооруженото крило на Хезболах за терористичка група.

Израел во понеделникот попладне објави дека сака да го нападне Хезболах, но не сака да го втурне целиот Блиски Исток во војна. Ова на агенцијата Ројтерс ѝ го соопштиле повеќе израелски официјални лица кои сакале да останат анонимни.

Поради безбедност, ноќта да се помине надвор од дома

На југот на Либан, долж границата со Израел, ситуацијата е веќе слична на војна, вели Михаел Бауер, шеф на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденауер во Бејрут, кој моментално се наоѓа во Јордан.

И во други делови на земјата, израелската армија постојано напаѓа цели на Хезболах. „Се разбира, Либанците стравуваат дека сега може да настапи нова фаза од конфликтот.“

Тие стравуваат дека израелската војска би можела да избере дополнителни цели и да користи дополнителни системи на оружје. Една млада Либанка, која сака да остане анонимна, за ДВ изјави дека веќе втора ноќ по ред ја поминала надвор од нејзината градска населба Дахиех, бидејќи со таа населба владее Хезболах. Навистина, опасноста од ескалација сè уште не е непроценливо голема, но таа сепак сега сака да биде безбедно.

Друга млада Либанка вели дека не е многу загрижена. Смета дека ризикот сѐ уште е предвидлив. Но, се грижи за дел од своето семејство, кое живее на југот на Либан. 

Нередовен сообраќај: откажани се летовите до аеродромот во БејрутФотографија: Mohamed Azakir/REUTERS

Слаба држава, ослабено општество

Ако конфликтот се прошири, тешко ќе ја погоди оваа и онака многу ослабена земја. Според извештајот на Светска банка, таа е многу задолжена. Долговите изнесуваат околу 180 отсто од брутодомашниот производ, во 2023 година тие изнесуваа дури 201 процент од БДП.

Според друг извештај на Светска банка, стапката на сиромаштија во Либан тројно се зголемила во изминатата деценија. Според тоа, во 2024 година, 44 отсто од Либанците живеат под прагот на сиромаштија.

Сепак, инфлацијата годинава би можела значително да се намали, поточно од 221 отсто лани на 83 отсто годинава.

Либанската држава со години покажува дека не е во состојба да дејствува или дека нејзината способност да дејствува е многу ограничена. Оваа слабост се покажа, на пример, во август 2020 година, при експлозијата на 2.750 тони амониум нитрат во пристаништето во Бејрут, која уништи голем дел од градот. Повеќе од 200 луѓе загинаа, а повеќе од 6.500 беа повредени. Повеќе од 30.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови. Либанските власти со години не успеваат да ја транспортираат хемикалијата, која се смета за опасна, на безбедно место.

Други потешкотии доаѓаат од соседните земји. Околу еден и пол милион Сиријци кои избегаа од војната во својата татковина побараа засолниште во Либан. Околу 250.000 палестински бегалци живеат во земјата на кедарот, некои од нив се во бегалски кампови со децении.

Опасноста од конфронтација меѓу Израел и Хезболах веќе имаше негативно влијание врз Либан. Меѓународните авиокомпании веќе привремено или целосно ги прекинаа летовите за Бејрут. Покрај тоа, сѐ повеќе земји ги предупредуваат своите граѓани да не патуваат во Либан. Вчера истото го направи и германското Министерство за надворешни работи, кое ги повика сите Германци да го напуштат Либан.

Опасност за останатата функционална инфраструктура

Уште пред неколку месеци, поранешниот либански министер за економија и заменик гувернер на либанската централна банка, Насер Саиди, предупреди на опасноста од тоа  војната меѓу Израел и Хамас да ја погоди неговата земја. „Економската ситуација брзо ќе се влоши“, изјави тој за весникот „Национал“ во Абу Даби.

Ако ситуацијата ескалира, може да се уништат остатоци од инфраструктура, вклучително и пристаништа и аеродроми. „А тие се, со оглед на зависноста на земјата од либанската дијаспора, економскиот извор на земјата.“

Ако конфликтот се прошири, тоа би имало катастрофални последици, вели една анализа на вашингтонскиот тинк-тенк Атлантски совет, објавена овој јули. Ова може да биде најава за враќање на „постојана војна“. И борците од целиот регион би можеле да се приклучат на Хезболах, милиција поддржана од Иран, што би го направило целиот конфликт уште покомплексен и поризичен, се вели во анализата.

Во центарот на тие тензии би бил Либан. И тој сигурно не е во состојба да се справи со друга криза, или дури со војна со Израел, вели Михаел Бауер, шеф на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденауер во Бејрут.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми