1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЈемен

Што ќе значи вклучување на Хутите во војната со Иран

ЖА/ агенции
28 март 2026

Милицијата Хути, поддржана од Иран, го нападна Израел за прв пат во тековната војна. Директното вклучување во војната може да предизвика ескалација на Блискиот Исток и раст на цените на нафтата.

Хути милиција во Јемен, протест против американско-израелскиот напад врз Иран
Во минатото, Хутите постојано напаѓаа трговски бродови со ракети во Црвеното Море и Аденскиот ЗаливФотографија: Mohammed Hamoud/Anadolu Agency/IMAGO

Милитантната група Хути, поддржана од Иран, за првпат во тековниот конфликт изведе напад врз Израел. Во саботата рано наутро, Хутите испалија балистичка ракета кон Израел, но израелската противвоздушна одбрана ја пресретна без таа да предизвика жртви.

Ова е прв напад од страна на јеменската милиција по октомври 2025 година, кога во Газа стапи во сила примирјето. Иако Хутите тогаш ги прекинаа нападите, тие од првиот ден на американско‑израелскиот офанзивен  напад врз Иран  предупредуваа дека се подготвени за ескалација. Групата се смета за најмалку ослабена од американските и израелските удари во рамките на т.н. иранска „Оска на отпорот“ – и воедно за најнепредвидлива.

Потенцијално блокирање на клучниот поморски теснец

Иако самиот ракетен напад има ограничено воено значење, неговите можни последици се далеку пошироки. Најголемата опасност е сценариото во кое  Хутите би почнале да ги напаѓаат трговските линии  во теснецот Баб ел-Мандеб и да го таргетираат саудискиот пристаништен терминал Јанбу. Тие напади би можеле да го парализираат единствениот преостанат функционирачки извозен коридор за саудиска нафта.

Откако Иран фактички го затвори Ормутскиот Теснец, Ријад ја пренасочува суровата нафта преку 1200 километри долга цевководна рута до Црвеното Море, со завршна точка во Јанбу – решение кое веќе се смета за привремено и ризично.

Закана за раст на цените на нафтата и регионална ескалација

Напад врз саудиска енергетска инфраструктура би можел дополнително да ги засили притисоците врз Ријад да се вклучи директно во конфликтот. Воедно, секое нарушување на извозот би можело значително  да ги покачи светските цени на нафтата.

Нападот не беше изненадување. Уште во петокот, портпаролот на Хутите, бригаден генерал Јахја Сари, во претходно снимено обраќање изложи неколку сценарија за нивно директно влегување во војната. Во саботата наутро,  милицијата  го потврди нападот врз  Израел.  Дали ракетата е само предупредување или почеток на нова фаза на ескалација, допрва ќе се види.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми