Што да се очекувa од посетата на Трамп во замокот Виндзор
17 септември 2025
Ако има еден збор што ви паѓа на ум кога ќе чуете „државна посета“, тоа веројатно е „протокол“. Особено кога станува збор за Виндзорската куќа, чиј истоимен замок е местото каде што кралот Чарлс Трети ќе го угости американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата втора државна посета на Обединетото Кралство. Поради реновирање, овојпат позлатените сали на Бакингемската палата се затворени.
Вообичаено, на американските претседатели кои служат втор мандат не им се нуди државна посета. Наместо тоа, тие се канат на чај или ручек со монархот.
Поради тоа што Трамп стана првиот американски претседател на кого му се нуди втора државна посета, британскиот премиер Кир Стармер рече дека се работи за „навистина историски“ настан „без преседан“.
Севкупно, досега имало помалку формални државни посети од американски претседатели отколку што би можело да се помисли: За време на владеењето на кралицата Елизабета Втора од 1952 до 2022 година, имало само три вакви настани - со Џорџ В. Буш, Барак Обама и Доналд Трамп.
Вклучена е и поворка со кочии
Трамп - кој претходно оваа година ги вознемири Американците затоа што алудирајќи на себе твитна „Да живее кралот“ - во среда (17.09) во Виндзор ќе биде поздравен од принцот Вилијам и принцезата Кетрин и ќе биде пречекан со поворка со кралски кочии. Ова беше избегнато за време на неговата претходна државна посета, бидејќи безбедносната логистика се сметаше за премногу сложена за настанот што се одржа во Лондон.
Според Скај њуз, распоредот оваа недела вклучува воена парада, положување венец на гробот на кралицата Елизабета во капелата Сент Џорџ, прелетување на Црвените стрели и авионите Ф-35, формална вечера и многу церемонијален декор.
Тоа е распоред исполнет со традиција, но зад полираното сребро и церемонијалните мечеви лежи минско поле од кралски протокол - лавиринт на бонтон каде што се сопнале дури и искусни државници.
(Не)познати прекршувања на протоколот од страна на претседатели - или нивни сопружници
За време на неговата посета во 2019 година, Трамп се најде на насловните страници со тоа што одеше пред кралицата Елизабета, така што ситната кралица во еден момент беше целосно скриена од неговата гломазна фигура - грешка што предизвика безброј коментари..
Сепак, да бидеме фер, Трамп не е првиот американски лидер кој ги „помести“ кралските правила.
Неговиот претходник, Џо Бајден - носејќи ги своите препознатливи авијатичарски очила за сонце „Реј-Бан“ - ги натера експертите за бонтон да се шегуваат кога ја поздрави кралицата во 2021 година.
„Ако се среќавате со кралицата лице в лице, нема очила за сонце или нешто слично, бидејќи контактот со очите е доста важен при секое претставување“, изјави за „Њусвик“ Грант Харолд, кој служеше како кралски батлер на тогашниот принц Чарлс.
Поранешната прва дама Мишел Обама еднаш стави пријателска рака околу рамената на кралицата во 2009 година, гест што ги стопли срцата, но ги крена веѓите.
Подоцна, во своите мемоари, таа објасни дека моментот се родил од болни стапала и споделена човечност: „Заборавете дека таа понекогаш носеше дијамантска круна и дека јас летав во Лондон со претседателскиот авион: Бевме само две уморни дами измачени од нашите чевли. Потоа го направив она што ми е инстинктивно секогаш кога се чувствувам поврзана со нова личност, а тоа е да ги изразам моите чувства надворешно. Нежно ја ставив раката преку нејзиното рамо.“
Таа додава дека ако нејзината постапка, според протоколот, се смета за „несоодветна“, „барем направив човечка работа.“
И претходно, во текот на Камелот-ерата во Вашингтон, посетата на Џеки Кенеди во 1961 година со претседателот Џон Ф. Кенеди, исто така ги разбранува кралските води. Како што е прикажано во серијата „Круна“ на Нетфликс, нејзиното блескаво присуство наводно ја вознемирило кралицата, која се чувствувала засенета од гламурот и интелектот на првата дама. Епизодата можеби има креативна слобода, но ја доловува тензијата што може да се појави кога британската церемонија се среќава со американската харизма.
Да се задржи прибраноста
Кралицата Елизабета, која беше домаќин на сите американски претседатели од Хари С. Труман до Бајден (освен Линдон Б. Џонсон), ја владееше перфектно дипломатската игра. Таа ја задржа својата смиреност и чувство за хумор низ годините, од гафот на Буш во 2007 година во кој сугерираше дека ги посетила САД во 1776 година, до јавањето коњи со Роналд Реган во Виндзор во 1982 година.
Тоа стана дел од нејзината мистика: Без разлика дали стануваше збор за доцнење, преентузијастичен гест или разговорна грешка, кралицата речиси никогаш не трепнуваше.
Кралот Чарлс сега влезе во нејзините чевли за да го продолжи овој деликатен танц на пречекување светски лидери. Неговиот стил е повеќе разговорлив, помалку непрегледен - но влогот останува висок.
Потенцијал за моменти вредни за мемиња
Како и при секоја средба од висок профил, секое ракување, чекор, поглед или дури и моден избор ќе биде анализиран или ќе стане предмет на мемиња.
А Трамп, кој никогаш не се стеснува од спектакл, може да испорача - без разлика дали станува збор за неговото препознатливо ракување „стисок и влечење“ или коментар што отстапува од сценариото.
Минатиот јули на прес-конференција во Шкотска, претседателот повторно го нападна градоначалникот на Лондон, Садик Кан, нарекувајќи го „гаден човек“ која „завршил ужасна работа“, оставајќи го премиерот Стармер, кој седеше до него, извесно време целосно збунет.
И покрај протоколарните пречки, државните посети служат за зајакнување на врските и потврдување на сојузите. Да бидеме јасни, државните посети чиј домаќин е британскиот монарх се одржуваат на совет од владата.
Така, со оглед на геополитичката состојба во светот и потенцијалот на Трамп да разгорува или да гаси пламен, британските медиуми ја нарекоа оваа посета „офанзива на кралскиот шарм“ и „фестивал на нежност“.
„Не станува збор само за кочии и тијари. Станува збор за светската агенда“, изјави за „Скај њус“ лорд Сајмон Мекдоналд, поранешен постојан потсекретар во Министерството за надворешни работи и шеф на дипломатската служба, осврнувајќи се на посетата на Трамп во 2019 година.
Сепак, за печатот и јавноста, токму свеченоста - и потенцијалот за погрешни чекори - ги прави ваквите посети привлечни, зашто тие нудат материјал за известување, кликови и разговори.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик