1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаШведска

Шведска конечно во НАТО: Голема заемна полза

9 март 2024

Таканаречениот „Нордиски ѕид“ на НАТО сега е комплетиран. Шведска и официјално е полноправна членка на Алијансата - момент што Стокхолм нетрпеливо го чекаше по руската инвазија врз Украина.

Шведски маринец учествува во воените вежби на НАТО во близина на Товик, Норвешка.
Шведски маринец учествува во воените вежби на НАТО во близина на Товик, Норвешка.Фотографија: NATO

Претставниците на НАТО ги уверија Финска и Шведска кога заедно аплицираа за членство во мај 2022 година дека нивниот процес ќе биде најбрз во историјата. И, всушност, беше така, но таа речиси една година по брзото пристапување на Финска, во април 2023 година, беше тензична за шведската влада, која се надеваше дека пристапувањето на дуото ќе биде во тандем како и при апликацијата. Но, противењето на Турција и на Унгарија значеше дека Шведска мора да го прифати тоа долго одложување пред да ѝ биде дозволено да се најде под безбедносниот чадор на НАТО.

Оскар Јонсон, истражувач од Шведскиот одбранбен универзитет, вели дека тоа што изразила желба да се приклучи, но била блокирана од потенцијалните сојузници, Шведска била заглавена на „најлошата можна позиција“ , дури и ако тоа било привремено. „Ако ги погледнете само неодамнешните емпириски податоци, можете да видите дека Русија изврши инвазија врз две држави за кои сметаше дека се на патот кон НАТО“, изјави тој за ДВ, мислејќи на Грузија и на Украина, „но врз нула земји-членки на НАТО“.

Членот 5, конечно

Шведска имаше склучено повеќе билатерални безбедносни договори со земјите на НАТО во текот на годините врз основа на нејзината намера да остане надвор од воениот сојуз, но ниту еден од нив немаше обврзувачка природа на гаранцијата од Членот 5 на НАТО - „сите за еден и еден за сите“.

Министерот за одбрана Пал Јонсон, кој претходно беше шеф на комисијата за одбрана на шведскиот парламент, со децении се залагаше за членство, велејќи дека неговата земја „може да се надева, може да претпоставува, може да посакува да ја добиеме поддршката од НАТО (во случај на напад), но не може да знае сигурно сѐ додека не се приклучи на Алијансата“.

Но, таа загриженост не беше доволна за мнозинството од шведското население сѐ додека рускиот претседател Владимир Путин не започна војна против Украина - и сѐ додека соседна Финска не даде јасно до знаење дека нема да губи време во барањето членство во НАТО.

Еден јарбол за знаме стоеше празен во седиштето на НАТО додека Алијансата го чекаше приклучувањето на ШведскаФотографија: Teri Schultz/DW

Оскар Јонсон вели дека иако апликацијата за членство во Алијансата беше прикажана од многумина во и надвор од Шведска како напуштање на негуваната самопретстава на земјата како „неутрална“ и воено неврзана нација, тоа всушност не беше така.

Јонсон, имено, дополнува дека шведската војска учествувала практично во секоја воена операција на НАТО од 1990-тите години, откако се приклучи на организацијата „Партнерство за мир“ во 1994 година, и оти таа одамна беше домаќин на воените вежби на НАТО.

Шведската солидарност е сега осигурана

Но, ако шведските застапници за НАТО беа загрижени затоа што ја немаа гаранцијата од Членот 5 од Трансатлантскиот догово пред членството во Алијансата, на сојузниците, исто така, им беше малку непријатно поради недостатокот на шведски гаранции за тоа како земјата ќе се однесува во случај на криза.

Џим Таунсенд сега е аналитичар во Центарот за нова американска безбедност, но неговата рана кариера во Пентагон ја помина најмногу посветен на  политиката за Европа и за НАТО, а конкретно за нордиските земји. Тој за ДВ изјави дека шведското пристапување во Алијансата, заедно со Финска, е од  „суштинска важност за НАТО“ , но и за него лично и тој, „се чувствува како да е Божик“ по цел живот поминат во интегрирање на нордиските и воените сили на НАТО колку што било можно согласно околностите. 

По расчистувањето на сите нејаснотии, според Таунсенд, сега загрижени треба да бидат руските планери. Пристапувањето на Шведска го зајакнува присуството на НАТО на Арктикот, каде, како што вели, Русија го има својот „најчувствителен воен естаблишмент ... нивните балистички ракети, кои се лансираат од подморници ... нивните стратешки бомбардери и таму прават голем дел од нивните експерименти“.

Покрај геостратешките предности, Шведска носи врвни воени средства во потенцијалниот арсенал на НАТО. Центарот Вилсон со седиште во Вашингтон издвојува три главни придобивки за Алијансата од членството на Шведска:

— Шведската одбранбена индустрија, една од најголемите во Европа, која произведува дел од „најсофистицираната опрема на пазарот“

- „високото ниво на технолошка компетентност во приватниот сектор на Шведска“ заедно со „големите количества на критични минерали - како железна руда и ретки метали - кои се од витално значење за одбранбената индустрија“.

— Воздухопловните сили на Шведска, најголемите во нордиските земји и едни од најголемите во Европа.

Шведска повеќе од успешна во стрес-тестовите

Роберт Пшчел, последниот дипломат на НАТО во Русија пред затворањето на канцеларијата за врски во Москва поради влошените односи, за ДВ изјави дека има уште еден важен елемент на шведското членство - „многу темелно, многу реално разбирање на заканата што ја претставува Путин“, што со себе повлекува високо ниво на обученост за издржливост и подготвеност во шведското општество.

„Големата работа е да се биде свесен за ова, да не се паничи, туку да се направи сѐ што е потребно за да се биде потготвен за ова“, рече Пшчел. „Тоа е исто така голем придонес“.

Особено затоа што Пшчел очекува дека членството на Шведска може да предизвика повеќе хибридни напади од Русија, сега кога, како што вели популарна фраза, Балтичкото Море стана езеро на НАТО. „[Пристапувањето на Шведска] е голем неуспех за Русија во политичка смисла, бидејќи тоа е нешто што тие не го сакаа, тоа е сигурно“, оценува тој.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми