1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Што досега е познато за нападот врз Иран

ЕМФ | Тагесшау
28 февруари 2026

Експлозии во Техеран и други ирански градови, контранапади врз Израел – воената ситуација на Блискиот Исток ескалира. Преглед на она што е познато во овој момент.

Иран Техеран 2026 | Штети по воздушните напади на САД и Израел врз Техеран
Штети по воздушните напади на САД и Израел врз ТехеранФотографија: AFP

Кога започна нападот?

Првата вест за нападот врз Иран пристигна утрово во 7:15 часот (средноевропско време). Израелскиот министер за одбрана Израел Кац соопшти дека армијата извршила „превентивен удар“ врз Иран за да „елиминира закани“. Истовремено, израелската армија даде тревога за сите граѓани, а апликациите за предупредување ги алармираа корисниците.

Набргу потоа се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп и соопшти дека американските вооружени сили започнале голема борбена операција во Иран. Целта, според него, била да се заштити американскиот народ „со елиминирање на непосредната закана од иранскиот режим“, како што изјави во видео објавено на социјалните мрежи. Тој го обвини Иран дека развива ракети со долг дострел кои ги загрозуваат САД и други земји. Сега, според него, ракетите и ракетната индустрија ќе бидат уништени, а морнарицата „избришана“. Трамп предупреди и дека при ирански контранапади може да има и американски жртви: „Тоа често се случува во војна.“

Кои цели беа погодени?

Сѐ уште не е целосно јасно. Прво очевидци јавија дека во центарот на иранската престолнина Техеран имало повеќе експлозии. Луѓето панично бегале. Според иранските државни медиуми, експлозии имало и во други делови од градот. Пред бензинските пумпи се создале долги редици, а многу жители се обиделе да ја напуштат престолнината.

Колона во Техеран по нападите на САД и ИзраелФотографија: AFP

Во центарот на Техеран, меѓу другото, биле нападнати неколку министерства, изјавил владин претставник за агенцијата Ројтерс. Можно е да е нападната и резиденцијата на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Иранските државни медиуми јавија за експлозии во тој регион. Не е познато дали резиденцијата била директно нападната и каде се наоѓал Хамнеи во тој момент. Од ирански извори се наведува дека тој претходно бил однесен на безбедно место. Државните медиуми известија дека и претседателот Масуд Пезешкијан е добро. Репортери јавуваат за најмалку два големи столбови чад над престолнината.

Ред на бензинска пумпа во Техеран по израелско-американските нападиФотографија: Majid Asgaripour/WANA/REUTERS

Експлозии беа пријавени и во иранските градови Ком, Лурестан, Керманшах, Караџ и Табриз.

Израелскиот радиодифузен сервис јави дека биле таргетирани објекти на исламското раководство и армијата. Нападите биле насочени и кон објекти за „балистички ракети“. Според агенциски извештаи, американските напади врз Иран биле изведени од воздух и море.

Агенцијата Фарс утрово јави за масивни сајбер-напади врз земјата. На удар биле повеќе домашни новински агенции и клучни платформи, кои се соочувале со сериозни прекини. Меѓу нив биле и веб-страниците на новинските агенции Ирна и Исна. Агенцијата Фарс е блиска до Револуционерната гарда. Иран, соседниот Ирак и Израел го затворија својот воздушен простор за цивилни летови.

Дали Иран реагираше на нападот?

Околу два часа по првите вести за нападот врз Иран, од Израел беа пријавени ирански ракетни контранапади. Израелските власти прогласија воздушна тревога. Во северен Израел, според очевидци, се слушнале експлозии.

Иран претходните денови предупредуваше дека ќе возврати во случај на напад. Претседателот на безбедносната комисија, Ебрахим Азизи, утрово изјави: „Ве предупредивме. Сега тргнавте по пат чии последици веќе не се во ваши раце.“

Државите во регионот на Персискиот Залив

Германската амбасада во Тел Авив ги повика Германците во Израел строго да ги следат упатствата на безбедносните власти. „Останете особено блиску до соодветни засолништа“, напиша германскиот амбасадор Штефен Зајберт на платформата Х.

Иран соопшти дека нападнал четири американски воени бази во регионот – базата Ал-Удеид во Катар, базата Ал-Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал-Дафра во Обединетите Арапски Емирати и американската флота во Бахреин.

Катарското министерство за одбрана соопшти дека успешно спречиле низа напади врз нивната територија. Државната новинска агенција во Бахреин го потврди нападот врз снабдувачкиот центар на американската морнарица.

Луфтханза ги откажа сите летови до повеќе дестинации на Блискиот Исток. Воздушниот сообраќај до и од Дубаи ќе биде прекинат во сабота и недела, рече портпарол на компанијата. Летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман ќе бидат откажани до 7 март.

Бахреин: Чад по експлозија во МанамаФотографија: REUTERS

Дали станува збор и за промена на режимот во Иран?

Ниту Израел ниту САД не оставаат простор за сомнеж во тоа. Трамп им порача на граѓаните на Иран: „Дојде часот на вашата слобода.“ Тој ги повика Револуционерната гарда, иранските вооружени сили и полицијата да го положат оружјето. Во тој случај, им ветува целосен имунитет. Инаку, според него, ќе се соочат со сигурна смрт.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изутринава изјави дека нападите ќе му овозможат на иранскиот народ „сам да ја преземе контролата врз својата судбина“. Но што ќе произлезе од тоа засега останува нејасно.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми