1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Што сѐ се знае за протечените американски тајни документи?

Томас Лачан
12 април 2023

Повеќе од 50 документи на Пентагон, делумно класифицирани како тајни, се појавија на интернет и ја доведоа американската влада во незгодна ситуација. Што сѐ се знае досега за документите?

Министерство за одбрана САД Пентагон
Протечените документи потекнуваат од американското Министерство за одбранаФотографија: Liu Jie/Xinhua/picture alliance

Како документите се појавија на интернет?

На почетокот на март, дел од документите прво беа дистрибуирани на Дискорд, социјална мрежа која е особено популарна меѓу гејмерите. Серверот на кој првпат се појавија податоците, а кој во меѓувреме е исклучен, всушност бил наменет за популарната компјутерска игра Мајнкрафт, како и за една филипинска ѕвезда на Јутјуб. Истражувачката мрежа Белингкет контактираше со некои од учесниците во тамошната Дискорд-заедница. Според нив, во изминатите неколку месеци на други сервери на Дискорд биле објавени бројни други документи. Бидејќи овие сервери сега се исто така исклучени, овие тврдења не може да се проверат.

Досега во јавноста се познати неколку десетици документи кои од Дискорд го нашле својот пат до 4Чан, платформа на која фотографии може да се споделуваат анонимно и без претходна регистрација. Оттаму, тие беа споделени на Твитер и - особено на проруските - канали на Телеграм. Медиумите ширум светот станаа свесни за протечените документи дури околу еден месец по првичното објавување на Дискорд.

Карикатура на Сергеј ЕлкинФотографија: DW

Што има во документите?

Документите доаѓаат од американското Министерство за одбрана и содржат и извештаи од различни тајни служби, како што се ЦИА или Националната агенција за геопросторно разузнавање, односно централната институција за картографска анализа и извидување. Тие овозможуваат поглед на тоа како САД ги собираат своите разузнавачки информации, но и што мислат за различните геостратешки случувања во светот.

Русија/Украина: Особено експлозивни се деталните информации за текот на војната во источна Украина. Има карти на регионите Бахмут и Харков и еден вид детален календар за пратки на муниција од Западот. Од документите произлегува дека украинските вооружени сили се значително послаби отколку што претходно се тврдеше. Вашингтон е загрижен дека Украина нема да може да одбие уште една руска офанзива. Има празнини во украинската противвоздушна одбрана и веќе во мај може да дојде до тесни грла за муниција. Меѓутоа, во исто време, САД се инфилтрирале до највисоките кругови во руската војска и паравоената група Вагнер со цел што порано да го информираат Киев за можните руски планови за напад.

Протечените документи наведуваат и на кое ниво на ескалација на војната во Украина, Кина би била подготвена да ѝ испорача оружје на Москва - наводно веднаш штом Украина изврши напад на руска територија. Според друг документ, се вели дека египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и неговите највисоки воени функционери размислувале за снабдување на Русија со артилериски гранати и муниција - под строга тајност со цел „да се избегнат проблеми со Западот“. Се вели и дека групата Вагнер и од Турција побарала оружје и опрема за своите активности во Украина и Мали - иако останува нејасно до кој степен владата во Анкара знаела за ова. Во Јужна Кореја, пак, по барање од страна на САД, избил голем спор околу испораката на артилериска муниција во Украина. Досега Сеул не му дал на Киев никаква воена поддршка.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски - овде за време на посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Киев во средината на февруари - веројатно не реагирал радосно на протекувањето на документите на својот клучен сојузник во ВашингтонФотографија: EVAN VUCCI/AFP

Иран: Според протечените информации, американските разузнавачки служби ја следат и иранската нуклеарна програма и иранскиот безбедносен апарат користејќи информации од највисоките кругови. На пример, еден документ детално ги опишува подготовките на електроенергетскиот апарат во Техеран за посета на главниот нуклеарен инспектор на МААЕ, Рафаел Гроси.

Израел: Во февруари наводно лидерите на Мосад се изјасниле за протести против претстојните судски реформи и за активен повик на осуда на новата десноекстремна влада во Ерусалим. Израелската влада веднаш го демантираше ова, со укажување на традиционалната политичка неутралност на нејзината тајна служба.

Хаити: Документите што сега се објавени се фокусираат и на помали држави, кои не се толку важни во светската политика. На пример, во еден извештај се наведува дека руската група Вагнер во февруари отпатувала тајно на Хаити за да преговара со тамошната влада за можна поддршка во борбата против растечкиот криминал на банди.

Освен тоа, има извештаи и за политичката ситуација во Канада, Велика Британија, или на пример Унгарија.

Мосад е против судските реформи во Израел? Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ваквото тврдење го нарече „лажно“Фотографија: GPO

Дали информациите се вистинити?

Значи, објавените документи содржат експлозивни информации за периодот до крајот на февруари 2023 година. Дури и Пентагон во основа претпоставува дека документите се автентични.

Сепак, истражувачката мрежа Белингкет успеа да докаже дека барем дел од информациите се отпосле менувани - особено откако се појавија на проруските канали на Телеграм. Целта на фалсификатите била очигледно да се преувеличи воената сила на Русија, притоа прикажувајќи ја таа на Украина како помала отколку во оригиналните документи. Се чини дека овие фалсификати ги извршиле руски корисници на Телеграм, а малку е веројатно дека зад нив стоела руска тајна служба.

Кој стои зад протекувањето на податоците?

Засега нема конкретни докази. Американското Министерство за правда сè уште истражува. И покрај тоа што биле класифицирани како „тајни“, неколку стотици луѓе веројатно имале пристап до документите.

Шпекулациите дека тоа би можело да биде намерна погрешна трага што ја поставиле самите САД, се прилично нереални. Дипломатската штета во целиот свет е преголема, бидејќи многу од сојузниците на Вашингтон веќе реагираа луто. Досега нема докази и за тоа дека проруски хакери можеби успеале да ги добијат податоците.

Украински војници во близина на Доњецк - колку сега Киев треба да ги промени плановите?Фотографија: Genya Savilov/AFP

Германскиот експерт за сајбер-безбедност Томас Рид, кој спроведува истражувања во САД, смета дека се работи за ненамерна грешка. Тој ги видел повеќето од сликите. Во интервју за Дојчланфунк, Рид зборуваше за фотографии од печатени документи, од кои речиси сите се „преклопени“. Околу фотографираните документи можеле да се видат и други предмети, како нож, скршен Ајфон или прирачник за телескоп. Според Рид, можеби некој случајно ги нашол овие документи, ги фотографирал и ги објавил на интернет без претходно да размисли за последиците. На таква претпоставка би одговарал и многу необичниот дистрибутивен канал преку гејмерската мрежа Дискорд. Сепак, останува нејасно како ова лице дошло до документите.

Какви последици има протекувањето на документите?

Штетата од протекувањето е веќе значителна: круговите на американската влада зборуваат за најсериозно издавање тајни од аферата Викиликс во 2013 година. Гневно реагираа и неколку пријателски влади. Американската телевизија Си-Ен-Ен објави дека Украина веќе морала да промени некои воени планови. Во исто време, властите во Киев се обидуваат да го минимизираат значењето на протекувањето на податоците.

Владата на Јужна Кореја за голем дел од документите оцени дека се „фалсификувани“. И израелскиот премиер ги опиша информациите поврзани со неговата земја како „неосновани“ и „лажни“. Руската влада, пак, негираше каква било вмешаност во објавувањето на документите. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, истакна дека тие се „прилично интересни“ и дека сега „совесно се анализираат и дискутираат“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми