1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Што е договорено за мигрантите во Германија

Тагесшау | ЕМФ
7 ноември 2023

Побрзи постапки за азил и протерувања, кратење на услуги за барателите на азил, нов систем на финансирање на трошоците за бегалците - што е договорено во Берлин, на средба на сојузот и покраините посветена на мигрантите?

Борис Рајн, премиер на покраината Хесен, Олаф Шолц, канцелар и Штефан Вајл, премиер на покраината Долна Саксонија
Средба во Канцлерамтот на претставниците на сојузот и покраините (од лево кон десно: Борис Рајн, премиер на покраината Хесен, Олаф Шолц, канцелар и Штефан Вајл, премиер на покраината Долна Саксонија)Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Постапка за азил

Треба значителни и одржливо да се намали вкупниот број на луѓе кои доаѓаат во Германија преку миграција на бегалци. Постапките за азил за државјаните на земјите за кои стапката на признавање е помала од пет проценти треба да се завршуваат побрзо од досега. Целта е постапката за азил за нив и последователните судски постапки да завршуваат во рок од три месеци. Во сите други случаи, процедурите за азил генерално треба да завршат по шест месеци.

Трошоци за згрижување на бегалците

Почнувајќи од следната година, постојниот паушал за бегалци на сојузната влада ќе се претвори во паушална стапка зависна од бројот на луѓе кои бараат заштита („систем за дишење“). Од 2024 година, сојузната влада ќе плаќа годишна паушална стапка од 7.500 евра за секој барател на азил кој првпат поднесува барање. Во првата половина на 2024 година ќе има авансно плаќање од 1,75 милијарди евра. Новиот паушал и прилагодувањето на услугите за барателите на азил, според она што стои во заклучоците од средбата во Берлин, наредната година треба да доведат до олеснување за покраините и општините од околу 3,5 милијарди евра - документот се базира на овогодинешните бројки.

Од 2024 година, сојузната влада ќе плаќа годишна паушална стапка од 7.500 евра за секој барател на азил кој првпат поднесува барањеФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Намалување на бенефициите за барателите на азил

Во иднина, барателите на азил треба да добиваат таканаречени аналогни бенефиции во висина на редовната социјална помош по 36, а не по 18 месеци како досега. Освен тоа, услугите како што е храната во државните сместувалишта отсега ќе се пресметуваат во сумата која ќе им стои на располагање на бегалците. Сојузниот министер за финансии Кристијан Линднер (ФДП) на платформата X, поранешен Твитер, напиша дека тоа може да доведе до заштеда од една милијарда евра. Ова „ќе го олесни товарот не само на покраините и општините“, туку „ќе се намали и атрактивноста на германската социјална држава“.

Платежни картички наместо готовина

Сојузот и покраините сакаат да воведат платежни картички за бегалците со кои тие ќе можат да купуваат производи за секојдневна употреба без готовина. Ова би ја ограничило можноста на барателите на азил да префрлаат пари во своите матични земји, што понекогаш се смета за поттик за бегство во Германија. Покраините сега треба да развијат „национални минимални стандарди“ за платежни картички, а сојузната влада сака да ги поддржи во тоа. Моделот треба да биде подготвен за воведување до крајот на јануари 2024 година.

Сојузот и покраините сакаат да воведат платежни картички за бегалцитеФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Постапки за азил во трети земји

Сојузната влада сака да провери дали се можни постапки за азил надвор од Европа. Треба да се испита дали утврдувањето на статусот на заштита на бегалците во иднина може да се врши и во транзит- или трети земји, притоа почитувајќи ги Женевската конвенција за бегалци и Европската конвенција за човекови права.

Повеќе депортации преку миграциски договори

Одбивањето на многу земји на потекло да ги примат назад своите државјани е „една од најголемите пречки“ за повеќе депортации на одбиените баратели на азил, се вели во заклучоците од Берлин. Затоа, целта мора да биде склучување договори за миграција со таквите земји. Притоа поттик треба да се даде со понуди за легална имиграција на работна сила и квалификувани работници. Дискусиите за таквите договори сега треба да се „интензивираат на највисоко ниво“. Сојузната влада исто така сака да работи на заживување на договорот ЕУ-Турција.

Одбивањето на многу земји на потекло да ги примат назад своите државјани е „една од најголемите пречки“ за повеќе депортации на одбиените баратели на азилФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Гранични контроли

Стационарните контроли воведени во октомври на границите со Полска, Чешка и Швајцарија, според канцеларот Олаф Шолц, ќе бидат задржани - „долго“. Бегалците кои сакаат да дојдат во Германија од други земји на ЕУ, доколку е можно, треба да бидат директно вратени назад во тие земји. Затоа, според договореното, со согласност на соседната држава треба да се вршат контроли „пред германската граница и таму да се искористат опциите за отфрлање“.

Комисија за миграција

Сојузната влада, во координација со покраините, ќе формира комисија за решавање на прашањата за управување со миграцијата и подобра интеграција. Тука треба да се вклучат општествени групи - на пример цркви и синдикати, но и научници и претставници на организации кои се залагаат за интересите на барателите на азил.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми