Што е и какви задачи има Националната гарда на САД
10 јуни 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп ја испрати Националната гарда во калифорнискиот град Лос Анџелес, каде што има протести против депортација на нелегални имигранти.
Што е Националната гарда?
Националната гарда е дел од резервата на вооружените сили на САД и е поделена на Национална армиска гарда и Национална гарда на воздухопловството. Основана е во 1903 година врз основа на т.н. Закон за милиции. Во нејзината актуелна структура уредена е врз основа на федерални закони. Според Центарот за податоци за одбранбените сили, заклучно со 2023 година во Националната гарда служеле околу 419 илјади резервисти, од кои околу 9.500 се стационирани во Порторико, Гуам или на Девствените Острови (податоци од 2017 година).
Каде се користи Националната гарда?
Националната гарда има широк спектар на мисии и се користи како поддршка при катастрофи, како на пример за време на шумските пожари во Калифорнија во јануари 2025 година, или по ураганот Катрина во 2005 година. Над 50 илјади припадници на Националната гарда помагаа во евакуации, спасувачки операции и повторно воспоставување на ред и мир во Њу Орлеанс.
Гардата може да биде распоредена и за осигурување на внатрешната безбедност. При упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година, над 25 илјади припадници на Националната гарда беа стационирани во Вашингтон, каде се грижеа за безбедноста при инаугурацијата на претседателот Џо Бајден. За време на протестите за Џорџ Флојд, илјадници припадници на Националната гарда беа мобилизирани во неколку сојузни држави како поддршка за локалните полициски сили.
Националната гарда може да поддржува и воени операции во странство. Тоа се случуваше во Ирак и Авганистан.
Под чија команда е Националната гарда?
Ако резервистите се на задача во некоја сојузна држава, со нив командува тамошниот гувернер. Кога се работи за операции на федерално ниво, претседателот на САД е нивен врховен командант.
При распоредувањето во Лос Анџелес за време на протестите против рациите на ИЦЕ, американскиот претседател Доналд Трамп се повика на националната безбедност. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го критикуваше распоредувањето на припадници на гардата и ја обвини владата за „намерно“ разгорување на тензиите со таквата интервенција.
Кој е во Националната гарда?
Да се биде дел од Националната гарда во принцип е можно за сите граѓани на САД. Тие сепак мора да исполнуваат одредени законски услови, како и предуслови во врска со нивната физичка и ментална состојба. Повеќето припадници на Националната гарда служат во единиците покрај редовен работен однос, но има и професионални војници, чиј број е мал. Војници кои имаат отслужено воен рок во армијата може да аплицираат за служба во Националната гарда. Вообичаено не им е потребна дополнителна обука.
Втората опција е доброволно обврзување исклучиво за служба во Националната гарда без период на активна служба. Тогаш обуката се спроведува во институција на вооружените сили.
Обемот на ангажманот во Националната гарда е јасно дефиниран. Вообичаено, членовите се распоредени на должност еден викенд месечно и две недели годишно. За распоредување за време на викенд, припадниците на Националната гарда добиваат меѓу 200 и 600 долари, во зависност од нивниот чин, покрај надоместоците за сместување и храна, образовна поддршка и здравствено осигурување. Гардистите со подолг стаж може да имаат право на пензија.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик