1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Мировни преговори САД–Иран во Исламабад

ЖА /АРД
10 април 2026

Мировните преговори меѓу САД и Иран треба да започнат во Исламабад, по најавеното двонеделно примирје, но кревката ситуација и нападите во регионот ја доведуваат во прашање нивната успешност.

Војници пред претседателската палата во Исламабад пред преговорите САД-Иран
Првите мировни преговори меѓу САД и Иран се закажани да се одржат во Исламабад, Пакистан, но прекинот на огнот е веќе кревокФотографија: Asim Hafeez/REUTERS

По најавата за двонеделно примирје меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, вниманието на меѓународната јавност е насочено кон Исламабад. Во главниот град на Пакистан во наредните денови се очекува да започнат директни разговори меѓу  двете завојувани страни  за можна мировна спогодба. Сепак,  примирјето се смета за исклучително кревко,  а голем број прашања сè уште остануваат отворени.

Кој ќе учествува на преговорите?


Според Белата куќа, директните разговори треба да се одржат во сабота, 11 април. Американскиот претседател Доналд Трамп испраќа делегација предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џеред Кушнер, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Од иранска страна, според агенцијата Ројтерс, се очекува учество на претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи, иако други извори тврдат дека составот на делегацијата сè уште не е конечно утврден.

Иранскиот амбасадор во Пакистан, Реза Амири Могадам, на социјалната мрежа Х најави дека ирански преговарачки тим ќе пристигне во Исламабад уште во четврток навечер. Тој наведе дека, и покрај скепсата во иранската јавност поради наводните прекршувања на примирјето од страна на израелскиот режим, делегацијата доаѓа со цел сериозни разговори врз основа на планот од десет точки предложен од Иран. Објавата подоцна беше избришана без официјално објаснување.

Зошто Пакистан е посредник?


Пакистан ја презеде улогата на посредник откако традиционалните медијатори од Блискиот Исток, како Катар, се најдоа директно погодени од конфликтот. Земјата има долготрајни воено-економски врски со  САД и, поради својата географска позиција и границите со Авганистан, Иран, Кина и Индија, претставува важен регионален партнер на Вашингтон.

Истовремено, Пакистан одржува редовни контакти на високо ниво со Техеран. Оваа позиција му овозможи да работи на двофазна стратегија – прво постигнување примирје, а потоа создавање услови за преговори. Како што објаснува аналитичарот Кристијан Вагнер од германската Фондација за наука и политика, за Пакистан не станува збор само за меѓународен престиж, туку и за сопствени безбедносни интереси.

Какви се мерките за безбедност и влијанието на Либан?


Во Исламабад се воведени строги безбедносни мерки. Ангажирани се стотици дополнителни полицајци и паравоени единици, делови од градот се блокирани, а клучните патишта кон строго чуваниот владин кварт се затворени со контејнери. Хотелите каде што се очекуваат преговарачите се под посебен режим, а училиштата и државните институции ќе бидат затворени два дена.

Поради нападите врз Либан, бродскиот сообраќај во Ормускиот Теснец останува во голема мера запрен, според ирански извориФотографија: Raghed Waked/REUTERS

Масовните израелски напади врз Либан дополнително ги оптоваруваат разговорите. Иран му се закани на Израел со одмазда и го обвини за кршење на примирјето, додека министерот Арагчи побара САД да изберат меѓу прекин на огнот и поддршка за продолжување на војната. Несогласувања постојат и околу тоа дали Либан е опфатен со примирјето – Израел и САД тврдат дека не е, додека Пакистан претходно соопшти дека е вклучен.

Поради безбедносната состојба,  пловидбата низ Ормускиот Теснец  и понатаму е сериозно ограничена, а ирански извори наведуваат дека дел од нафтените танкери се принудени да се вратат.

Колкави се шансите за успех?


И покрај согласноста на САД за планот од десет точки пренесен преку Пакистан,  околу неговата содржина постои конфузија,  бидејќи, според новинската агенција АП, циркулираат две различни верзии. Клучни спорни прашања се иднината на иранската нуклеарна програма, безбедноста на Ормускиот Теснец, можното воведување такси за пловидба, како и барањата на Иран за повлекување на американските сили од регионот, укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите финансиски средства.

Политикологот Кристијан Мелинг оценува дека не е сигурно ниту дали разговорите навистина ќе започнат, додека претседателот  Доналд Трамп порача дека американските сили ќе останат распоредени во регионот до постигнување траен мировен договор, изразувајќи умерен оптимизам дека таков договор сепак е возможен.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми