1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генералштабот во Србија: реконструкција или нов инвеститор?“

Уна Сабљаковиќ
20 декември 2025

По повлекувањето на Џаред Кушнер од проектот за Генералштабот, Србија се соочува со дилема: реконструкција, нов инвеститор или правни ризици.

Зградите на Генералштабот во Белград 18.12.2025
Во Србија продолжуваат контроверзиите околу тоа што ќе се случи со зградите на ГенералштаботФотографија: Una Sabljaković

По одлуката на компанијата на Џаред Кушнер на 15 декември да се откаже од проектот за изградба на луксузен комплекс на местото на Генералштабот, во Србија се отворија нови прашања. Дали Владата ќе бара нов инвеститор? Дали архитектите ќе успеат да го спасат комплексот од рушење? И дали државата ризикува да плати оштета поради неисполнети договорни гаранции?

Владата на Србија и можноста за нов инвеститор

Архитектот Миљан Салата предупредува дека ситуацијата е неизвесна: „Колку што разбрав, вториот партнер е арапски инвеститор – компанијата Игл Хилс на Мохамед Алабар, која е присутна и во проектот Белград на вода. Без ПР-штитот на американскиот партнер и под медиумски притисок, прашање е дали ќе остане во проектот“.

И покрај тоа, Салата верува дека властите нема да се откажат и ќе бараат начин да го продолжат проектот. Слично мислење има и конзерваторката Естела Радоњиќ Живков од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата (РЗЗСК):
„Искуството покажува дека Владата на Србија на тој простор гледа како на локација за продажба и изградба, а не како на историски урбан простор со културни добра“.

Прашањата што се поставуваат се дали српската влада ќе се обиде да најде нов инвеститор за изградбата.Фотографија: Una Sabljaković

Правни ризици и потенцијална оштета

Медиумите споменуваат можност Србија да плати оштета на компанијата на Кушнер ако се утврди дека не ги исполнила гаранциите од договорот – меѓу кои е и отстранување на зградите на Генералштабот. Но, правниците предупредуваат дека „лекс специјалис“ со кој беше укинат статусот на културно добро е спорен и можеби неуставен.

„Ако се утврди дека одлуката е донесена спротивно на законот, одговорноста ќе биде кај носителите на политички одлуки, а не кај институциите за заштита“, вели Радоњиќ Живков.

Истовремено, Јавното обвинителство за организиран криминал поднесе обвинителен предлог против министерот за култура Никола Селаковиќ и други функционери за злоупотреба на службена положба и фалсификување документи при укинување на статусот културно добро на Генералштабот.

Претседателот Александар Вучиќ најави кривични пријави против сите кои „учествувале во уништување на инвестицијата“, што отвори дебата за притисок врз стручните институции.

Компанијата на Џаред Кушнер се откажа од проектот за изградба на луксузен комплекс во Белград на 15 декемвриФотографија: picture alliance / ZUMAPRESS.com

Архитекти и јавни дебати за реконструкција

Архитектите најавуваат отпор кон рушењето и предлагаат алтернативно решение: „Треба да понудиме визија за обновата на Генералштабот и да покажеме како може да се реконструира“, вели Салата.

Иако властите одамна ја отфрлија можноста за реконструкција, стручните анализи покажуваат дека конструкцијата е стабилна и дека е можно комбинирање на реставрација, реконструкција и современа адаптација.

Радоњиќ Живков потсетува дека вакви зафати се стандард во Европа и светот: „Дури и целосно уништени објекти се реконструираат – пример е Стариот мост во Мостар, кој по реконструкцијата стана дел од листата на УНЕСКО“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми