Насилството во Ирак запре... засега
30 август 2022
Речиси 24 часа, приврзениците на моќниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр ја држеа под опсада ткн. Зелена зона во главниот ирачки град Багдад, и водеа жестоки престрелки со безбедносните сили и со ривалските милиции. Како што започна насилството, така и заврши. Со еден збор „повлекување“ изговорен од свештеникот во вторникот, насилството запре. Неговите поддржувачи го положија оружјето и заминаа.
Тоа беше моќна порака за ривалите на ал-Садр поддржани од Иран како и за политичките елити во земјата, и показател за контролната моќ на свештеникот врз своите стотици илјади следбеници, но и еднакво опасен пример за штетата која тие можат да и ја направат на поделената земја.
Откако повика на повлекување, ирачките лидери, вклучително и техничкиот премиер, му изразија благодарност на ал-Садр и ја поздравија неговата воздржаност.
Ал-Садр одамна го црпи своето политичко влијание од способноста истовремено да ги контролира своите следбеници за да ги дестабилизира улиците, но и исто толку брзо да ги врати во ред. Неговата најава во понеделникот дека се повлекува од политиката им покажа на Ирачаните што би се случувало доколку тој глас на воздржаност си замине: хаос, уништување и смрт.
Протестите и жестоките судири кои однесоа 30 животи и оставија над 400 повредени засега завршија, но политичкиот ќорсокак во земјата е далеку од завршен.
Кој е Муктада ал-Садр?
Ал-Садр е популистички свештеник кој прерасна во симбол на отпорот против американската окупација на Ирак по инвазијата во 2003 година. Тој формираше милиција, наречен Махди Армија, која подоцна се распушти и од неа произлегоа Сараја Салам- Мировните бригади.
Тој се претставува себеси како непријател и на САД и на Иран, и се позиционира како националист со анти-реформска агенда. Во суштина, тој е системска фигура со големо влијание во ирачките државни институции преку именување на клучни државни службеници.
Ал-Садр го влече своето влијание од семејното наследство. Тој е син на Големиот Ајатолах Мохамед Садек ал-Садр, кој беше убиен во 1999 година поради критикување на поранешниот диктатор Садам Хусеин.
Ал-Садр подоцна влезе во политиката и изгради репутација на непредвидлив и театрален политичар кој често ги повикува своите следбеници на акција за да добие предност пред ривалите. Преку оваа стратегија, тој стана моќен играч со жестоко посветени следбеници концентрирани во најсиромашните четврти на Ирак. Најголемиот дел од неговите лојалисти кои ја нападнаа Зелената зона се невработени кои за тоа ги обвинуваат ирачките политички елити.
Во 2021 година, партијата на ал-Садр освои мнозинство места на парламентарните избори, но недоволно за да формира влада. Неговото одбивање да преговара за влада со шиитските партии поддржувани од Иран ја фрли во земјата во длабока политичка криза која трае веќе 10 месеци.
Опасноста од судирите
Последните судири го доведоа Ирак на работ на улична војна и се последица на повеќемесечните политички тензии и битка за превласт меѓу ал-Садр и про-иранските шиитски партии за формирање на нова влада. Ривалите на ал-Садр се подготвени да прифатат нови избори, но не можат да се усогласат околу механизмите за нивно спроведување. Сѐ додека корените на конфликтот остануваат нерешени, насилството повторно може да се разгори. Најголемата опасност за стабилноста на Ирак е ескалација на вооружените судири на парамилитарните формации на ривалските шиитски табори.
Тоа веќе се случи надвор од главниот град Багдад, откако милициите лојални на ал-Садр ги нападнаа седиштата на про-иранските партии во јужните провинции на државата- потег што може да предизвика одмазднички напади од другата страна, како што веќе се случуваше во минатото.
Тоа е сценариото од кое најмногу се плаши соседен Иран, кој има огромно влијание во Ирак. Иранските претставници, вклучително и врховниот лидер Ајатолахот Али Хаменеи, постојано ги повикуваат шиитските фракции на единство и се обидуваат да најдат заеднички јазик со ал-Садр. Но свештеникот ги отфрла тие барања, одлучен во намерата да формира влада без про-иранските групи.
Шиитските муслимани во Ирак беа жестоко угнетувани со децении за време на сунитскиот режим на Садам Хусеин. Нешто помалку од две-третини од жителите на Ирак се шиити, додека една третина се сунити. Сега, шиитите се во меѓусебен конфликт, поделени меѓу оние кои се поддржани од Иран и оние кои се сметаат за ирачки националисти, во битка за моќ, власт и државните ресурси.