Што ќе стори Мерц со должничката кочница на Германија?
26 февруари 2025
Многу работи во Германија пропаднаа поради недостаток на пари. Поради тоа, меѓу другото, се распадна и доскорешната германска влада составена од СПД, Зелените и ФДП. При составувањето на буџетот за 2025 година недостигаа 25 милијарди евра. Социјалдемократите и Зелените сакаа да ја пополнат дупката со заеми, додека ФДП категорично ги отфрли новите долгови и сакаше да ги намали социјалните издатоци. Бидејќи трите партии не можеа да постигнат договор, коалицијата пропадна во ноември 2024 година.
Германија затоа нема усвоен буџет за 2025 година. Ова е една од првите задачи на новата сојузна влада. Конзервативните партии ЦДУ и ЦСУ, кои заедно се нарекуваат партии на Унијата или само Унија, победија на парламентарните избори. Тие за идната владина коалиција сакаат да преговараат со СПД. Меѓутоа, кај потенцијалните владини партнери постојат различни идеи за темата јавни финансии.
Што е должничка кочница?
Државата може да го троши само она што го заработила, тоа е наведено во германскиот устав - во член 115 од Основниот закон. Оваа одредба односно кочница за задолжување на земјата, накратко наречена должничка кочница, дозволува кредити само во ограничени рамки, до 0,35 отсто од брутодомашниот производ. Исклучоци се можни само во вонредни ситуации, како природни катастрофи и сериозни економски кризи.
Но, даночните приходи повеќе не се доволни за да се платат сите претстојни задачи на владата. Растечките трошоци за војската, поддршката за Украина, рехабилитацијата на дотраената инфраструктура, климатската трансформација на земјата, заостанатата дигитализација - сето тоа голта милијарди.
Унијата смета дека должничката кочница е исправна
ЦДУ/ЦСУ во суштина сакаат да се придржуваат до должничката кочница. „До каде всушност сакаме да го однесеме нашиот долг?“, праша лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц, веројатниот иден германски канцелар, за време на изборната кампања. „Верувам дека имаме обврска и кон нашите деца кои во одреден момент ќе треба да го вратат.“
Во 2024 година, сојузната влада собра околу 440 милијарди евра од даноци. Ако се соберат приходите на сојузната влада, покраините и општините, вкупниот износ бил околу 960 милијарди евра. Унијата тврди дека тоа би требало да е доволно. „Ќе мораме да поставиме нови приоритети во буџетот, што значи дека повеќе не можеме да посакуваме сè“, рече Мерц.
Штедење и стимулирање на економијата
Ќе треба да се ограничат субвенциите и да се намали јавната администрација. Унијата гледа потенцијал за заштеди, пред сѐ во социјалните издатоци. Наместо да добиваат државна поддршка, повеќе луѓе треба да се вратат на работа .
Унијата се потпира и на зголемување на даночните приходи преку економски раст. Сепак, во својот годишен економски извештај, германската влада очекува раст од само 0,3 отсто за 2025 година и 1,1 отсто за 2026 година. Економските експерти предупредуваат дека тоа нема да се промени наскоро.
Пофлексибилно ракување со должничката кочница?
Уште пред изборите за Бундестагот, СПД, Зелените, синдикатите, но и многу сојузни држави и деловни здруженија побараа да се олабават ограничувањата за задолжување за инвестиции. Кочницата за задолжување ја нарекуваат „кочница на иднината“. Германија се уништува со штедење.
Сојузната Република може да си дозволи повисоки нивоа на задолжување. „САД имаат национален долг од над 120 отсто од брутодомашниот производ, Германија тоне кон 60 отсто“, пресмета актуелниот канцелар Олаф Шолц пред изборите. Други економски силни земји како Италија, Франција, Велика Британија, Канада и Јапонија исто така имаат национален долг од над 100 проценти.
Трошоци за одбрана: Растечки трошоци за Бундесверот
Издатоците за војската се трошоци кои постојано се зголемуваат. По падот на Берлинскиот ѕид, Бундесверот со години беше смалуван и сè послабо финансиран. Кога земјите на НАТО во 2014 година се согласија годишно да издвојуваат два отсто од својот брутодомашен производ за одбрана, Германија беше далеку од постигнување на оваа цел.
Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, Бундестагот одобри специјален фонд финансиран со кредит од 100 милијарди евра за опремување и вооружување на Бундесверот. Парите треба да се трошат во текот на неколку години како додаток на годишниот буџет за одбрана. Во 2024 година буџетот за одбрана изнесуваше 52 милијарди евра, плус 20 милијарди евра од специјалниот фонд.
Се очекува овие 100 милијарди евра да се потрошат до 2027 година. Во исто време се очекува да се зголеми и квотата на НАТО. Според последните пресметки од Брисел, трошоци од над три отсто од БДП за одбрана ќе бидат потребни за да се одржи воената способност на Алијансата.
АфД и Левица можат да ги блокираат измените на Уставот
Според пресметките на германскиот Сојузен завод за статистика, брутодомашниот производ во 2024 година ќе изнесува околу 4,3 трилиони евра. Два отсто од тоа се 86 милијарди евра. Повеќе од три проценти би биле до 150 милијарди евра. За споредба - целиот буџет на СР Германија за 2024 година изнесува 474 милијарди евра.
Дури и ЦДУ/ЦСУ не можат да ги игнорираат овие бројки. Но, реформата на должничката кочница ќе биде тешко остварлива во новиот Бундестаг. Либералната ФДП повеќе нема да биде застапена. ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелените заедно повеќе нема да имаат двотретинско мнозинство неопходно за измена на Уставот.
Левица не сака да финансира трошоци за војската
Екстремно десничарската АфД и Левицата имаат блокирачко малцинство и можат да блокираат сѐ за што на Бундестагот му е неопходо двотретинско мнозинство. АфД е строго против олабавување на должничката сопирачка. Партијата на Левицата би сакала да ја укине, но само за да има повеќе пари за социјални издатоци. Велат дека нема да гласаат за повторно вооружување.
Ден по изборите за Бундестагот, сè уште актуелниот министер за економија од редовите на Зелените, Роберт Хабек предложи брзо реформирање на должничката кочница со актуелниот состав на Бундестагот. Германскиот парламент ќе продолжи да функционира во сегашниот состав до конституирање на новиот Бундестаг. Ова се очекува да се случи на 24 март.
Мнозинството граѓани сакаат да се олабави должничката кочница
Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц сака во наредните денови да разговара со СПД, Зелените и со ФДП за тоа што сè уште може да се одлучи во актуелниот состав на Бундестагот до крајот на март. Меѓутоа, во вторникот (25 февруари), тој рече дека „во блиска иднина не доаѓа предвид реформирање на должничката кочница“. Лидерот на ЦСУ и баварски премиер Маркус Зедер даде слични коментари. Дали наместо тоа ќе биде создаден нов специјален фонд за Бундесверот? За ова би било потребно и двотретинско мнозинство во Бундестагот.
Можните промени на должничката кочница со години се сметаа за крајно непопуларни. Меѓутоа, според истражувањето на Форса нарачано од Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП), 55 отсто од Германците во моментов се за реформирање на кочницата за задолжување или дури и за нејзино целосно укинување. Само 42 отсто сакаат таа да остане непроменета.