1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Што очекува Грција од Аналена Бербок?

29 јули 2022

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска во Атина се среќава со својот грчки колега Никос Дендијас. Набргу потоа лета за Турција. Дали Бербок може да посредува меѓу двете земји?

Annalena Baerbock im DW-Interview
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во интервју за ДВ на 20.07.2022Фотографија: DW

Тензиите помеѓу Грција и Турција во Егејското Море опасно се зголемуваат со месеци. Турски борбени авиони редовно летаат над населени и ненаселени грчки острови во овој спорен регион меѓу двете земји. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган постојано повторува дека веќе не сака никаков контакт со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу се заканува дека ќе го оспори суверенитетот на Атина над неколку грчки острови во источниот дел на Егејско Море. А националистичкиот политичар Девлет Бахчели, кој со својата партија МХП е коалициски партнер на АКП на Ердоган, дури позира со мапи на кои големите грчки острови како Лезбос, Самос и Крит се означени како турски.

Што очекува Грција од германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која денеска (29.07) е во посета на Атина и веднаш потоа заминува за Турција? Дали грчката влада сака германско посредување за смирување на тензиите со Турција?

Националистичкиот турски политичар Девлет Бахчели позира со карта на која источниот Егеј и Крит се прикажани како турска територијаФотографија: Ülkü Ocakları

Сомнежи во врска со германската солидарност

„Германско посредување за деескалација на тензиите со Турција би било за поздравување“, изјави за ДВ Георгиос Пагулатос, директор на Елиамеп, најважен грчки тинк-тенк. Сепак, грчката влада од Берлин не сака „политика на еквидистанца“ кон Грција и Турција. „Како ЕУ-партнер, Грција очекува активна поддршка од Германија, особено со оглед на ревизионизмот и агресивното однесување на режимот на Ердоган кон една европска демократија“, вели Пагулатос.

Очигледно во Грција има сомнежи во солидарноста на Берлин кога е во прашање конфликтот со Турција. Јоргос Катругалос, политичар од левичарската опозициска партија Сириза и грчки министер за надворешни работи во 2019 година, во интервју за ДВ критикува дека јазикот на германската влада кон Турција е многу поблаг од оној на Европскиот совет. За потсетување, во март 2018 година Европскиот совет, тело на шефови на држави и влади на ЕУ, „остро ги осуди тековните незаконски активности на Турција во Источното Средоземје и Егејското Море“ и ја повика Турција да ги прекине овие активности. Бидејќи Турција не реагираше на ова, Европскиот совет во јуни 2019 година побара од Европската Комисија да предложи „целни мерки“, односно санкции против Турција.

Турскиот претседател Ердоган на воени маневри во близина на Измир на почетокот на јуни 2022 годинаФотографија: Turkish Presidency via AP/picture alliance

Првично планираната посета беше одложена

Сепак, Катругалос во моментов не размислува многу за иницијативи за посредување: „Ние сметаме дека постојат директни канали за комуникација помеѓу Атина и Анкара и дека ЕУ треба да ја промовира нашата заедничка позиција кон Турција“, вели тој. ЕУ мора да ги исполни своите ветувања - и да ѝ се закани на Турција со санкции доколку таа не ја намали својата политика на агресија, уверен е Катругалос.

Аналена Бербок одамна е информирана за грчките грижи. Првично, таа сакаше да се сретне со својот грчки колега Никос Дендијас во Атина на почетокот на јуни, а потоа требаше да отпатува за Анкара. Инфекцијата со коронавирус го преврте нејзиниот распоред наопаку, па патувањето мораше да се одложи. Во неколкуте изминати недели оттогаш, грчко-турските односи не се подобрија. Напротив.

„Жешка“ епизода во Егејот?

Грчката загриженост се зголемува секојдневно, зашто реториката на Ердоган станува сѐ поостра. Пагулатос не отфрла можна „жешка“ епизода со Турција во средината на летото: „Агресијата на Турција е загрижувачка“, вели тој. Турција систематски поставува нови барања, нагласува Пагулатос: од теоријата за таканаречените „сиви зони“ - ненаселени грчки острови кои Турција ги смета за турски - до барањето демилитаризацијата на грчките острови во Егејското Море да е услов за нивниот грчки суверенитет.

ЕУ мора да ѝ се закани на Турција со санкции доколку таа не ја намали својата политика на агресија, уверен е КатругалосФотографија: Privat

Освен тоа, има и прелети на турски борбени авиони над населени грчки острови и обвинувања дека Грција го поддржува курдскиот „тероризам“, слично како и многу други европски земји. Пагулатос вели дека му е јасно оти турскиот претседател Ердоган промовира тензии и антизападни теории на заговор со цел да добие поени на домашен терен.

Нема канал за комуникација помеѓу Атина и Анкара

Загриженост поради можна „жешка“ епизода во текот на летото има и политикологот Сотирис Сербос, советник за надворешна политика на Никос Андрулакис, новиот претседател на социјалдемократската партија ПАСОК. Главната причина за загриженост е моменталниот недостаток на отворен, сигурен канал за комуникација помеѓу Атина и Анкара, вели тој за ДВ.

- повеќе: Турција и Грција: Ледено доба среде лето

Дали Германија би можела да го затвори овој јаз и да дејствува како посредник? Сербос е скептичен. Грчката влада во последните години повеќе инвестираше во односите со САД и Франција и затоа очекува повеќе од Вашингтон и Париз отколку од Берлин, смета политикологот. Опозицискиот политичар Катругалос е уште појасен во критиките: Мицотакис одлучил да им „даде на Американците сè", вели тој.

Во исчекување на јасни зборови

Во Атина не се очекува спектакуларна иницијатива за посредување од Аналена Бербок. Неколку јасни зборови од германската министерка за надворешни работи до Анкара засега би биле доволни.

- повеќе: Нови воени бродови, авиони, хеликоптери: Зошто Грција наголемо се вооружува?

Меѓутоа, за Атина би било уште подобро доколку Бербок објави дека Германија ќе ја запре испораката на германски подморници за Турција. Во Грција се премногу јасни сеќавањата на јануари 2021 година, кога Зелените, во тоа време сè уште во опозиција, побараа од тогашната сојузна влада да ја запре испораката на германски подморници за Турција. Вакви големи очекувања од Зелените, кои сега се дел од владата, Атина веќе нема.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми