1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што очекува Украина од АТАЦМС-ракетите против Русија

Лилија Ржеутска
20 ноември 2024

На Киев сега му е дозволено да користи западни ракети против цели во Русија под одредени услови. Долгоочекуваната дозвола од една страна е добредојдена, а од друга критикувана.

Американска ракета со долг дострел АТАЦМС
Американска ракета со долг дострел АТАЦМСФотографија: abaca/picture alliance

Украина со месеци бараше зелено светло од САД и другите партнери за употреба на ракети ATAЦМС (Армиски тактички ракетен систем) со дострел од 300 километри против цели во внатрешноста на Руската Федерација. Барањето е дел и од победничкиот план што украинскиот претседател Володимир Зеленски во октомври го претстави во САД и други земји. Сепак, граѓаните и украинското раководство сѐ уште внимателно реагираат на веста за укинување на ограничувањата, на кои Киев толку долго чекаше.

Извештаи во западните медиуми

На 17 ноември западните медиуми, повикувајќи се на информирани извори, објавија дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја укинала забраната за употреба на американско оружје за напади врз цели во Русија. Ова се однесува на ракетите ATAЦМС кои беа испорачани во Киев. Порталот Аксиос подоцна објави дека одлуката на САД се однесува само на регионот Курск во Русија, каде што во меѓувреме се стационирани војници од Северна Кореја.

Претседателот Зеленски беше иритиран од овие извештаи. „Планот за зајакнување на Украина е планот за победа што им го претставив на нашите партнери. Една од главните точки предвидува поголем досег на нашата армија. Денеска во многу медиуми се зборува дека сме добиле дозвола да преземеме таква акција. Но, удари не се задаваат со зборови. Такви работи не се најавуваат. Ракетите ќе зборуваат за себе“, објасни тој.

„Ракетите ќе зборуваат сами за себе“: Украинскиот претседател Володимир Зеленски во септември го посети американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон Фотографија: SvenSimon-ThePresidentialOfficeUkraine/picture alliance

Реакции од граѓани и експерти

На социјалните мрежи има измешани оценки во врска со укинување на ограничувањата за употреба на западни ракети - барем на оние за оддалеченост до 300 километри и за регионот во кој се концентрирани севернокорејските трупи. Некои одлуката на САД ја опишуваат како доцна и еднострана, но долгоочекувана и неопходна. Сепак, многумина изразуваат гнев поради тоа што укинувањето на ограничувањата беше најавено уште пред Украина да може да нападне воени цели во Русија. Некои го одбележаа 17 ноември во нивниот календар како „ден на почеток на ескалацијата“.

Украинските експерти, пак, посочуваат дека укинувањето на ограничувањата за употреба на ракетите ATAЦМС значи одредено изедначување на Украина во војната. Такво мислење има и шефот на Украинскиот центар за безбедност и соработка, воениот експерт Серхиј Кусан. „Оружјето со поголем дострел значи паритет, бидејќи Русите можат да ги нападнат Украинците на длабочина од 1.600 до 2.500 километри, па затоа тие треба да имаат еднакви способности“, вели Кусан за ДВ.

Експертот смета дека одлуката на САД во врска со употребата на ракетите ATAЦМС доаѓа малку предоцна, но сепак е важна. Кусан е сигурен дека укинувањето на овие ограничувања значително ќе ја зајакне офанзивната способност на Украина, што ќе влијае на ситуацијата на фронтот во иднина - особено во одбивањето на нападите на руско-севернокорејските сили во областа Курск. „Јасно е дека Русите сакаат што е можно побрзо да ја елиминираат украинската контрола врз делови од рускиот регион Курск. Затоа американската влада ги укина ограничувањата за Украина и се фокусираше на оперативната област во регионот Курск. Но, треба да обрнеме внимание и на тоа колку ракети ATAЦМС има Украина, што не е помалку важно за ефикасно погодување цели во Русија“, нагласува Кусан.

„Зошто на Киев да не му се даваат истите можности?“

Според него, на Украина не треба да ѝ се дозволи да напаѓа само цели во областа Курск. „Русите ескалираат, доведуваат севернокорејски трупи и на тој начин ослободија дополнителни резерви за делот од фронтот кај Покровск и Курахове. Зошто на Киев да не му се даваат истите можности долж целиот фронт“, прашува експертот.

Борби во регионот Курск (фото: украински тенк)Фотографија: DW

Костијантин Машовец, воен експерт од невладиниот проект „Група 'Информативен отпор'“, смета дека употребата на ракетите ATAЦМС може да им овозможи на украинските вооружени сили да извршат ефективни напади во руската заднина, каде што се наоѓаат логистичките сили и командните пунктови. „Ова може да го отежне маневрирањето на непријателот“, нагласува тој. Според него, мора да се очекува дека украинските вооружени сили нема да прават разлика меѓу севернокорејските и руските граѓани. „Доколку има дозвола, тие би биле нападнати“, рече експертот.

Аргумент во преговорите?

Олександар Крајев од центарот за анализа Украинска Призма, специјализиран за надворешна политика и меѓународна безбедност, вели дека укинувањето на ограничувањата за употреба на ракети со поголем дострел против воени цели во Русија ќе помогне да се зајакне позицијата на Украина во идните преговори. „Ова може да биде аргумент во дискусиите: Украинците не ја напаѓаат територијата на Руската Федерација, а Русите ја напуштаат територијата на Украина“, вели експертот за ДВ.

Крајев верува дека сегашните ограничувања во однос на регионот Курск и опсегот од 300 километри, исто така, може постепено да се укинуваат и дека Киев на крајот ќе го добие она што го сака. „Во моментов, партнерите се ограничија на регионот Курск за да видат како Русија ќе реагира. Но, времето ќе покаже дали Русија воопшто ќе реагира и дали ќе дојде до ескалација од која Западот толку силно се плаши. Тој само треба да се убеди дека до такво сценарио нема да дојде“, оценува Крајев.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми