1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоБосна и Херцеговина

Што по потврдувањето на обвинението против Додик?

Драган Максимовиќ
12 септември 2023

Судот на Босна и Херцеговина го потврди обвинението против претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Дали блокадата на ентитетските линии може да се „засили“ со повлекување на РС од институциите на БиХ?

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик
Претседателот на Република Српска, Милорад ДодикФотографија: Dragan Maksimović/DW

„Здружен злосторнички потфат“, „Диктатура“, „Обид за развластување на Република Српска“, „Продолжување на политичката хајка“, „Свесно предизвикување неред и криза“. Овие тези се на самиот врв на реакциите на политичарите од Република Српска, откако Судот на Босна и Херцеговина го потврди обвинението против претседателот на РС Милорад Додик и директорот на Службен весник Милош Лукиќ. Слично како пред еден месец кога Обвинителството на Босна и Херцеговина го испрати обвинението до Судот на Босна и Херцеговина на потврда, само многу построго, знакот за еднаквост меѓу Додик и РС повторно беше ставен преку напад врз институциите на ентитетите.

„Нападот врз поединец, во овој случај врз претседателот на Република Српска, Милорад Додик, секако е напад врз цела Република Српска и тоа е важно да се повтори, бидејќи ова е уште една потврда за она што претставува наметната рамка наречена Босна и Херцеговина и што се разликува од сето она што беше договорено и меѓународно потврдено во Дејтон“, категоричен е ентитетскиот премиер Радован Вишковиќ, тврдејќи дека со Босна и Херцеговина управуваат странци.

„Какво обвинение“

За српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, тоа е продолжение на политичката хајка на РС и на нејзините функционери. Намерата, вели, е да се скршат и отстранат оние што го спречуваат незаконското одземање на имотот и натамошното развластување на РС.

„Само во Босна и Херцеговина е можно неизбран странец, заедно со нелегален висок претставник, да се стави над демократски избраните институции и да ги менува законите, апсолутно надвор од овластувањата дефинирани со Дејтонскиот договор, а потоа врз таа основа да се пресмета со избраниот, легален и легитимен претседател на РС“, посочи Цвијановиќ, која заедно со целото раководство на РС е на американската листа на санкции поради донесувањето на законите поврзани со необјавувањето на одлуките на Уставниот суд и високиот претставник на територијата на РС.

Тоа беше причина Обвинителството на Босна и Херцеговина да поднесе обвинение против Додик и Лукиќ, бидејќи првиот го потпиша Указот за објавување на законот, а вториот како в.д. директорот на Службен весник на РС, веднаш тоа го објави. Само два дена пред да биде потврдено обвинението, Додик изјави дека тоа е фарса.

„Какво обвинение, јас не живеам со него“, рече Додик, додавајќи дека новинарите повеќе се занимаваат со темата отколку што него воопшто го интересира.

Високиот претставник за БиХ, Кристијан ШмитФотографија: Armin Durgut/PIXSELL/picture alliance

Силен одговор за одбрана на мирот

Во одбрана на коалициониот партнер излезе претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, првиот човек на Обединета Српска. Тој е убеден дека обвинението претставува напад врз мирот и Дејтонскиот договор, но дека РС ќе има соодветен и законски дефиниран одговор.

„Тоа е заеднички десант, напад врз институциите на Република Српска. Република Српска не се плаши од обвинението, тие треба да се плашат од нашите одговори. Ова е напад на мирот, на Дејтонскиот договор, обид незаконските одлуки на нелегалниот висок претставник да произведуваат правни последици“, рече Стевандиќ.

На 1 јули, високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, наметна дополнувања во Кривичниот законик на БиХ, со кои се предвидува затворска казна до пет години за непочитување на одлуките на високиот претставник. Случајно или не, само неколку часа пред потврдувањето на обвинението, целосна поддршка на Додик му дадоа политичките ветерани на СНСД Небојша Радмановиќ и Никола Шпириќ, членови на раководството на двата дома на државниот парламент. Тие предупредуваат дека „подолго време ги следат активностите на Шмит насочени кон дерогирање на уставните позиции и законите на Република Српска, при што тој не само што не ги почитува нејзините институции и легално избраните претставници, туку и директно работи на нивното рушење“.

Заменик-претседателот на Советот на министри на БиХ, Сташа Кошарац, непосредно пред одлуката на Судот на БиХ, за денеска закажа и состанок на српските претставници во Советот на министри. Не е исклучено, вели, ни повлекување од институциите на Босна и Херцеговина.

На ред е изјаснувањето за вината

За опозицијата, работата е јасна од самиот почеток. Тоа е, тврдат, политичка игра од која не очекуваат ништо.

„Ова е политичко-судска претстава. Во секој случај, тоа ќе внесе некаква тензија. Според мене, сето ова е неважно. Не се радувам на потврдата на обвинението против Додик“, изјави претседателот на ПДП Бранислав Бореновиќ.

Адвокатот Владо Адамовиќ се враќа на судскиот процес и тоа што обвинение не значи осудителна пресуда. Тој вели дека треба да му се дозволи на Судот на Босна и Херцеговина да си ја врши работата.

„Не е неопходно пресудата да биде осудителна, бидејќи законот предвидува и ослободителна пресуда. Ќе видиме. Сега веќе можеме да очекуваме повик за изјаснување за вината. Би апелирал ова да биде редовна судска постапка, да не ѝ се придава поголемо внимание“, изјави Адамовиќ за Н1, кој очекува  во овој случај да се разговара за нелегитимноста на високиот претставник од една страна и за неспроведувањето на неговите одлуки од друга страна.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми