Пристигна сезоната на настинки и грипови. Еве што знаеме за некои од најпопуларните лекови кои ветуваат барем малку олеснување кога боледувате.
Реклама
Повторно дојде тој период од годината, кога затнат нос и здодевна кашлица почнуваат да се појавуваат насекаде. Има една изрека дека ако лекувате настинка, таа поминува за седум дена, ако ја оставите намира, таа поминува за една недела. Затоа, лекарите најчесто препорачуваат одмор и исчекување на симптомите.
Со генерации, безброј домашни лекови, како шолји топол чај или супи и разни билки, помагаат за справување со симптомите на настинка и грип, како што се болки во грлото или затнатост. Научниците истражувале колку се ефикасни некои од тие народни лекови, колку често треба да се користат и кои комбинации најдобро функционираат. Но, студиите често се мали или не покажуваат меродавен заклучок.
Сепак, експертите признаваат дека нема никаква штета во усвојувањето практики кои можат да направат да се чувствувате подобро кога сте болни, дури и ако тие на крајот даваат плацебо ефект.
Еве што знаеме и што не знаеме за некои од најпопуларните лекови кои ветуваат барем малку.
Зајакнување на имунолошкиот систем: витамин Ц, бозел и цинк
Постојат некои докази кои сугерираат дека одредени витамини и состојки во домашните лекови - како витамин Ц, бозел и цинк - можат, во најмала рака, да го стимулираат имунолошкиот систем и малку да го скратат времетраењето на симптомите.
За ефективноста на витаминот Ц сè уште се дебатира. На пример, телото не е во можност да складира високи дози на витамин Ц, како оние што се наоѓаат во суплементите, а вишокот на витамин Ц обично се излачува преку урината. Некои клинички испитувања покажаа дека времето кога земате витамин Ц може да биде од клучно значење за неговата ефикасност: сеопфатна мета-анализа на испитувања на витамин Ц објавена во 2013 година, на пример, сугерира дека редовното земање, дури и пред да почнете да се чувствувате болни, може да го скрати времетраењето на настинката за еден ден или повеќе. Но, земањето витамин Ц откако веќе сте развиле симптоми не покажува позначајни придобивки.
Витамин Ц: Добар за имунитет и за сузбивање на инфекции
Токму во време на Ковид-19 е особено важно да се има функционален имунолошки систем. На телото затоа му се потребни доволно микронутриенти, на пример витамин Ц. А него го има во овошјето и зеленчукот.
Фотографија: picture-alliance/Zoonar/D. Freigner
Јади ме!
Најголем дел од животните - цицачи можат да го синтетизираат витаминот Ц, значи сами да го произведуваат. Но, не и луѓето. Ние мораме да го земаме преку храната. Витаминот Ц го има во киви, портокали и грејпфрут, но и во зеленчук како прокељ, брокула и пиперка. За жал, тој е чувствителен на температура, затоа, внимавајте при готвењето!
Фотографија: picture-alliance/Zoonar/S. Schnepf
Помалку мистерија, повеќе биохемија
Витаминот Ц не е важен само за старите луѓе, болните и вегетаријанците. Неговите биохемиски функции во секое тело се исти и подеднакво важни. Витаминот Ц спаѓа во микронутриенти, кои на организмот не му даваат енергија, но сепак се есенцијални за неговите основни функции. Во нив се вбројуваат метаболизмот и нашиот одбранбен систем.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gabbert
Радикален ловец на слободни радикали
Како антиоксидант, витаминот Ц ги редуцира штетите кои ги предизвикуваат т.н. слободни радикали, штетни молекули кои ја нарушуваат структурата на здравите ткива во организмот. Овие радикали настануваат при нормалните процеси на метаболизам. Но штетни материи, како на пример цигарите, водат до оксидативен стрес и зголемено настанување на слободни радикали, па се зголемува и потребата од витамин Ц
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Rothermel
Јагоди за ензимски активности
Витаминот Ц од овие јагоди во човечкото тело не се користи само за заштита од слободни радикали, туку тој е важен т.н. кофактор при цела редица ензимски активности, како на пример синтеза на протеинот колаген. Колагенот е дел од тетивите, коските, рскавицата и кожата. Бавно и лошо заздравување на некоја рана од оваа причина може да е знак за недостиг на витамин Ц во организмот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Противнапад со помош на грејпфрут
На телото му е потребен витамин Ц за да може да се одбрани од инфекции. Витаминот Ц не само што е задолжен за заштита на клетките, туку во случај на инфекција преминува и во напад. Тој стимулира преместување на имунолошките клетки, т.н. неутрофили на местото на инфекција, ја поттикнува фагоцитозата - разградување и отстранување на штетните материи и убивање на вирусите.
Поголем недостиг од витамин Ц може да доведе до скорбут. Забавено заздравување на рани, модрици, опаѓање на косата, крварење на непцата и губење на забите, како и болки во зглобовите се симптоми на оваа потенцијално смртна болест. За заштита се доволни веќе 10 милиграми витамин Ц дневно. Доволно витамин Ц во телото значи и помал ризик од висок крвен притисок, срцеви заболувања и мозочни удари.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Колку е доволно?
Според Централата за заштита на потрошувачите, препорачана дневна доза на витамин Ц за мажите е околу 110 милиграми, за жените - 95. Научниците од Државниот универзитет Орегон пак на сите возрасни им препорачуваат 400 мг витамин Ц дневно. Тврдат, тој е безопасен и ако се „предозирате“, ќе се исфрли преку урината. Нема разлика дали го внесувате преку храната или таблети, велат експертите.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Guenther
7 фотографии1 | 7
Во некои студии, бозелот, честа состојка во сирупите за настинка и грип, особено оние наменети за мали деца, го крати времетраењето на симптомите кога се зема пред или веднаш на почетокот на болеста.
Слично на тоа, истражувањето за цинкот сугерира дека земањето сирупи и пастили кои го содржат елементот во траги на секои три до четири часа може да ја намали должината на настинката или грипот за ден или два, потенцијално со спречување на размножувањето на вирусите. Други анализи заклучија дека нема доволно докази за да се каже дека е подобро од плацебо.
Пиење течности и смирување на болките во грлото: чаеви, супи, ѓумбир и куркума
Болката во грлото е често природен резултат на воспаление создадено кога вашиот имунолошки систем се бори против вирусот сместен во горните дишни патишта. Отокот и болката може да го отежнат голтањето храна и пиењето течности. Ова на крајот го прави вашето грло уште посуво. Кашлицата може дополнително да ги влоши работите. Останувањето хидриран со пиење обична вода, топли чаеви, чорби или супи може да ви помогне да се чувствувате поудобно.
Во многу култури, ѓумбирот е една од првите работи по кои луѓето посегнуваат кога се соочуваат со болно грло. Често се натопува во врела вода заедно со други билки за да се направат смирувачки чаеви или се додава во пилешка супа. И, тоа се покажува исправно. Неколку студии открија дека ѓумбирот може да има антиинфламаторни својства кои можат да помогнат во олеснување на отокот.
Здравје со помош на мирудии
Зачините не само што го збогатуваат вкусот на јадењето, туку придонесуваат и за нашето добро здравје. Притоа, додатоците за вкус не мора да бидат посебно егзотични. Најголем дел од нив веќе ги имаме при рака во кујната.
Фотографија: Masoud
Лук против висок крвен притисок
Добриот стар лук! За некои, поради вкусот и неговата силна и трајна миризба претставува ужас.Но, секундарните растителни материи одговорни за типичната арома се вистинска благодет за телото. Оној кој јаде лук, го намалува својот крвен притисок и превенира тромбоза. Антиоксидирачкото дејство на лукот ги штити и клетките на телото.
Постојат преку 200 различни видови на мајчина душица или матерка. Најупотребувана е „вистинската матерка“. Рузмариновата киселина, содржана во растението е одговорна за намалување на нивото на холестерин. Освен тоа, мајчината душица е традиционално средство против настинка, а помага и против кашлица и исфрлање шлајм.
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER/J. Tack
Цимет за подобар метаболизам
На циметот му се припишува забрзувачко дејство врз метаболизмот. Но, постои и еден проблем: Кумарин. Касија-циметот ја содржи оваа природна состојка, која кај чувствителни луѓе може да предизвика оштетувања на црниот дроб, во поголеми количини отколку Цејлонскиот цимет. Но, не е уште доволно научно докажано дали циметот го намалува нивото на шеќерот кај заболените од дијабетес 2.
Оној кој може скапите конци да ги додаде кон својата збирка мирудии, се здобива и со дополнителни здравствени поволности. Студиите го докажаа позитивното дејство на шафранот врз психата и помошта при депресии. Самата миризба на зачинот придонесува за ублажување на предменструалните симптоми. Освен тоа, шафранот влијае и како афродизијак, барем кај машките глувци.
Фотографија: Imago/Depo
Анасон против стомачни болки
Иако анасонот и ѕвездовидниот анасон (на фотографијата) ботанички не се сродни, содржат етерично масло со сличен состав, одговорно за типичниот мирис на нишадор и морач. Анасонот е познат првенствено по своето дејство против грчеви кај проблемите со органите за варење. На двете сорти анасон им се припишува дејство против воспаленија.
Мислењата во однос на вкусот на ѓумбирот се поделени, но ретко кој може да го побие позитивниот ефект што тој го има кај настинка во почетна фаза. Во кинеската и ајурведа медицината ѓумбирот одамна се користи како средство против воспаленија, на пример кај реума или артроза. Кртолата освен тоа содржи етерични масла кои ги намалуваат болките и антиоксиданси.
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER/J. Tzu-chao Lin
Повеќестраната куркума
Куркумата меѓу другото е составен дел на кари-прашокот. Нему му се припишуваат пет карактеристики поволни за здравјето: го намалува нивото на холестерол, делува антиоксидативно и е добар против воспаленија. Освен тоа, ги кочи заболувањата од рак, а може да ги забави и промените во мозокот предизвикани од старост, како и да го намали ризикот од заболување од Алцхајмер.
Фотографија: picture-alliance/Arco Images GmbH
7 фотографии1 | 7
Коренот на куркума, растение од семејството на ѓумбирот, кое потекнува од Југоисточна Азија и долго време се користи во медицинските практики во Индија, исто така може да го намали воспалението. Но, неговите ефекти се тешко докажливи бидејќи главното соединение во коренот, куркуминот, не се апсорбира лесно во телото и додатоците на куркумин може многу да се разликуваат во составот. Јадењето куркума во храната или мешањето со масна супстанција, како што е масло за јадење или топло млеко, може да ви помогне да ги апсорбирате повеќе придобивките од куркуминот. Додавањето црн пипер исто така може да помогне во неговата апсорпција.
Реклама
Контрола на кашлица: солена вода и мед
Ако вашето болно грло се мачи и со кашлица, жабуркање со солена вода може да биде корисно решение. Измешајте околу половина лажичка сол во полна чаша топла вода и вртете ја околу устата и задниот дел од грлото неколку секунди пред да ја исплукате. Секој вид сол што го имате дома може да делува.
Лекарите често препорачуваат гаргара со солена вода како начин за ублажување на болката во устата или задниот дел на грлото и подобрување на севкупното орално здравје. Жабуркањето помага да се олабави густата слуз и исто така може да ги отстрани надразнувачите како бактериите, вирусите и алергените од вашето грло. Употребата на солен раствор обезбедува дополнителна корист затоа што го извлекува вишокот течности од воспаленото ткиво.
Додавањето мед во растворот за жабуркање, или во кој било чај или топол пијалок, може да има сличен смирувачки ефект. Медот делува како омекнувач, што значи дека ги смирува иритираните ткива премачкувајќи ги.
На крајот, што и да одберете, веројатно нема да згрешите - затоа барајте го лекот што најмногу ви одговара, додека не го најдете вистинскиот.
Како Германците се борат против настинка?
Со оглед што имаат добар здравствен систем, Германците не мораат самите да се лекуваат. Но, многумина тоа сепак го прават. Какви „медицински методи“ притоа користат во борбата против настинката-на следните фотографии
Фотографија: Fotowerk - Fotolia.com
Варено пиво
Може ли вареното пиво да ја совлада настинката? Генерации германски мајки го тврдат тоа, иако истражувањата не можеа да го потврдат. А до сличен заклучок дојде и третата по големина пиварница во Јапонија, „Сапоро“, утврдувајќи дека се потребни најмалку 20 литри варено пиво за пијалокот да има антивирусно дејство.
Фотографија: Fotolia/Mikael Damkier
Облоги за нозе
Ако видите подуен Германец, кој едвај се движи, не е исклучено нозете да му се завиткани во облоги. Методата потекнува од народната аптека, а дали помага при висока температура? Факт е-потколениците имаат поголема површина отколку челото. Значи, влажните крпи можат да помогнат во побрзо симнување на температурата. Сепак, не користете ладна, туку млака вода и остранете ја облогата по 30 минути.
Фотографија: Fotolia/photophonie
Шал околу вратот
Ако го носите додека сте во соба, тогаш шалот е само модел детал. Но, ако некој го завитка околу грлото, значи дека нешто не е во ред. Германците носат шал за ублажување на симптпмите кои навестуваат болки, а подоцна и запаление на грлото. Одлуката е исправна, зашто ова шарче ткаенина навистина го штити делот од телото кој обично не е покриен кога сме надвор.
Фотографија: Fotolia/Creativa
Чувајте се од промаја
И Германците велат: чувај се од промаја! Бранот студен воздух е опасен за голиот врат и грбот. Посебно ако претходно сте испотени-вкочанетост, главоболка или настинка не ви бегаат. Лекарите тврдат дека тоа е „целосна бесмислица“. Вирологот Ортвин Адамс истакнува-за тоа нема докази. Задржувањето во ладна просторија не води кон грип, ниту изложувањето на вратот на ладен воздух го загрозува здравјето
Фотографија: iTake Images - Fotolia.com
Соленки, двопек и Кока кола
Солените стапчињаи препечен леб е нешто што го јадат Германците во случај на дијареја или повраќање. Најдобро ако покрај тоа успеете да се напиете и малку Кока кола. Консумирањето на овие „производи“ всушност е добра идеја. Посебно на соленките, поради солта. Но, заборавете ја Кока колата. Кофеинот е добро познат диуретик.
Фотографија: Fotolia/ag visuell
Смирувачката камилица
Симптомите кои навестуваат настинка се доволен повод за Германците да ја наполнат кадата со топла вода на која и‘ додаваат сол и камилица. Купката е добро решение, зашто екстрактите на камилица го намалуваат запалението со инхибирање на ензимот COX-2, исто како и стероидите. Вдишување топла пареа го ублажува кашлањето и ги отвора бронхијалните канали. Но, не претерувајте, 20 минути се доволни.
Фотографија: Fotolia/Ariwasabi
Температурата се спречува со температура?
Што ако можеме вирусот да го уништиме во целост? Дали одењето во сауна може да предизвика „лажна температура“ и така да спречи настинка и напад на вируси? Не, вели вирологот Адамас. „Температурата не го уништува вирусот, таа е тука неефикасна“. Слично е и со сауните. Тие не ја подигнуваат телесната температура до степен кој би довел до уништување на вирусот на грип.
Фотографија: Fotolia/Spofi
Мед и млеко
Во случај на сува кашлица, Германците прибегнуваат кон чаша топло млеко со мед. Науката е на страната на овој народен лек, посебно поради медот. Американските студии во повеќе наврати потврдија оти умерена доза мед го намалува кашлањето кај децата кои ноќе не можат да спијат поради овој проблем.
Лук. Германците веруваат дека консумирањето свеж лук може да ги убие вирусите. Постои дури и еден вид чај од лук кој им се дава на болните. Пијалокот помага во спречување дехидрација и му помага на организмот да се опорави. Но, нема научни докази оти лукот е поефикасен во лечење настинка отколку на пример ѓумбир или некој чај. Освен тоа, лукот може да предизвика мачнина.
Фотографија: Christian Jung - Fotolia.com
Кој е поотпорен?
Речиси секоја Германка ќе ви рече: кога маж ќе се разболи, се претвора во плачливо дете. Но, дали е така? Студија на универзитетот Стенфорд, по преглед на 160.000 здравствени картони со податоци за интензитетот на болката вели: жените поинтензивно ја чувствуваат болката, или барем признаваат дека ги боли (на хартија). Значи, јасни докази за тоа кој кука кога е болен-нема.