1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПалестински територии

Што предвидува планот за мир во Појасот Газа

ЖА /АФП
1 октомври 2025

Мировниот план за Појасот Газа содржи 20 точки. Што предвидува тој за Газа - веднаш и на долг рок? И зошто планот би можел да предизвика проблеми - и за Хамас и за Израел?

Палестинци во северниот дел од Појасот Газа во бегство пред израелските воздушни напади
Постепено повлекување на израелската армија од Појасот Газа и обезвластување на Хамас и ослободување на преостанатите израелски заложници се клучни точки од мировниот план Фотографија: Dawoud Abu Alkas/REUTERS

Постепено повлекување на израелската армија од Појасот Газа, а за возврат, обезвластување на Хамас и ослободување на преостанатите израелски заложници се клучни точки од  мировниот план на американскиот претседател   Доналд Трамп за Блискиот Исток. Додека израелскиот премиер  Бенјамин Нетанјаху  условно го одобри планот од 20 точки во Вашингтон во понеделникот (30.09), Хамас изјави дека не го добил документот.

Кога треба да замолчи оружјето?

Штом Израел и Палестинците ќе се согласат за мировниот план, „војната веднаш ќе заврши “, се наведува во планот.  Израел треба да ги прекине своите  воени операции во Појасот Газа,  вклучително и воздушните напади.

Што треба да направи Хамас?

Терористичката организација треба да ги ослободи сите  преживеани заложници  и да ги предаде останките на другите заложници на Израел во рок од 72 часа од одобрувањето на договорот од страна на Израел.

Што се бара потоа од Израел?

За возврат, Израел треба да ослободи 250 палестински затвореници кои отслужуваат доживотна казна затвор. Покрај тоа, треба да бидат ослободени 1.700 лица затворени во Појасот Газа. Потоа, Израел постепено треба да ги повлече своите вооружени сили од Појасот Газа.

Што ќе се случи со палестинското цивилно население?

„Никој нема да биде принуден да ја напушти Газа“, се наведува во планот од 20 точки. Ова би го елиминирало барањето на десничарските израелски владини претставници за евакуација на крајбрежниот појас.

Никој нема да биде принуден да ја напушти Газа, се наведува во планот од 20 точкиФотографија: Dawoud Abu Alkas/REUTERS

Кој треба да управува со Појасот Газа во иднина?

Планот предвидува преодна влада составена од „аполитични“ Палестинци и меѓународни експерти. Тие би биле одговорни за администрирање на Појасот Газа и за обезбедување на луѓето. „Мировен совет“ под водство на Трамп и со учество на поранешниот британски премиер Тони Блер и други шефови на држави и влади би го надгледувал работењето на владата од експерти.

Што ќе се случи со Хамас?

Хамас, кој го контролира Појасот Газа од 2007 година, ќе биде лишен од моќ. На членовите на Хамас им е ветена амнестија ако се обврзат на „мирен соживот“ и го предадат оружјето. На членовите на Хамас ќе им биде дозволено и безбедно да го напуштат Појасот Газа.

Кој ќе го обезбедува мирот?

САД сакаат да развијат „Меѓународни сили за стабилизација (ИСФ) со арапски и меѓународни партнери, кои ќе бидат веднаш распоредени во Газа“, како што понатаму се наведува во планот од 20 точки. Тие ќе обучуваат палестински полицајци во Појасот Газа и, заедно со Израел и соседниот Египет, ќе ја осигураат безбедноста по должината на границите.

Дали планот ќе овозможи палестинска држава?

Планот на Трамп фундаментално не ја исклучува палестинската држава. „Конечно може да се создадат услови за кредибилен пат кон палестинско самоопределување и државност“, се наведува во него. Сепак, минатата недела, на маргините на Генералното собрание на ОН, Нетанјаху остро го осуди признавањето на таква држава од страна на Франција, Велика Британија и други земји.

Каква улога е предвидена за Палестинската самоуправа?

Според планот, власта на палестинскиот претседател Махмуд Абас ќе игра улога откако ќе ги спроведе реформите. Меѓутоа, за време на заедничкиот настап со Трамп, Нетанјаху изјави дека не гледа „апсолутно никаква улога“ за власта без „радикални и вистински промени“.

Што ќе следува?

Трамп и Нетанјаху го повикаа  Хамас да се согласи со  мировниот план.  Доколку ова не се случи, Израел, според Трамп, ќе има „целосна поддршка“ од САД „за конечно да ја елиминира заканата што ја претставува Хамас“. И Нетанјаху се закани дека израелската армија потоа ќе „ја заврши работата“ во густо населениот Појас Газа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми