Што разговараа Мицкоски и Мерц во Лондон?
23 октомври 2025
„Иднината на државата е во рамките на ЕУ, тоа е една од нашите последни стратешки цели. Ќе сториме сѐ што е во наша моќ да ја исполниме оваа стратешка цел, но истовремено да ги заштитиме македонските интереси“.Ваква порака испрати премиерот Христијан Мицкоски од Лондон, по неколкуте средби што ги оствари на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.
За некои од нив, потенцираше дека биле инспиративни. Особено средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц, со кого имале конкретна дискусија, но зад затворени врати. Што разговараа Мицкоски и Мерц во Лондон?
„Мерц јасно кажа како го гледа регионот“, вели Мицкоски.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбите во Лондон рече дека го поддржува ЕУ-курсот на земјите од Западен Балкан. „Би сакал уште еднаш да нагласам: Овие земји, кои ги нарекуваме земји од Западен Балкан, ни припаѓаат“, рече Мерц. На претставниците на шесте држави им порача дека се добредојдени како членки на ЕУ. „Меѓусебно се третираме како рамноправни партнери, а тоа не е мал подвиг во овој регион, кој сè уште е прогонуван од сенката на минатото и каде што сè уште постои националистичка, раздорна реторика“.
Затворен состанок со инспиративни идеи
Бидејќи станува збор за затворен состанок, македонскиот премиер не изнесе повеќе детали од средбата, но рече дека германскиот канцелар дал „многу јасна насока како го гледа регионот и кои се плановите за иднината на регионот поврзани со интеграцијата во рамките на ЕУ’.
Мицкоски по средбите со партнерите од ЕУ рече дека е оптимист. „Важно е земјава да ја испорача домашната задача - реформите“, дециден е тој. Според него, и дел од другите премиери и претседатели на земји членки на ЕУ имале јасна порака и јасен начин како го гледаат регионот во иднина.
Прогрес и откочување на проблемот
Македонскиот премиер очекува прогрес и откочување на проблемот којшто постои во моментот со напредокот во евроинтегративниот пат на Македонија, поради неисполнетата обврска за уставни измени, со кои Бугарите ќе станат дел од преамбулата на македонскиот Устав.
„Очекувам прогрес и во делот на откочување на проблемот што го имаме во овој момент, но ајде да видиме, рековме - наша цел е да го заштитиме нашето национално достоинство, нашиот идентитет и нашите национални интереси. Пораката од нивна страна е дека местото на нашата земја е во рамките на ЕУ, како и генерално на целиот регион на Западен Балкан“, рече Мицкоски.
Во рамките на посетата на Лондон премиерот имаше повеќе состаноци на кои станало збор за економија, безбедност и процесот на интегрирање на Македонија во рамките на ЕУ - теми коишто беа опфатени на Самитот на Берлинскиот процес.
На средбата со министерот на Франција за Европа, Бенжамин Хадад, македонската делегација ги пренела домашните позиции во однос на исполнувањето на обврските за влез во ЕУ. „ Ги кажавме нашите позиции дека мора да има испорака во дел на гаранции од страна на самата ЕУ, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамки на Министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед“, вели Мицкоски.
Според премиерот, тоа не се дополнителни услови, туку значат партнерство и добрососедски односи меѓу двете земји.
Премиерот неодамна изјави дека очекува Бугарија да попушти за ЕУ по Нова Година. По локалните избори во земјата, најави дека ќе подготви македонска резолуција, која ќе ги штити македонските национални интереси, отфрлајќи ја резолуцијата која ја поднесе опозицискиот СДСМ.
Уште една тема на маса - нелегалната миграција
Покрај стандардните теми, на масата во Лондон се најде уште една проблематика - нелегална миграција. Мицкоски вели дека ставот на земјата во однос на оваа проблематика е јасен.
„Ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи кај нас мигрантите реално од земји членки на ЕУ нелегално влегуваат. Ја изнесов оваа идеја и пред премиерот Кир Стармер, за време на билатералната средба, дека би биле добредојдени британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери, припадници на Армијата на Британија, за заедно со нашите припадници, да ја штитиме јужно-источната граница од нелегалната миграција и на тој начин да ја штитиме и Европа. Ја презентирав нашата отворена покана“, потенцираше Мицкоски.