1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад пожарите на депониите?

ДТЗ
24 септември 2025

Еден милион денари чини еднодневен третман на кочанската депонија, или пет милиони денари за пет дена, вели в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, кој посочува на „сомнителни договори“ за депониите

Депонијата Вардариште
Што се крие зад пожарите: обвинувања за сомнителни тендери и големи трошоци за гаснење на депониитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од Градската депонија во Кочани, по неколкумесечно затишје, деновиве повторно се издигна висок облак и чад, алармирајќи дека огнот повторно го има зафатено жариштето коешто со години наназад ги труеше жителите на градот. Станува збор за депонија, којашто е лоцирана над селото Бели во правец на Пониква, а која што по серија протести во текот на минатата година беше покриена со земја, со цел да се спречи нејзино палење. 

Од кочанското комунално претпријатие - КЈП „Водовод“ преку соопштение изразија сомнеж дека пожарот кој избувна на 22 септември е подметнат. 

„Додека Општината се грижеше за депонијата, пожари немаше“, вели вршителот на должност градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски. 

„Сомнителен тендер“ 

Но, по пожарот кој избувна за викендот, Крстевски посочува дека ќе треба да се плати еден милион денари за еднодневен третман на кочанската депонија. „Третманот на депонијата во Кочани што Министерството за животна средина го вршеше минатиот викенд, ќе ги чини граѓаните близу пет милиони денари“, објави на социјалните мрежи в.д градоначалникот. 

Според Крстевски, Министерството за животна средина склучило „сомнителен договор“.„Фирмата дојде, поработи пет дена, се случи пожар. Пожарот откри нешто многу поголемо од загадениот воздух, посочи кон вистината што повеќе не може да се игнорира – каде и да копнеш е гнило. На грбот на кочанчани се прават договори без логика, со единствена цел да се полнат нечии џебови“, вели в.д. градоначалникот. 

Детали од договорот 

Тој изнесува детали од договорот: „Во Кочани порамнување на отпад чини 3.250 денари по кубик, а во Никуштак (Липково) само 250 денари – 13 пати поскапо за истата работа. Покривање со земја во Кочани е 3. 000 денари по квадрат, во Никуштак (Липково) 300 денари. Десет пати поскапо за истата работа“. 

Крстевски додава дека со разумно и одговорно работење, со тој висок износ може да се набави и нова механизација и да се обезбеди третман на депонијата за цела година.

Тој на почетокот на август ја оцени како голема победа за Кочани и Кочанската котлина состојбата со Градската депонија, која и покрај екстремно високите летни температури летово ниеднаш не се запали.

„Депонијата во Кочани која со години ни го труеше воздухот поради лош менаџмент и го загрозуваше нашето загарантирано право на чист воздух, не се запали ниту еднаш. Чистиот воздух е од клучно значење за сите нас, особено за повеќе од 12.000 наши сограѓани кои се соочуваат со респираторни заболувања. Чистиот воздух значи подобро здравје, полесно дишење и подобар квалитет на живот за секој од нив, како и за сите нас“, порача тогаш првиот човек на градот. 

Пред речиси една година, по 17 дневен протест и 24 часовна блокада на патот кој води кон градската депонија, Советот на Општина Кочани донесе едногласна одлука отпадот од Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево, но и другите општини во регионот повеќе да не се носи на градската депонија кај кочанското село Бели сè до отпочнување со работа на регионалната депонија во светиниколско Мечкуевци. На седницата едногласно беше усвоена и инцијатива да се формира надзорно тело за контрола на начинот на собирање и депонирање на сметот на територијата на општина Кочани. 

Контроли на депониите 

Огнот во депонијата во Кочани е само еден од серијата пожари коишто ги зафатија купиштата отпад коишто се складираат на повеќе локации во земјата.

По големите пожари во Вардариште и Дрисла, надлежните најавија контроли на сите депонии во Македонија. Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, донесе одлука за затворање на нестандардната депонија за отпад во Никуштак, општина Липково, бидејќи не ги исполнува еколошките стандарди. 

Незадоволство и протести

Незадоволство од нерешавањето со проблемите со депониите има и во Струга. За в петок е најавен протест и блокада на кружниот тек на влезот во градот.

„Не може повеќе вака – депонијата гори, никој не презема ништо, цела општина се труе. Токму поради изборите, одговорните се најранливи и време е стружани да покажат сила.  Ако не направиме притисок сега, проблемот нема да се реши ни во следните четири години. Доста беше – депонијата мора да се реши!“, порачаа организаторите на протестот. 

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека управувањето со комуналниот отпад е законска обврска на општините. Согласно Националниот план за управување со отпад 2021–2031 и регионалните планови, општините се должни да обезбедуваат собирање, транспортирање, селекција и расчистување на отпадот на нивната територија.

„Во моментот се работи на воспоставување на регионален центар за обработка и систематизирање на отпад, кој ќе обезбеди трајно и системско решение за управување со отпадот во регионот. Сепак, додека овој центар не биде изграден и ставен во функција, општина Струга има должност редовно да ја одржува и исчисти постојната депонија, со цел да се спречат дополнителни еколошки и здравствени ризици и да се обезбеди минимален стандард на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните“, соопштија од министерството по најавите за протест. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми