Судир Трамп – Пауел: Дали ФЕД ја губи независноста?
13 јануари 2026
Судирот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и претседателот на Федералните резерви (ФЕД), Џером Пауел, доби нов пресврт, предизвикувајќи пад на берзите и на доларот, додека цената на златото расте.
Федералните обвинители отворија кривична истрага за сведочењето на Пауел пред Конгресот во врска со проектот за реновирање на седиштето на ФЕД во Вашингтон, вреден 2,5 милијарди долари.
Пауел ја потврди истрагата во неделата (10.01), обвинувајќи ја администрацијата на Трамп за притисок врз монетарната политика и одлуките за каматните стапки.
Долгогодишен конфликт околу каматите
За време на првиот мандат на Доналд Трамп, а и по неговото враќање во Белата куќа минатата година, тој често имаше судири со Пауел околу каматните стапки. Пауел инсистира дека ФЕД мора да ја води политиката независно, врз основа на економски показатели, а не под политички притисок.
Трамп стана особено гласен минатиот март, кога ФЕД одлучи да ги задржи каматните стапки на исто ниво. На својата платформа Трут соушл, Трамп напиша дека „ФЕД би бил МНОГУ подобар ако ги НАМАЛИ стапките“.
Во април, Трамп тврдеше дека пониските стапки ќе помогнат економијата да се справи со новите царини на увозни производи. По серија навреди кон Пауел, во јули претседателот го обвини ФЕД дека „им штети на луѓето“ со својата политика.
Истата година Трамп направи историска посета на седиштето на ФЕД – прва од ваков тип за еден актуелен претседател во последните децении, што беше протолкувано како знак на незадоволство.
Трамп се обиде да влијае и врз други високи функционери на ФЕД, како гувернерката Лиза Кук, за која бараше разрешување поради нерелевантни обвиненија. Случајот можеби ќе заврши пред Врховниот суд.
Во медиумите се појавија шпекулации дека министерот за финансии, Скот Бесент, е фаворит за наследник на Пауел кога неговиот мандат истекува во мај, но тој го минимизираше тоа. Се споменуваат и други кандидати: Кевин Хасет, Кевин Варш, актуелниот гувернер Кристофер Волер и директорот на БлекРок, Рик Ридер.
Трамп најави дека ќе го објави наследникот на Пауел во јануари, што ја засили тензијата уште пред истрагата да стане јавна.
Зошто Пауел е под истрага?
Истрагата произлегува од неговото сведочење пред Сенатскиот банкарски комитет во јуни, кога ги минимизираше трошоците за реновирање и демантираше „луксузни додатоци“ како тераси, градини, мермерни подови и приватни уметнички колекции.
Претседателот на комитетот, Тим Скот, изрази загриженост по напис во „Њујорк пост“, кој го спореди проектот со „Версајската палата“. Пауел ги нарече тврдењата „неточни“ и „манипулативни“, нагласувајќи дека проектот е самофинансиран од ФЕД, а не од даночните обврзници, и дека целта е модернизација и долгорочна заштеда.
Еден месец подоцна, конгресменката Ана Паулина Луна го пријави Пауел во Министерството за правда на САД, обвинувајќи го за лажно сведочење.
Како реагира Пауел?
Во видео изјава, Пауел ја нарече истрагата „невидена акција“ и тврди дека вистинската причина е притисокот на администрацијата на Трамп врз каматната политика.
„Ова не е за моето сведочење или за реновирањето на зградата на ФЕД... Тоа се изговори. Станува збор за тоа дали ФЕД ќе продолжи да ги утврдува каматните стапки врз основа на економски факти или под политички притисок,“ рече Пауел.
„Јавната служба понекогаш бара да се остане цврст пред закани“, додаде тој, нагласувајќи дека ќе ја врши функцијата „со интегритет и посветеност кон американскиот народ“.
Зошто независноста на ФЕД е клучна?
ФЕД, како централна банка на најголемата економија во светот, има мисија да утврдува каматни стапки, да контролира инфлација, да обезбеди максимална вработеност и стабилност на финансискиот систем.
Исто така, ја надгледува банкарската индустрија, делува како кредитор во кризи и обезбедува проток на ликвидност во економијата.