1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГлобално

Што се одбележува на Велики петок?

Анѓелко Шубиќ
3 април 2026

Велики петок го одбележува страдањето и смртта на Исус Христос на крстот. Сепак, со овој ден е поврзана и една долготрајна и контроверзна историска интерпретација, која денес сè почесто се оспорува како – фалсификат

Христова фигура во готската црква Ла Реал Колегијата во Ронсевалес
Значењето на Христовата жртва и историските заблудиФотографија: picture-alliance/dpa/L. Avers

Сите четири Евангелија сведочат за погубувањето на Исус на крст, кое се случило во петок, откако еден од неговите ученици го предал на неговите противници. Според Новиот завет, Исус сам го носи крстот до местото на погубувањето надвор од градските ѕидини, додека од подбив на главата му е ставена круна од трње. Токму крстот, преку тој чин, станува централниот симбол на христијанството.

За многу христијани, утехата лежи во верата дека Бог ја познава човечката болка и дека самиот ја презема врз себе. Со воскресението на Исус третиот ден по смртта, верниците веруваат дека насилството, болката и смртта се еднаш засекогаш победени, а животот триумфира над смртта.

Смртта на Исус често се толкува и како помирителна жртва – тој ги презел гревовите на луѓето врз себе и со тоа ги помирил со Бог. Додека за Католичката црква Велики петок е вовед во најголемиот христијански празник – Велигден, лутеранската традиција се враќа на библискиот извор и токму денот на жртвата го смета за исклучително значаен. Во Германија, каде што бројот на католици и протестанти е приближно еднаков, тоа значи дека на Велики петок не се дозволени прослави и јавни веселби.

Традицијата на Патот на крстот во Колосеумот не е особено долга: започнала во 18 векФотографија: Pool/Catholic Press Photo/IPA/ZUMA/picture alliance

Папата лично ќе го носи крстот

Годинешното одбележување на Велики петок ќе биде особено значајно за католиците, бидејќи папата Лав XIV лично ќе го носи крстот на Крстниот пат во Колосеумот, минувајќи ги сите четиринаесет постојки. Вакво нешто практично досега не се случило, не само поради возраста на претходните папи, туку и поради релативно кратката традиција на Крстниот пат во Колосеумот.

Од Ватикан посочуваат дека овој чин носи и силна симболична порака: папата се профилира како „духовен водач во современиот свет и глас што сведочи дека Христос и денес страда“.

„Во молитва ја носам целата таа болка и сакам да ги повикам луѓето со добра волја заедно да го изодиме тој пат и да бараме како и самите можеме да бидеме носители на мирот“, изјави папата Лав XIV пред новинарите.

Текстовите за медитација за овогодишната прослава ги напиша Франческо Патон, кој од 2016 до 2025 година беше кустос во Светата Земја, а сега живее на планината Небо во Јордан. Поради тоа се очекува медитациите да се осврнат и на актуелните војни и страдања на Блискиот Исток.

Постојат различни толкувања на Понтиј Пилат, како во Евангелијата, така и во литературата и филмотФотографија: Evening Standard/Getty Images

„Лажна вест“ стара илјада години?

Темната страна на историјата на Велики петок, особено во контекст на Блискиот Исток, е фактот дека со векови овој ден бил поврзуван со најжестоките изливи на омраза кон Евреите, како наводни „убијци на Христос“. Во бројни христијански земји, на Евреите им било забранувано дури и да излегуваат од своите домови на Велики петок, со образложение дека така ќе бидат заштитени од „праведниот гнев“ на христијаните.

Сè поголем број црковни историчари денес се согласуваат дека станува збор за историски фалсификат. Во сите Евангелија се споменува Понтиј Пилат, римскиот намесник во тогашен Ерусалим. Позната е сцената од Евангелието според Матеј, во која Пилат „ги мие рацете“, препуштајќи ѝ се на желбата на еврејската толпа на празникот Пасха да го помилува Варнава и да го погуби Исус.

Сепак, бројни римски историски извори го опишуваат Понтиј Пилат како исклучително суров и непредвидлив воен управител, кој тешко дека би расправал за „што е вистината“ со осуденик, а уште помалку би правел отстапки под еврејски притисок. Распнувањето на крст било типична и најтешка казна на Римската империја за бунтовници.

Според тоа, за смртта на Исус Христос не се одговорни Евреите, туку римската власт. Тоа јасно го наведуваат и црковните авторитети низ вековите – од Тертулијан и Ориген во третиот век, преку свети Амвросиј, свети Августин и свети Јован Златоуст, па сè до современи историчари како Рејмонд Браун и Џон Пол Мејер. Тие укажуваат дека ниту Синедрионот, ниту еврејскиот народ имале власт над римските војници. Единствено Понтиј Пилат имал право и моќ да нареди погубување.

Причината поради која одговорноста со векови им се припишувала на Евреите, а не на Римската империја, лежи и во историскиот контекст: сите Евангелија се напишани децении по смртта на Исус, а Евангелието според Матеј најверојатно околу 70 година од нашата ера, за време или веднаш по Првото еврејско востание – период во кој за Рим било и политички погодно вината да се префрли врз Евреите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми