1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се случува со модуларните болници по пандемијата?

ДТЗ
15 август 2023

Дел од монтажните болници се под клуч, некои се користат како дневни болници, трети за привремено сместување на пациенти додека се реновираат болничките капацитети.

ковид-болница
Што се случува со модуларните болници по пандемијата: на некои од нив има клуч, други чекаат пренамена Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Поголем дел од модуларните болници во Северна Македонија, коишто беа изградени за време на пандемијата во 16 градови, се под клуч, чекаат пренамена, се користат како дневни болници или пак за привремено згрижување на пациенти додека се реновираат одделенијата. Додека дел од директорите на болниците за ДВ коментираат дека тие имаа голема улога за згрижување на пациентите за време на пандемијата, кога се бараше кревет повеќе, други размислуваат за што би можеле да се искористат овие објекти во иднина. 

На пример болницата во Гевгелија ја користи модуларната болница како дневен центар, додека во Гостивар објектот не се користи по завршувањето на пандемијата, иако вработените коментираат дека „е во добра состојба“. Клуч има и на вратата на струшката модуларна болница, но за неа веќе извесно време се размислува да се пренамени во интерно одделение, со што ќе се намали притисокот врз овој регионален центар. 

Дали и колку се безбедни овие монтажни објекти е дилемата која што се наметна по избувнувањето на пожарот кој одзеде 14 животи во ковид-болницата во Тетово. Ваквите дилеми повторно се разгореа по обелоденувањето на најновите сознанија коишто ги објави ИРЛ во документарниот филм „Убиство во Тетово“, кои посочуваат на „саботирани истраги и прикривања на пропустите при градењето на модуларните објекти од страна на одговорни лица во институциите“. Додека надлежните ја префрлаат одговорноста околу изградбата на модуларните болници , во јавноста врие од незадоволство поради „не)правдата за семејствата на загинатите во пожарот.  

Од времени објекти станаа трајни

Во 2020 година, Министерството за здравство одлучи во 16 градови во земјата да се формираат ковид-центри со цел да се подготви здравствениот систем за најавениот бран на зараза со новиот вирус, а од друга страна да не се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти. Вакви монтажни објекти беа изградени онаму каде веќе постојат општи болници и здравствени домови: Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.

Стануваше број за дополнителни времени капацитети. Дел од болниците во меѓувреме ја средија документацијата, па од времени ваквите објекти станаа трајни, поради што се планира во иднина тие да се користат за друга намена. 

Дали и колку се безбедни овие монтажни објекти е дилемата која што се наметна по избувнувањето на пожарот кој одзеде 14 животи во ковид-болницата во Тетово. Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Според истражувањето на ИРЛ, модуларната ковид-болница во Тетово, била градена несоодветно заобиколувајќи повеќе законски процедури. Се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и низа други законски пропусти. Документите до кои дојдоа новинарите на ИРЛ покажуваат дека за несоодветната тендерска постапка, аларм се вклучил уште при првиот повик за изградба на модуларен ковид центар, кога надлежноста беше во Министерството за локална самоуправа.

Тогашниот министер, Горан Милевски, ја поништил постапката бидејќи биле прекршени повеќе закони, а се сомневал дека одредени фирми се фаворизираат. По ова, надлежностите за спроведување на тендер му се префрлаат на Министерството за здравство, тогаш водено од Венко Филипче. И во поништената постапка и подоцна во повторената постапка тендерот го добива македонската компанија Брако, една од семејните фирми на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. 

Ревизиите не ја спречиле исплатата 

Поранешниот министер за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали денеска на прес-конференција се огласи по повод најновите сознанија за пожарот во модуларната болница во Тетово.

„По емисијата објавена од ИРЛ со наслов „Убиство во Тетово“, каде што беа обелоденети многу вистини за пожарот на модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година, денес сум тука како поранешен министер за здравство во текот на јануари 2022 година до февруари 2023 година, јавно да се изјаснам дека со постапката која се одвиваше за пожарот на модуларната болница, жртвите изгореа по втор пат, а виновниците беа наградени“, вели Сали.

Тој вели дека по неговите сомнежи како министер дека пожарот во модуларната болница е предизвикан поради злоупотреба на градежната постапка и постапката за јавна набавка, на 30.09.2022 година побарал интерна ревизија од Секторот за ревизија на Министерството за здравство. По неколкумесечна работа е дадена препорака Министерството за здравство да го раскине договорот за извршување на работите и да не му плати ништо на извршителот до крајот на судскиот процес“, рече Сали.

Но, тој тврди дека неговиот наследник, министерот за здравство Фатмир Меџити и покрај препораките на внатрешната ревизија, минатиот месец преку Владата иницирал исплата за Брако, фирмата која ги градеше модуларните болници. Тој побара одговорност и од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за кого, вели дека,  „место да бара виновници кај оние кои ги изградиле модуларните болници, тој ги амнестирал“.

Министерот Меџити претходно ги отфрли како невистина наводите кои се шират на социјалните мрежи дека од страна на МЗ има исплатено пари за модуларните објекти. „МЗ изготви информација до Влада од каде се чека одговор од неколку институции дали треба да ги исплати трите направени амбуланти, од планираните 10 со што би се одбегнало плаќање на затезни камати и оштета. Оваа постапка се уште не е завршена и од страна на Министерството за здравство самоиницијативно нема исплатено ниту денар за модуларните објекти“, соопшти министерството.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми