1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ размислува за нови начини за поддршка на Украина

Рози Бирхард
1 септември 2025

Дипломатските напори не донесоа големи промени за Украинците на терен. Сега ЕУ сака да исчекори надвор од испробаните методи за санкционирање на Русија и испраќање оружје во Киев.

Знамиња на ЕУ и Украина
Иако претставниците на ЕУ велат дека ѝ наштетиле на руската економија преку 18 рунди санкции, мерките не ја запреа Москва да води војнаФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Кога се состануваат министрите за надворешни работи на ЕУ, нивната агенда често се чита како светски атлас. Има вртоглаво многу документи со изјави и мерки на кои мора да се стави потпис, и прашања за решавање од секој агол од светот - и, вообичаено, се троши многу време на преговори за 27-те членки да постигнат едногласен став.

Но, неколкупати годишно, министрите се собираат на „неформални“ разговори, кои така се викаат не затоа што наместо во костуми политичарите се појавуваат во фармерки, туку затоа што на таквите средби не може да се донесат официјални заклучоци. Идејата е да се ​​остави простор за размислувања и дискусии за кои нема време во секојдневната работа.

Европските дипломати разговорите кои се одржаа за време на изминатиот викенд во данската престолнина Копенхаген ги опишаа како седница за „брејнсторминг“ за она што ќе следува како поддршка од Унијата за Украина. И покрај повеќенеделната френетична дипломатија, Украинците се и натаму цел на напади, а Европа и натаму е многу скептична во однос на желбата на Русија за мир.

Еве дел од идеите што испловија на површината викендов во Копенхаген.

Прва најава за секундарни санкции

Првата дипломатка на ЕУ, Каја Калас, ги брифираше новинарите дека министрите размислувале за т.н. секундарни санкции - рестрикци насочени кон трговските партнери на Русија. ЕУ веќе санкционираше некои ентитети, вклучително и кинески банки, кои што се обвинуваат дека ѝ помагаат на Москва да ја финансира војната, но пошироки секундарни санкции би можеле да имаат поголемо влијание - и да бидат поризичен потег за Европа, која бара повеќе пријатели на глобалната сцена и нови трговски договори со земји како Индија.

Литванската министерка за одбрана, Довиле Шакалене, предупреди дека само секундарни санкции наметнати од САД „навистина би предизвикале доволна болка за руската воена машинерија“. Европски мерки „би биле исто така добри, но има разлика дали ќе се постигне вистински нуклеарен ефект. Никој во светот не сака да почувствува секундарни санкции од САД. Тоа би било пресвртница“, рече Шакалене.

Министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ дојдоа во данската престолнина на дводневни разговориФотографија: Emil Helms/Ritzau Scanpix/REUTERS

Украинско оружје произведено на територија на ЕУ

Во прва операција од ваков вид, Данска најави дека „за неколку недели од сега“ ќе покани украинска компанија за оружје да започне со производство на данска територија. Данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен рече дека постројката би можела да биде пуштена во употреба уште годинава, но не сподели информации за тоа каков тип оружје ќе се произведува таму.

„Исто така очекувам дека повеќе украински компании за одбрана ќе дојдат подоцна годинава“, додаде тој.

Каја Калас рече дека и други земји се заинтересирани украинската одбранбена индустрија да ја доведат на своја територија на сличен начин. Дел од идејата, според дипломатите на маргините на разговорите во Копенхаген, е на Русија да ѝ се покаже дека дури и кога таргетира украински фабрики за оружје во земјата, повеќе такви ќе никнуваат на други места „на безбедно“ во ЕУ.

Дебата за замрзнатите руски средства

Жестока дебата имаше и во врска со околу 200-те милијарди евра (233 милијарди долари) средства од руската централна банка кои беа замрзнати во ЕУ во 2022 година. Досега земјите од ЕУ одлучуваа каматата од средствата да ја користат за поддршка на Украина.

Голем број членки на Унијата, вклучувајќи ги балтичките држави и Полска, долго време притискаат самите средства да бидат запленети и предадени на Киев. Политикологот Кристине Нисен вели дека тоа би било „пресвртница“.

Каја Калас вели дека враќањето на замрзнатите руски средства е „незамисливо“ освен ако Москва не плати репарацииФотографија: Thomas Traasdahl/Ritzau Scanpix Denmark/REUTERS

Но, Белгија, која е членка на ЕУ, е категорично против запленување и предупредува дека тоа може да биде и нелегално, а и да одврати идни инвеститори кои би сакале да инвестираат во Европа. „Аргументот е дека ние всушност би оделе против некои од принципите на либералниот поредок во кој веруваме“, оценува за ДВ Нисен, аналитичарка во „Тинк Танк Европа“.

Се чинеше дека Калас во саботата (30.08) беше контра таквите задршки. „Финансиските пазари не реагираа кога ги замрзнавме средствата. Финансиските пазари се мирни сега додека разговараме за ова“, рече таа и додаде дека „има ризици, но сум уверена дека може да ги ублажиме.“ Според неа, „едно е апсолутно јасно. Со оглед на пустошот што Русија го предизвикува во Украина и го предизвика досега, незамисливо е Русија било кога пак да ги види овие пари, освен ако целосно не ја компензира Украина.“

Засега, ЕУ може да размислува за префрлање на средствата во поризични инвестиции за да го зголеми достапниот износ ако заврши војната.

Воени обучувачи на ЕУ во Украина?

Калас рече дека има „широка поддршка“ за планот тековната ЕУ-мисија за обука на украински трупи - која главно се одржува во Полска и Германија – да се префрли на украинска почва во случај на прекин на огнот. Но, без вистинско примирје на повидок, Калас призна дека ова е „прашање на кокошката и јајцето“. Таа посочи оти „некои велат дека треба да го направиме тоа, но може да го направиме и условно“, предлагајќи земјите-членки сега да постигнат договор што би можел да стапи на сила дури подоцна. Но, планот може да пропадне поради правилото за едногласност во ЕУ и Унгарија, која редовно ги попречува одлуките за поддршка за Украина. Сепак, Шакалене за ДВ вели дека предлогот е „многу поблиску до заклучок отколку други тешки одлуки“.

Литванската министерка за одбрана, Довиле Шакалене, предупреди дека само секундарни санкции наметнати од САД „навистина би предизвикале доволна болка за руската воена машинерија“Фотографија: Katharina Kroll/DW

Покрај санкции - и царини за руска стока

Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен за ДВ изјави дека сака „сеопфатна царина на руски производи, но и за секундарниот увоз во ЕУ“. Иако ЕУ забрани увоз на голем број руски производи - од јаглен преку цемент до дијаманти - Валтонен сака да ги зголеми царините за руска стока што легално влегува во Унијата.

Одлуки за воведување или укинување на царини не бараат едногласна поддршка од сите земји-членки на ЕУ, поради што се помали шансите тие да заглават во интерните процеси на одлучување во Унијата.

Не толку брзо

Малкумина во ЕУ сметаат дека овие мерки би можеле преку ноќ да го променат текот на војната, а критичарите ја обвинуваат Европа дека одолговлекува политички почувствителни сценарија, како планови за комплетна забрана на увоз на фосилни горива од Русија. „Важно е дека барем се задржува европското единство околу справувањето со војната која има големо значење за иднината на Украина, а очигледно и за иднината на Европа“, заклучува Нисен.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми