Што содржи планот на Трамп за Украина
21 ноември 2025
Владата на САД под претседателот Доналд Трамп изготви план за ставање крај на руската агресорска војна против Украина, која трае веќе три и пол години.
Документот го објави американскиот новински портал Аксиос, а им бил достапен и на новинските агенции АП и АФП. И украинскиот парламентарец Олексиј Гончаренко, член на опозициската партија Европска солидарност, го објави планот онлајн преку Телеграм. Вака изгледаат дел од предлозите:
Украинска и европска безбедност
Суверенитетот на Украина ќе биде потврден. Русија, Украина и Европа ќе ги прогласат конфликтите од изминатите 30 години за завршени, согласувајќи се да не се напаѓаат меѓусебно. Русија и САД ги продолжуваат разговорите за контрола на нуклеарното оружје.
Украина во својот устав се откажува од членството во НАТО. НАТО пак се обврзува никогаш да не ја прими Украина или да распореди свои трупи во Украина. Европски борбени авиони ќе бидат стационирани во Полска. Русија е законски обврзана да се откаже од агресија врз Европа и Украина.
Украина останува без нуклеарно оружје. Таа добива „сигурни безбедносни гаранции“ од САД - во текстот не се наведени поподробни детали - за кои САД добиваат надомест. Доколку Украина ја нападне Русија, овие гаранции ќе отпаднат. Доколку Русија ја нападне Украина, санкциите повторно стапуваат во сила, а Москва ги губи сите привилегии според мировниот договор. Големината на украинската армија е ограничена на 600.000 војници. На Украина ѝ е дозволено да се приклучи на ЕУ.
Американско-руска работна група за безбедносни прашања ќе го следи почитувањето на одредбите од договорот. „Мировен совет“ со кој претседава американскиот претседател Трамп ќе гарантира почитување на договорот.
Територијални прашања
Крим и окупираните украински територии Доњецк и Луганск се признати како де факто руска територија. Украинската армија се повлекува од деловите на Доњецк што моментално ги контролира; овие области отсега ќе се сметаат за демилитаризирана тампон зона и ќе бидат признати како руска територија. Во јужните региони Запорожје и Херсон, сегашната линија на фронтот е воспоставена како линија на поделба.
Руската армија се повлекува од мостовите што моментално ги окупира во Харковскиот и Сумискиот регион. Русија се откажува од какви било понатамошни територијални претензии. Територијалните прашања мора да се решат мирно; во спротивно, сите безбедносни гаранции се ништовни. Нуклеарната централа Запорожје ќе биде ставена под јурисдикција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), а електричната енергија произведена таму се дели подеднакво помеѓу Украина и Русија.
Обнова на Украина
Ќе се формира меѓународен фонд за обнова и развој на украинската инфраструктура. САД ќе обезбедат помош посебно во проширувањето на украинската гасна индустрија. 100 милијарди долари од запленетиот руски државен имот ќе бидат насочени кон напорите предводени од САД за обнова и инвестиции во Украина. САД ќе добијат 50 проценти од потенцијалниот профит.
ЕУ ќе придонесе со 100 милијарди долари во напорите за обнова и ќе ги ослободи запленетите руски средства. Преостанатите руски средства ќе бидат инвестирани во заеднички вложувања и проекти со САД, со цел да се поттикнат напорите за избегнување на повторно разгорување на конфликтот.
Рехабилитација на Русија
Русија ќе биде реинтегрирана во глобалната економија и поканета да се придружи на групата водечки индустријализирани земји по нејзиното привремено исклучување - со што Г7 ќе се врати во Г8. Ќе се воспостави долгорочен договор за економска соработка со САД, кој ќе ги опфати, меѓу другото, енергетските прашања и експлоатацијата на ретките елементи во Арктикот.
Хуманитарни прашања
Затворениците и мртвите ќе бидат разменети по принципот „сите за сите“. Цивилите ќе бидат ослободени, а семејствата ќе бидат обединети. Ќе важи сеопфатна амнестија на сите страни вклучени во војната. Двете страни ќе се обврзат да учат меѓусебно разбирање и толеранција во училиштата. Украина ќе ги гарантира јазичните и религиозните права на малцинствата во согласност со стандардите на ЕУ.
Избори и прекин на огнот
Во Украина треба да се одржат избори 100 дена по потпишувањето на договорот. Прекинот на огнот ќе стапи во сила откако сите страни ќе го одобрат договорот и ќе заврши договореното повлекување на војската.