1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Што треба да знаете за офанзивата во градот Газа

Штефани Хепнер | Керстен Книп
18 септември 2025

Од ноќта кон вторникот, израелските сили напредуваат во градот Газа - ризичен маневар со веројатно ужасни последици за населението и за заложниците.

Војна на Блискиот Исток | Почеток на израелската копнена офанзива врз градот Газа
Израелски тенкови на пат кон градот ГазаФотографија: Menahem Kahana/AFP/Getty Images

По повеќедневно бомбардирање, Израел ја започна својата копнена офанзива во градот Газа - и покрај сите предупредувања, вклучително и од сопствената армија. Се очекуваат жестоки борби со Хамас, кој многу западни држави го класифицираат како терористичка организација. Според палестински извори, само до вторникот наутро (16.09) биле убиени најмалку 35 лица. Но, офанзивата има и далекусежни политички и хуманитарни последици. Преглед на најважните прашања и одговори.

Колку силно е погоден градот Газа од израелската офанзива досега?

Градот и во минатото бил постојано напаѓан од израелските сили. Притоа беа погаѓани училишни згради, бегалски кампови и засолништа за итни случаи. На пример, на крајот на мај 2025 година, Израел го гранатираше училиштето Фахми ал-Џарџави, кое тогаш служело како засолниште за бегалци. Според палестински извори, 33 лица биле убиени, а десетици биле повредени, претежно деца, изјави портпарол на Палестинската цивилна заштита за агенцијата АФП. Израел соопшти дека нападот бил насочен против палестински терористи.

Како и во Појасот Газа, и инфраструктурата во градот Газа е многу оштетена. Само во општина Газа, штетата изнесува 7,29 милијарди долари, цитираше уште во април 2024 година телевизијата Ал Џазира дел од извештај на Обединетите нации и Светската банка. Во извештај објавен во септември од Институтот на Обединетите нации за обука и истражување (УНИТАР) се наведува дека се оштетени  36.611 згради, од кои 8.578 се целосно уништени.

Бегалци во шатор во градот Газа - илјадници повторно мора да бегаат на југФотографија: Ebrahim Hajjaj/REUTERS

Турската државна новинска агенција Анадолу на крајот на август 2025 година цитираше прес-конференција на ОН. Според неа, од средината на март во бегство се 796.000 луѓе. Околу 95 проценти од овие движења потекнуваат од градот Газа, ја цитираше Анадолу портпаролката на ОН, Даниела Грос.

Колку е сè уште силен Хамас?

Според агенциски извештаи, Израел проценува дека во градот моментално има до 3.000 борбено подготвени членови на исламистичката терористичка организација Хамас. Нејзиниот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Појасот Газа. Во интервју за Дојче Веле на почетокот на септември 2025 година, воената експертка Марина Мирон од Кралскиот колеџ во Лондон изјави дека е тешко да се направи точна проценка на силата. Сепак, Хамас сè уште ја одржува контролата врз градот, а борбите веројатно ќе бидат жестоки и крвави.

„Ова ќе биде исклучително тешка операција“, оценува Мирон. „Бидејќи Хамас нема што веќе да изгуби“. Преостанатата урбана инфраструктура - особено високите згради и тесните улици - би можела да биде од тактичка корист за групата.

Високите згради и тесните улици во градот Газа би можеле да биде од тактичка корист за Хамас, проценува експертката МиронФотографија: Menahem Kahana/AFP/Getty Images

Еврејско-американската лоби организација „Џеј-стрит“ во документ од 2 септември 2025 година зборува за значително слабеење на Хамас. Пред почетокот на војната, военото крило на организацијата имало околу 30.000 борци, организирани во пет бригади и 24 баталјони. Според Израелските одбранбени сили (ИДФ), убиени се до 23.000 од овие борци, а 20 баталјони се уништени.

Хамас се трансформирал од паравоена организација во децентрализирани герилски трупи. И покрај тешките загуби, наводно регрутирал до 30.000 нови борци - иако на повеќето од нив им недостасува воена обука, констатира „Џеј-стрит“.

Што значи офанзивата за населението?

Според Обединетите нации, речиси сите од приближно два милиони жители на Газа веќе избегале во текот на речиси двегодишната војна, многу од нив повеќепати. Сега стотици илјади луѓе повторно мора да бегаат, а ОН проценуваат дека веќе разурнатиот град би можел да стане „практично ненаселив“ поради употребата на експлозивно оружје.

Дистрибуција на храна во Појасот Газа во јули 2025 година: Во градот Газа е прогласена состојба на гладФотографија: AFP/Getty Images

Според израелски воени извори, од вторникот претпладне, околу 40 проценти од цивилите веќе го напуштиле градот. Според агенциите, армијата ги повикала луѓето од Газа да одат во таканаречената хуманитарна зона на југот од крајбрежниот појас. Но, дури и таму, во минатото имало повеќе смртоносни напади.

Едуард Беигбедер, регионален директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка, во вторникот предупреди на „разорните последици за над 450.000 деца“ кои се веќе трауматизирани и исцрпени. На крајот на август, Обединетите нации и другите организации за помош веќе прогласија состојба на глад во административниот округ Газа, кој го вклучува и градот Газа.

Што значи офанзивата за израелските заложници?

Животот на заложниците е дополнително загрозен од копнената офанзива. На крајот на август, „Ерусалим пост“ го цитираше Абу Обеида, портпарол на военото крило на Хамас кој во меѓувреме е убиен од израелската војска, со зборовите дека израелските заложници, заедно со нивните борци, се држат во борбени зони под истите опасни услови. Под „борбени зони“, тој мислеше на градот Газа.

Специјалната известувачка на ОН за окупираните палестински територии, Франческа Албанезе, исто така смета дека животите на заложниците се загрозени од копнената офанзива. „Постојаниот напад за да се заземат последните остатоци од Газа ќе ги загрози не само Палестинците, туку и преостанатите израелски заложници“, изјави таа на прес-конференција на ОН во Женева кон средината на септември.

Протести во Ерусалим за враќање на заложницитеФотографија: Tania Kraemer/DW

Како во Израел се дискутира за офанзивата?

Форумот на роднини на заложниците што ги држи Хамас изрази голема загриженост поради извештаите за, во текот на ноќта кон вторник, започнатото заземање на градот Газа. По 710 ноќи во рацете на терористи, „вечерва може да биде последна ноќ за заложниците“, се вели во соопштението од форумот на роднини, кое го дистрибуираше агенцијата ДПА.

Критиките кон војната во Газа и плановите на премиерот Бенјамин Нетанјаху се зголемуваат и кај остатокот од израелското население. Постојано има масовни протести, последните беа пред околу една недела пред резиденцијата на Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим. Илјадници луѓе го повикаа да склучи договор со Хамас, делумно затоа што се плашат за животите на своите роднини ако градот Газа биде заземен.

Според неодамнешните анкети на натпартискиот Израелски институт за демократија (ИДИ), околу две третини од израелското население сега поддржуваат договор што би овозможил ослободување на сите заложници во замена за прекин на борбите и целосно повлекување на израелската армија од Појасот Газа. Според ИДИ, повеќето луѓе се првенствено загрижени за судбината на заложниците и своите војници - а помалку за ситуацијата на Палестинците.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми