1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПалестински територии

Што ќе постигне признавањето на Палестина како држава?

Кетрин Шајер
22 септември 2025

Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија сега ја признаваат Палестина како држава. Критичарите велат дека тоа е само „политички театар“, додека поддржувачите сметаат дека може да биде важен чекор.

Транспарент со натпис Слобода за Палестина за време на демонстрации во Диселдорф, Германија
Што ќе значи признавањето на палестинска држава?Фотографија: Maximilian Koch/picture alliance

Во понеделник, Генералното собрание на ОН во Њујорк ќе одржи специјален самит за војната во Појасот Газа. Ова е продолжение на дипломатски проект предводен од Франција и Саудиска Арабија за промовирање на оживување на решението за две држави, во кое Израел и Палестина би постоеле една до друга, како единствено решение за долгогодишниот конфликт.

На состанокот во понеделник, неколку земји изјавија дека ќе се приклучат на повеќето од 145 членки на Обединетите Нации (ОН) кои веќе ја признаваат Палестина како држава. Меѓу нив се Франција, Канада, Обединетото Кралство, Белгија, Австралија, Луксембург и Малта.

Повеќето од последните европски изјави за признавање на Палестина како држава се резултат на израелската воена кампања во Газа што усмрти повеќе од 65.000 луѓе, според Министерството за здравство кое е под контрола на Хамас, иако меѓународни истражувачи проценуваат дека бројот е многу поголем. Минатата недела, Независната Меѓународна Комисија за Истрага на Окупираната Палестинска Територија на ОН објави извештај во кој се заклучува дека Израел врши геноцид во Газа.

Израел и неговиот главен сојузник, САД, го отфрлија овој извештај, и други кои дојдоа до ист заклучок, и ги осудија сите планови за признавање на Палестина како држава, тврдејќи дека тоа би било „награда за тероризам" — алудирајќи на нападот на Израел на 7 октомври 2023 година, кој го предизвика милитантната група Хамас, во кој беа убиени близу 1.200 лица, а кој и претходеше на израелската воена кампања во Газа.

Само политички театар“ 

Дури и палестинските поддржувачи велат дека признавањето на Палестина како држава би можело да биде недоволно ако не биде комбинирано со реални акции за обезбедување помош додека војната продолжува.

„Западните држави нудат симболични гестови, додека Палестинците се оставени без правда, ниту државност, само со се поголем јаз меѓу живата реалност и меѓународната изведба“, напиша Инес Абдел Разек, директор за застапување при Палестинскиот Институт за Јавна Дипломатија, кој се наоѓа во Рамала, на окупираниот Западен Брег, во текст од август за палестинскиот тинк-тенк Ал Шабака. 

"Бенјамин Нетанјаху има долгогодишен историјат на игнорирање на остатокот од членките на ОН“Фотографија: Nathan Howard/AFP/Getty Images

Колумнистот на Гардијан, Овен Џоунс, во средата напиша дека „секоја акција преземена против Израел е  симболична, за да се намалат повиците за акција од страна на јавноста“.

Има и загриженост за тоа како Израел би реагирал на новиот бран на признанија, напиша Ричард Гован, директор на ОН за тинк-тенкот Меѓународна Кризна Група, оваа недела во политичкиот журнал Џаст Секјурити во САД.

„Премиерот Бенјамин Нетанјаху... има долгогодишен историјат на игнорирање на остатокот од членките на ОН“, напиша Гован. „Едно од сценаријата кои ги загрижуваат дипломатите е дека Нетанјаху, кој минатата недела изјави дека „нема да има палестинска држава“, би можел да одговори на процесот на признавање со најавување планови за формално анектирање делови од палестинските територии во својот говор.“

Може ли признанието да донесе мир?

Јасно е дека признанието на палестинската држава нема да ја стопира израелската војна во Газа.

„Признанието е погрешен заменик за бојкотите и казнените мерки кои треба да се преземат против земја која врши геноцид“, напиша колумнистот Гидеон Леви во израелскиот весник Хаарец во август. „Признанието е празен збор. ... Ова нема да го запре геноцидот, кој нема да се сопре без практични чекори од меѓународната заедница.“

Факт е дека, како што укажуваат правните експерти, прашањата се одвоени. Без разлика дали Палестина е држава или не, меѓународното право веќе ги обврзува другите држави да направат сè што можат за да спречат потенцијален геноцид.

Дипломатско надоградување

Она што би можело да го постигне признавањето на палестинска држава е зајакнување на аргументите за прекин на огнот во рамките на постојните меѓународни дипломатски, бирократски и правни структури.

Во есенското издание на академскиот журнал Каиро Ревју ов Глобал Аферс (The Cairo Review of Global Affairs) од 2025 година, египетскиот политички аналитичар Омар Ауф посочи дека палестинските претставници претходно се обиделе да се приклучат во 1989 кон Женевските Конвенции, но биле отфрлени од Швајцарија бидејќи, како што рекле Швајцарците, имало „несигурност“ околу постоењето на палестинска држава.

Во август, Номи Бар-Јаков, преговарач за мир при Женевскиот Центар за безбедносна политика, изјави за ДВ дека признанието „не менува ништо веднаш, но им дава на Палестинците многу поголем интерес во преговорите, бидејќи кога преговараш држава со држава, тоа не е исто како да преговараш меѓу држава и непризнаена држава (или) држава која е само ентитет“. 

Палестинскиот претседател Махмуд Абас зборува на седница на Генералното собрание на ОН во 2012 година на која беше изгласано признавање на Палестина како држава која не е членкаФотографија: AFP/Getty Images

Билатерално признание може да се смета за форма на дипломатско надоградување. Признавачките земји, како Франција или Белгија, мораат да ги прегледаат своите односи со Палестина, како и да ги проценат своите правни обврски кон неа. Затоа, тоа може да доведе и до преглед на односите со Израел, велат тие.

Но, признанието е само првиот чекор.

„Признанието не може да се смета за политика, туку почеток. Вистинската работа започнува после тоа“, изјави Анаса Иктаит, предавач по Политичка Економија на Блискиот Исток на Австралискиот Национален Универзитет, во Акфар, кој го издава Советот за Глобални Прашања од Доха, во август.

„Важно потврдување“

Признанието е, навистина, симболично, изјави Хјуг Ловат, виш стратег за политика при Програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во Европскиот Совет за Надворешни Односи (ЕСНО), за ДВ. „Но, симболиката не е секогаш лоша работа. Имајќи ги предвид земјите што го даваат признавањето, особено Франција и Обединетото Кралство, тоа е важна потврда на палестинските права и на правото на самоопределување, правото да се живее слободно без окупација, правото на државност и слично."

Сепак, симболичните мерки треба да бидат придружени со практични чекори, истакна Ловат.

На прес-конференција во Брисел во средата, високата претставничка за надворешни работи на Европската Унија, Каја Калас, ги поттикна земјите-членки да ги зголемат царините на некои израелски производи, да санкционираат доселеници и двајца високи израелски политичари. Овие мерки беа претходно препорачани од експертите од ЕСНО. Извор од Брисел за ДВ изјави дека Италија, која претходно се спротивставуваше на санкционирањето на Израел, може дури да ги повлече своите приговори наскоро.

„Дури и пред три години, признанието можеби ќе значеше крај на приказната“, рече Ловат. „Но, мислам дека, бидејќи работите се променија толку драматично во однос на јавното и политичкото мислење, веќе не станува збор за тоа дали ќе ја признаеш (Палестина) или ќе направиш нешто друго."

Во моментов, повеќе мерки се развиваат истовремено, вели Ловат, и тоа ја одразува промената на јавното мислење низ политичкиот спектар од 2023 година.

„(Признанието) треба да се гледа како насока на движење“, вели Ловат. „Можеби нема да стигнеме таму утре, но патеката е јасна.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми