Што значи новиот канцелар Фридрих Мерц за Европската Унија?
6 мај 2025
„Подготвени сме да се зафатиме со работа и да составиме влада во Германија која ќе биде една од најсилните потпори за Европската Унија што некогаш дошла од нашата земја“, рече Фридрих Мерц на неодамна одржаниот конгрес на Европската народна партија во Валенсија.
Тука, пред своите колеги од конзервативните партии на ЕУ, претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и од вторник најверојатно нов германски канцелар, ја претстави својата визија за политиката на ЕУ: зајакнување на европското единство и одбранбените капацитети, поддршка за нови договори за слободна трговија, нов пристап кон заштитата на климата и конкурентноста, како и намалување на бројот на мигранти кои доаѓаат во Европа.
Мерц ветува посилна улога за Германија во лидерството
Тој, исто така, рече дека е свесен оти многумина во последниве години очекуваат повеќе водечки иницијативи од Германија на меѓународно ниво и дека очекуваат најголемата земја членка на ЕУ да инвестира повеќе енергија во туркањето на Унијата напред.
Но, како точно треба да изгледа, објаснува Рафаел Лос од Европскиот совет за надворешна политика (ЕЦФР) од Берлин. „Никој не сака силна Германија која ќе ја користи својата големина и сила за да ги промовира своите интереси, туку Германија која ќе дава импулси што би воделе кон единство и која нема да ги натера помалите земји членки да се чувствуваат запоставени“, рече Лос во интервјуто за ДВ.
Ова особено се однесува на одбранбената политика. Мерц објасни дека, кога станува збор за одбраната, Европа „мора да зборува на ист јазик“ за поефикасно да се организира одбраната, што би придонело за подигнување на капацитетите на ново ниво. За тоа, пред сè, е потребен „прагматизам“, особено кога станува збор за набавка на опрема и подготовка на заеднички воени проекти. Бидејќи целта мора да биде подигнување на одбранбената готовност.
„Во принцип, овој процес треба да се одвива преку институциите на НАТО, но важно е Европејците да можат да се бранат подобро отколку што беше случај во минатото. Ова не е опција, туку предуслов за зачувување на мирот и слободата на европскиот континент“, рече Мерц. Еден чекор во таа насока е поголема независност од САД, за која Мерц зборува уште од вечерта на неговата изборна победа на крајот на февруари.
Заживување на германско-францускиот мотор
Овие зборови сигурно добро му одѕвонуваат на францускиот претседател Емануел Макрон. Мерц ќе замине за Париз уште првиот ден од неговото назначување за канцелар. Односот меѓу Мерц и Макрон е важен и за Европската Унија бидејќи германско-француските односи отсекогаш се сметале за гориво за понатамошен развој на Европската Унија.
„Факт е дека Германија и Франција, и покрај новите силни членки на исток, се двете најголеми сили во рамките на ЕУ“, вели Пол Морис, генерален секретар на комисијата за германско-француски односи во Францускиот институт за меѓународни односи. Оваа германско-француска тежина е особено поврзана со економските и одбранбените прашања.
Макрон се надева, како што вели Морис во интервјуто за ДВ, дека ќе најде партнер во Мерц за својот проект за стратешка автономија. Со ова, Макрон ја разбира зголемената автономија на Европа во однос на САД, но не само кога станува збор за одбраната, туку и за суровините, технологијата и енергијата. Морис очекува дека особено кога станува збор за енергијата и одбраната, Германија и Франција би можеле да дадат нови импулси. Во последната германска влада, како што вели Морис, токму Зелените ги кочеа проектите во областа на снабдувањето со енергија. „Очекувам дека со новата влада во Берлин работите ќе одат полесно, што се однесува и на атомската енергија, на која Германија ѝ го заврте грбот и која сè уште игра важна улога во Франција. На Германија ѝ е потребна и евтина електрична енергија.“
Политикологот Рафаел Лос верува дека атомската енергија ќе игра важна улога и во областа на одбранбената соработка. Прашањето за нуклеарно одвраќање кога станува збор за Германија е во рацете на американскиот партнер во последните децении. Мерц сега сака да ја пренесе оваа соработка на Франција, која е единствената членка на ЕУ со нуклеарно оружје. И тоа треба да биде една од темите на разговор оваа недела во Париз.
Но, иако постои согласност меѓу Берлин и Париз за многу фундаментални прашања и експертите очекуваат дека односите меѓу двете земји ќе се развиваат побрзо и подобро отколку под канцеларот Олаф Шолц, некои контроверзни теми сè уште се присутни, како што е одбивањето на Франција да даде зелено светло за трговскиот договор меѓу ЕУ и латиноамериканските земји. Франција е, исто така, за еврообврзници за заедничко задолжување на земјите од еврозоната, на што Берлин сè уште жестоко се спротивставува, што е уште еднаш потврдено во текстот на коалицискиот договор меѓу Унијата и социјалдемократите.
И во Брисел се чека на функционална германска влада
Во Брисел, како што вели Лос, првенствено се очекува да се затвори јазот создаден со оставката на последната германска влада во ноември минатата година. Оттогаш, повеќе или помалку важни одлуки се донесуваа без најголемата членка, која во тоа време беше ограничена од фактот дека беше предводена од техничка влада во заминување која не можеше да донесува одлуки со далекусежни последици, првенствено поврзани со одбранбениот сектор.
Но, она што партнерите во Брисел го очекуваат пред сè е феноменот „германскиот вот“ да исчезне. Ова е разговорното име во Брисел за однесувањето на последната германска влада, која, поради несогласувања меѓу коалициските партнери, честопати бараше измени на некој закон во последен момент за да ги задоволи сите партии во рамките на честопати раскараната влада на Олаф Шолц.
„Германија е важна и за одредување на долгорочниот буџет на ЕУ од 2028 година па натаму“, вели Рафаел Лос. Преговорите сега влегуваат во жестока фаза. Кога станува збор за миграцијата, прашање е до кој степен Фридрих Мерц го гледа ова прашање како „европска политичка амбиција“ или дали е подготвен, доколку е потребно, да ги спроведе своите идеи дури и спротивно на европската правна рамка. Како што заклучува овој политиколог, другите прашања кои ќе ги засегаат и Берлин и Брисел во наредниот период се однесуваат првенствено на американската царинска политика и трговијата со Кина.