1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Мигранти во Германија: Интеграција без интеграциски курсеви

21 февруари 2026

Германското министерство за внатрешни работи поради буџетски причини го ограничува пристапот до доброволните интеграциски курсеви. Многу критичари сметаат дека тоа е кобна одлука.

Пет луѓе од кои седат на маса и гледаат кон еден документ. Све жени и двајца мажи се свртени со лицето а уште една жена со грбот на оваа фотографија
Курсевите за интеграција на мигрантите повеќе нема да бидат достапни за сите. Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Муге Тузџу Каракоч е сигурна: без курсот за интеграција, таа веројатно до ден денес немало вистински да се интегрира и да се вклопи во Германија. Турската новинарка тука живее седум години. Но, дури во 2024 година, кога секојдневно учела германски јазик со Украинки, Сиријки и Иранки, почувствувала дека земјата во која живее ѝ ги отвора вратите, вели таа. „Таму не го научивме само јазикот. Благодарение на тој курс, повторно станав дел од секојдневниот живот и сфатив дека тука во Германија ја добив мојата шанса“.

Германското Министерство за внатрешни работи во иднина не сака да им ја пружи таа можност на сите бегалци. Барањата за посетување на курсот за бегалци од Украина, баратели на азил, лица со привремен престој (Дулдунг) и мигранти од ЕУ повеќе нема да бидат одобрувани. Во иднина, тие ќе мора сами да платат 1.600 евра за курсот за интеграција. Само доколку центарот за вработување, службата за имиграција или социјалната служба ги обврзат да го посетуваат курсот, трошоците ќе ги покрие Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ). 

Тоа е одлука што 42-годишната жена не може да ја разбере. Таа за ДВ вели: „Во моментов имам чувство дека Германија прави чекор назад. Ако мигрантите не можат да учествуваат во секојдневниот живот, проблемите стануваат поголеми. Кога ќе ги запрете курсевите за интеграција, мигрантите нема да исчезнат“.

„Странците го збогатуваат нашето општество“

Петра Мартин е жена која пресудно придонесе на Тузџа Каракоч да ѝ се отворат вратите во новата татковина. Од крајот на 2022 година, таа предава на стотици мигранти на курсевите за интеграција и ги подготвува за животот во Германија. Одлуката на Сојузното министерство за внатрешни работи ја изненади и неа.

„Овие курсеви се исклучително важни. Секој кој не зборува германски во ова општество нема шанси. Ако луѓето не се интегрирани и, на пример, не знаат која е минималната плата во Германија, тие ќе ја прифатат првата нископлатена работа и ќе останат потиснати.“

Како по правило, курсевите за интеграција вклучуваат 700 наставни часа: најчесто се изучува јазикот, но во програмата се и германскиот правен поредок, историјата, културата и општествениот развој. Тоа е модел кој се докажал во текот на 20 години - речиси четири милиони луѓе досега учествувале на овие курсеви. 

Маките на мигрантите со бирократијата во Германија

01:02

This browser does not support the video element.

„Германија испраќа погрешен сигнал со отежнатиот пристап, бидејќи потребни ни се овие луѓе - во болниците, во грижата за стари лица и во јавната служба“, критикува Мартин. „Мигрантите сакаат да станат дел од оваа земја, да ја разберат Германија и да работат тука. Секогаш си мислам, Боже, колку тоа нè збогатува! А ние ги кочиме.“

Министерство за внатрешни работи: Интеграција само за оние кои сигурно ќе останат

За германското Министерство за внатрешни работи под водство на министерот Александар Добринт од баварската Христијанско-демократска партија ЦСУ,  работата е јасна: зошто, во време на ограничени буџетски ресурси, да се помогне во интеграцијата на луѓе кои воопшто немаат таканаречена „позитивна перспектива за останување“? На барање на ДВ, министерството соопшти дека курсевите за интеграција на тој начин се враќаат на нивната првобитна намена.

„Ние одговараме на намалениот број мигранти и ги намалуваме трошоците. На овој начин, ги намалуваме погрешните стимулации и поставуваме приоритети. Курсевите за интеграција се достапни првенствено за оние кои можат трајно да останат во Германија.“ Понудите ќе бидат целно насочени во иднина. „Основниот принцип останува: оние кои можат трајно да останат треба да добијат поддршка во учењето јазик и таканаречена брза ориентација.“

Ополномоштеничка за интеграција: „Одлука која може скапо да нè чини!“

Политичарката од Социјалдемократската партија на Германија, Наталија Павлик, е ополномоштеничка на германската влада за миграција, бегалци и интеграција од минатата година. Поради одлуката на Сојузното министерство за внатрешни работи, која предизвика големи контроверзии, таа често е присутна во германските медиуми. И Павлик смета дека одлуката е погрешна, особено затоа што е во спротивност со заедничкиот договор од коалицискиот договор за поголеми инвестиции во интеграцијата и продолжување на курсевите за интеграција. 

„Од гледна точка на политиката за интеграција, апсурдно е да се бара поголема интеграција од луѓето, а во исто време да им се одземе можноста за тоа. Поради суспендирањето на одобрувањето на курсевите, луѓето губат драгоцено време.“ Ова го поништува она што е докажано во Германија повеќе од 20 години: „Учењето на германскиот јазик не е резултат, туку предуслов за брза и успешна интеграција. Поддршката во учењето на јазикот не смее да зависи од неизвесна прогноза за подоцнежната перспектива на останување.“

„Ова е прашање на поставување приоритети. Ќе разговараме за ова во владата“, вели Натали Павлик, ополномоштеничка на германската влада за миграција, бегалци и интеграција Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Она што особено ја загрижува Наталија Павлик е дека Германија би можела да си наштети на долг рок со тоа што ќе го отежни пристапот до курсевите за интеграција. Таа разговарала со бројни работодавци и агенции за вработување, кои постојано ѝ го повторуваат истото: без јазично ниво Б1, многу е тешко да се посредува во вработувањето, а познавањето на германскиот јазик е основен услов за влез на пазарот на трудот.

„Сега се поставуваат непотребни бариери, кои на крајот ќе доведат до тоа луѓето да останат зависни од социјална помош подолго време и ќе им биде потешко да станат независни.“ Ова, вели таа, е и економски проблематично. „Бидејќи луѓето ќе добиваат социјална помош подолго време, а државата ќе губи даночни приходи. Недостаток на инвестиции во интеграцијата би можел скапо да нè чини подоцна.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми