1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Што знаеме за летечките објекти - а што не

Штефани Хепнер | агенции
14 февруари 2023

Во изминативе денови, во повеќе наврати, необични летечки објекти беа забележани над Северна Америка и подоцна соборени. За што станува збор? Прашања и одговори за оваа мистериозна појава.

На почетокот на февруари, набљудувачи на брегот на американските сојузни држави Северна и Јужна Каролина го следеа соборувањето на сомнителениот шпионски балон од Кина
На почетокот на февруари, набљудувачи на брегот на американските сојузни држави Северна и Јужна Каролина го следеа соборувањето на сомнителениот шпионски балон од КинаФотографија: Allison Joyce/REUTERS

Соборувњето на осомничениот шпионски балон од Кина на почетокот на февруари се најде на насловните страници низ светот. Во последниве денови неколку мистериозни летечки објекти повторно беа забележани над Северна Америка и елиминирани од страна на американските воздухопловни сили. Нејасно е од каде доаѓаат и која им е намената.

Кои инциденти се познати?

Последниот инцидент се случи во неделата. Американското Министерство за одбрана го потврди соборувањето на неидентификуван летечки објект - овој пат над езерото Хурон, кое се наоѓа на границата меѓу САД и Канада. Станува збор за објект со осумаголна структура и нишки кои висат од него. Се наоѓал на височина од шест километри над сојузната држава Мичиген и, според властите, е класифициран како опасност за цивилниот воздушен сообраќај.

Американската војска во петокот собори неидентификуван летечки објект над сојузната држава Алјаска. Тој бил многу помал од осомничениот шпионски балон од Кина и немал сопствен погонски или контролен систем. Уште еден објект беше уништен во заедничка операција на канадските и американските воени авиони над канадската територија Јукон во саботата. Според претставниците на Канада, имал форма на цилиндар и бил со големина на мал автомобил.

Сателитска снимка на езерото Хјурон - летечки објект беше соборен овде во неделата (12 февруари 2023)Фотографија: NASA Earth/Zuna/picture alliance

Дали и другите летечки објекти доаѓаат од Кина?

Пентагон соопшти дека сè уште не е јасно за што точно сстанува збор кога се во прашање трите летечки објекти. Командантот на американската северна команда, Глен Ван Херк, зборуваше за „многу, многу мали објекти“. Тој не сакаше да ја опише формата или големината, но рече дека тие се движеле многу бавно, приближно со брзината на ветрот. Засега не се знае што точно било соборено од небото, од која земја доаѓаат и која е нивната цел. Остатоците од соборените објекти треба да дадат информации за ова.

Што се знае за кинескиот балон?

Најверојатно најголемо внимание привлече кинескиот балон соборен во воздушниот простор на САД на 4 февруари, кој наводно шпионирал американските воени инсталации. Бил висок околу 60 метри и наполнет со хелиум. Според американски експерт, гондолата, со големина на три автобуси, содржела вредни алатки за шпионажа кои веројатно биле управувани од вештачка интелигенција. Управувањето со прилагодување на висината, без сопствен погонски систем, вклучува и радио врска до домашната база.

Кина ги отфрла сите наводи за шпионажа и продолжува да зборува за метеоролошки балон што се оддалечил од зацртаната маршрута. Станува збор за „цивилен воздушен брод“ кој ненамерно навлегол во американскиот воздушен простор поради „виша сила“.

Соборување на кинескиот балон над САД - според Кина тој бил користен за истражувачки целиФотографија: RANDALL HILL/REUTERS

Зошто во моментов се гледаат толку многу летечки објекти?

Може да има неколку причини за ова. Од една страна, тие беа откриени затоа што по соборувањето на осомничениот шпионски балон, радарските поставки беа променети за подобро откривање на помали и побавни објекти, како што објасни Мелиса Далтон, државна секретарка во Министерството за одбрана на САД. Покрај тоа, воздушниот простор на САД ќе се проверува повнимателно на соодветната височина.

Од друга страна, зголемена е свеста за можната опасност од непознати летечки објекти. Тоа би можело „барем делумно да го објасни зголемувањето на бројот на објектите што ги откривме во текот на изминатата недела“, рече Далтон. Патем, според еден извештај на американската влада, зголемен е и бројот на сомнителни НЛО, иако сè уште нема докази за вонземски живот.

За што се користат објектите?

САД се сигурни дека балонот бил користен за шпионски цели. Кина распоредила цела „флота“ вакви балони над повеќе од 40 земји. Министерството за одбрана на САД беше претпазливо во известувањето за другите објекти: Познато е дека јавните и приватните истражувачки институции исто така пуштаат свои летала на вакви височини во атмосферата.

Каде и кога биле забележани повеќе балони?

Летечки балон неодамна беше забележан и над Латинска Америка. Според информациите на новинските агенции, тој летал од Костарика, преку Колумбија и Венецуела. Според Пекинг, и овој балон „ненамерно“ влегол во воздушниот простор на трите латиноамерикански земји. Слични летечки објекти беа забележани во Јапонија во 2020 година.

Кинескиот балон беше извлечен од морето од страна на американската морнарица - остатоците од другите летечки објекти треба да откријат повеќе за нивното потекло и целФотографија: U.S. Fleet Forces/U.S. Navy photo/REUTERS

И САД уште пред инцидентот на почетокот на февруари, беа цел на летечки балони: Според извештајот на Втората германска телевизија, три такви балони веќе непречено летале над САД за време на претседателствувањето на Доналд Трамп.

А што е со Кина?

Дури и Кина сега се чувствува загрозена од балони, обвинувајќи ги САД дека американски балони летале на голема височина над Кина повеќе од 10 пати во изминатата година. Ова е направено без дозвола на Народната Република, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Ванг Венбин во Пекинг.

Според него, прилично често се случува американски балони да летаат на големи височини над други земји. САД, исто така, испратија авиони и воени бродови за да соберат разузнавачки информации за Кина, рече портпаролот. Запрашан како Кина ќе одговори на летовите над нејзина територија, портпаролот на министерството рече дека одговорот на Народната Република на ваквите инциденти е одговорен и професионален.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми