1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Столтенберг: Северна Македонија може да се потпре на НАТО

ДТЗ
21 ноември 2023

„Нема воена закана од Русија кон кој било сојузник на НАТО и регионот. Но, остануваме претпазливи. Подготвени сме да го одбраниме секој сојузник“, порача генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг во Скопје.

Јенс Столтенберг, Димитар Ковачевски Скопје Македонија
Јенс Столтенберг и Димитар Ковачевски на прес-конференција во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Северна Македонија е ценет сојузник на НАТО. Алијансата може да се потпре на Северна Македонија, но и земјата може да се потпре на НАТО. Алијансата ви гарантира безбедност“. Ова е  пораката која што ја испрати генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг од Скопје. Тој на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски потенцираше дека безбедноста на Западен Балкан е од суштинско значење за НАТО, но тука има и причини за загриженост.

„Во БиХ се појавија тензии и тука ги охрабрувам политичките лидери да се воздржат од поделбени и сецесионистички реторики, и да ги концентрираат своите напори на помирување и на мирна иднина. Во Косово неодамна видовме инциденти со сериозно насилство и напад на мировниците на КФОР. Белград и Приштина мора да се впуштат во дијалогот којшто е олеснет од ЕУ, затоа што тоа е единствениот начин да се дојде до решението коешто ќе ги почитува правата на сите заедници“, рече Столтенберг на прес-конференција во Владата.

Руско влијание има, но нема воена закана од Русија кон кој било сојузик на НАТО и регионот, вели првиот човек на НАТОФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ценет сојузник

Столтенберг, кој деновиве беше во посета на земјите од регионот, ќе им се обрати на пратениците во македонскиот парламент, што ќе биде прво негово обраќање откако Македонија стана полноправна членка на НАТО. Тоа, според него, ја покажува важноста на Македонија како ценет сојузник на Алијансата. 

„Вие придонесувате кон безбедноста и стабилноста на Западен Балкан преку нашите мировни мисии со КФОР на Косово. Решени сте да дојдете до два проценти од БДП потрошени на одбраната до следната година, а Северна Македонија силно ја осуди и руската војна против Украина. Се приклучивте на ЕУ во наметнувањето санкции кон Москва и нудите воена и финансиска поддршка на Украина. Алијансата ви гарантира безбедност. Покриени сте од авионите на НАТО и ова е всушност силидарноста на НАТО на дело', рече Столтенберг.

Дезинформациите како опасност

Столтенберг и при посетата на Скопје нотираше дека „авторитарни држави шират дезинформации, сеат поделби и ја поткопуваат демократијата“ и на Западен Балкан. На нив, според Столтенберг, треба да се одговори со зајакната соработка меѓу сојузниците. Во однос на безбедносните предизвици во регионот и руското влијание, Столтенберг вели: „Не гледаме дека има воена закана од Русија кон кој било сојузик на НАТО и регионот. Но, остануваме претпазливи и ќе останеме обединети. Подготвени сме брзо да се засилиме и да го одбраниме секој сојузник од каква било закана“.  

И премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема закана за стабилноста на Северна Македонија. „Се бориме против руското влијание во регионот. Ние сме земја на НАТО и институциите си ја вршат својата работа. Сите политички субјекти имаат обврска да придонесуваат за мир и стабилност. Постои руско влијание во регионот, и тие секогаш се во можност да пронајдат свои истомисленици во поединци во одредени политички партии и организации, но тие не се ни на приближно ниво на она што го поседуваат безбедносните служби и службите на НАТО за да можат да ја дестабилизираат земјата“, рече Ковачевски. 

Евроинтеграциите се приоритет, мора да ги изодиме докрај, вели КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Стабилноста во регионот како приоритет

Според него, стабилноста на регионот е исклучително и суштински важно и тоа повеќе од кога било досега. „Токму затоа наш приоритет е евроинтеграцијата. Пред се на Северна Македонија, но и на регионот. Не смееме да имаме пречки и кочници на тој пат и ќе направиме се што е потребно да го исчекориме до крај, се до нашето членство во ЕУ во 2030 година“, рече премиерот.

Запрашан за очекувањата од декемврискиот самит на ЕУ, Ковачевски рече дека исходот ќе зависи од сите нас. На опозицијата и порача дека „ако не се надминат себеси, ќе ја гледаме репризата на 11 самити на НАТО и ЕУ, додека беа на власт и не се случуваше никаква одлука и ниту еден милиметар придвижување во евроинтеграцијата“.

„Само Никола Груевски е заменет со Христијан Мицкоски, другите се исти. Само ќе имаме еден претседател  на партија заменет со друг со ист пристап во политиката“, рече Ковачевски.

Посетата на Генералниот секретар на Алијансата на четири земји од Западен Балкан (БиХ, Косово, Србија и Северна Македонија) која почна на 19. ноември, завршува во среда во Скопје, каде Столтенберг ќе биде домаќин и на состанокот со лидерите на земјите- членки на НАТО од регионот. Северна Македонија во 2020 година стана 30. членка на НАТО.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми