1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Столтенберг: Израел е соочен со „исклучително тешка дилема“

13 октомври 2023

Во интервју за ДВ генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека сите членки на НАТО ги осудуваат терористичките напади врз Израел. „Важно е да се заштитат животите на цивилите“, вели Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ДВ
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за ДВ Фотографија: Alexandra von Nahmen/DW

ДВ: Терористичките напади врз Израел беа главна тема на состанокот на министрите за одбрана во Брисел. Претходно бевте информирани од израелскиот министер за одбрана за ситуацијата на теренот. Што може и што треба да направи НАТО во оваа ситуација? 

Јенс Столтенберг: Пред сè, беше важно да се информираме од израелскиот министер за одбрана, и секако шокантно е да се потсетиме за бруталноста на терористичките напади во текот на викендот против Израел... млади луѓе на музички фестивал, семејства во нивните домови … убиени. Затоа, сојузниците на НАТО повторно ја изразија својата најжестока осуда поради овие ужасни напади. НАТО како сојуз нема улога во овој конфликт. Но сојузниците на НАТО ја изразија својата поддршка. САД, Германија и сојузниците на НАТО… Обединетото Кралство... исто така, даде практична поддршка за да му помогне на Израел да се одбрани од овие страшни терористички напади. 

ДВ: Израел е стратешки партнер за НАТО. Објавивте изјава дека Израел има право да се брани пропорционално. Што точно значи тоа? 

Јенс Столтенберг: Тоа значи дека е важно да се заштитат животите на цивилите и да се спречи загубата на цивилни животи. Се разбира, ова е исклучително тешка ситуација. Многу е тешко затоа што знаеме колку луѓе живеат во појасот Газа, колку е густо населението таму. Значи, ова е тешка и предизвикувачка задача. 

Палестинци ги напуштаат своите домови во ГазаФотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

Во исто време, важно е додека Израел се брани... што е можно повеќе да се направи за да се спречи загубата на невини цивилни животи, особено што овој конфликт може да се развива во наредните денови. и недели. 

ДВ: Но, дали би рекле дека прекинот на сите испораки на храна и електрична енергија е во согласност со меѓународното право? 

Јенс Столтенберг: Мислам дека ова ги покажува исклучително тешките дилеми со кои се соочуваме и со кои се соочува Израел додека се подготвува за одбрана од овој вид терористички напади.

ДВ: Објавивте изјава во име на НАТО. Но, немаше заедничка изјава потпишана од сите членки, иако Израел бараше силен сигнал. Зошто? 

Јенс Столтенберг: Па, сите сојузници јасно ги осудија овие напади и тоа беше изразено и на состанокот. Тоа беше кажано во мојата изјава. Значи, нема сомнеж дека членките на НАТО, сите, ги осудуваат нападите врз невините цивили. И неколку сојузници, исто така, обезбедија практична поддршка, вклучително и Германија. 

NATO chief speaks to DW after Hamas attacks on Israel

07:27

This browser does not support the video element.

ДВ: За Украина. НАТО- Алијансата досега остана обединета кога станува збор за поддршката на Украина. Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски, овде во Брисел посочи дека е загрижен дека конфликтот на Блискиот Исток може да го одвлече вниманието на Западот и да ја оттргне западната поддршка од Украина. Дали мислите дека ова е реална закана или реален ризик? 

Јенс Столтенберг: Претседателот Зеленски присуствуваше на состанокот со сојузниците на НАТО во Контакт групата за Украина предводена од САД овде во седиштето на НАТО. И НАТО сојузниците, тие силно изразија загриженост и шок од бруталноста во терористичкиот напад врз Израел викендов. Но, тоа нема да ја поткопа нашата способност, нашата волја, нашата решителност, да продолжиме да ја поддржуваме Украина. И ова се покажува не само со зборови, туку и со дела. Токму последниве денови, НАТО- членките најавија поголема поддршка за Украина. Германија со повеќе муниција, со повеќе системи за противвоздушна одбрана, вклучително и напредни батерии Патриот... Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и многу други... така што поддршката од НАТО за Украина не е само нешто што го изразивме со зборови, туку и со дела. Мислам дека најдобриот израз на нашата поддршка се всушност конкретните активности кои се случуваат на терен секој ден во нашиот постојан проток на поддршка за Украина. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми