1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Столтенберг за ДВ: НАТО ќе ги надмине разликите

Петра Фиксел
5 април 2024

Генералниот секретар на НАТО по повод 75-годишнината од основањето на Алијансата, оценува дека тоа е најуспешниот воен сојуз во историјата. А САД, вели тој, ќе останат партнер дури и ако Трамп дојде на власт.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за ДВ: Помошта за Украина е итно неопходна, мораме да направиме повеќе
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за ДВ: Помошта за Украина е итно неопходна, мораме да направиме повеќеФотографија: Bernd Riegert/DW

Во своето 75-годишно постоење, НАТО надмина различни кризи и политички спорови. Алијансата во моментов прави напори да го зачува единството во поддршката за Украина. Исто така, во моментов не може да се смета на Соединетите Американски Држави, бидејќи Конгресот во Вашингтон не носи соодветни закони. Некои земји членки се сомневаат дека Украина навистина може да ја победи Русија. Балтичките земји инсистираат на поголема помош. Постојано има поплаки дека оружјето и муницијата не се доставуваат доволно брзо и во доволна количина.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги гледа овие расправии, но вели дека во претходните децении Алијансата секогаш ги збивала редовите кога тоа требало. „И покрај тие разлики, успеавме да се обединиме околу нашата основна задача, нашата заштита и заедничка одбрана“, рече тој во интервју за ДВ.

Убедување на најважниот сојузник: генералниот секретар Столтенберг и американскиот државен секретар Блинкен во БриселФотографија: Johanna Geron/Reuters/AP/picture alliance

„Вашингтон е посилен со НАТО отколку без него“

Генералниот секретар смета дека САД ќе останат стабилна членка на НАТО дури и ако радикалниот републиканец Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД наесен. „Тоа е, имено, безбедносен интерес на САД. САД се посилни со Северноатлантскиот пакт отколку без него.“ Според Столтенберг, критиките на Доналд Трамп не се однесуваат на НАТО како сојуз, туку се насочени „против некои членки кои не ги исполнуваат своите обврски, а во меѓувреме се зголемиле и трошоците за одбрана“.

„Сега планот е сите членки на Алијансата, па и САД, да ги донесат неопходните одлуки за да ја стабилизираат својата поддршка за Украина“, рече Столтенберг, додавајќи дека тоа го застапува мнозинството и во американскиот парламент и од населението, но тоа мнозинство мора да биде правилно организирано.

Сечење на роденденска торта за вработените во НАТО по повод 75-годишниот јубилејФотографија: Kenzo Tribouillard/AFP/Getty Images

Норвежанецот ја напушта функцијата есенва, а верува дека НАТО е во добра форма на својот 75-ти роденден. „НАТО е најсилниот и најуспешниот сојуз во историјата и тоа од две причини: ние сме обединети околу взаемната заштита и можевме да се прилагодуваме кога светот се промени.“ Столтенберг додава дека сега Русија е закана број еден и дека ќе се реагира соодветно на тоа.

Украина бара повеќе средства за противвоздушна одбрана

Украинскиот министер за одбрана Дмитро Кулеба на церемонијата во Брисел порача: „Не сакам да ја расипам забавата, но спасот на украинските животи, економија и градови зависи од тоа дали во Украина има 'Патриот' и други противвоздушни системи. Зборуваме за 'Патриот', бидејќи тоа е единствениот систем кој може да пресретне балистички ракети“.

Не е познато дали украинскиот министер заминал дома со конкретни ветувања, но не недостигаше вербална поддршка. На пример, германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, потсети дека е во сопствен интерес да се поддржи борбата на Украина против рускиот напад. „Ако Украина повеќе не може да се брани, тогаш постои опасност руската инвазија да се придвижи понатаму кон европските граници, кон границите на НАТО.“

Барање дополнителна помош за борба против Русија: Министрите за надворешни работи на Украина и на Германија, Кулеба (десно) и Бербок во БриселФотографија: Johanna Geron/AP Photo/picture alliance

Џејми Ше, поранешен висок офицер на НАТО, рече дека веродостојноста и иднината на НАТО зависат од воениот притисок на Русија од Украина и оти ова е војна во која Алијансата мора да победи, иако Украина сè уште не е членка и обврските за воена помош од членот 5 од договорот на НАТО технички не се во сила.

Во огромниот атриум во седиштето на НАТО, стотици соработници и офицери од земјите членки се собраа на прославата на годишнината.

Нов фонд за Украина од сто милијарди евра?

Полска стана членка на НАТО во 1999 година. Таа им припаѓа на 22 земји кои станаа членки во неколку бранови на проширување на воената алијанса. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски рече дека неговата земја е среќна поради тоа. „Ние сме таму каде што припаѓаме - во друштво на демократии, опкружени со пријатели кои стојат заедно цврсти како карпа.“

Сепак, една земја не е како другите. И Унгарија е членка на Северноатлантскиот договор од 1999 година, но не ја поддржува целосно политиката на НАТО против Русија. „Тоа не е наша војна, не е војна на НАТО“, велат унгарските дипломати за обидите на Русија да ја освои Украина. Во согласност со тоа, Унгарија ќе одбие да се согласи за нов финансиски пакет од сто милијарди евра помош за Украина.

NATO at 75: 'United to preserve peace, not provoke conflict'

08:33

This browser does not support the video element.

Столтенберг го предложи тој пакет за воена помош со цел Украина да биде стабилна. Малкумина министри за надворешни работи беа воодушевени од предлогот, бидејќи тоа значи дополнително финансиско оптоварување. Покрај тоа, НАТО и формално би преземал позначајна улога. Во моментов НАТО како организација не доставува оружје и муниција. Сите земји членки за ова се договараат билатерално со Украина.

САД во моментов ја синхронизираат помошта од поединечни земји. Прашање е дали ќе остане така и по ноемвриските претседателски избори, доколку Трамп победи. Тој веќе најави дека повеќе нема да и` дава ниту цент на Украина. Затоа, 76-тиот роденден на НАТО следната година би можел да изгледа многу поинаку од овој.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми