1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови правила: Крај на исплатите во кеш кај брзите кредити

12 јуни 2026

Брзи кредити без кеш: Министерството за финансии подготвува законски измени за поголема заштита од злоупотреби и измами кај брзите кредити.

Брзи кредити, исплата на пари 04.11.2014
Нови правила: Крај на исплатите во кеш кај брзите кредитиФотографија: picture alliance/dpa Themendienst/Wuestenhagen

Крај на практиката „кеш на рака“ кај брзите кредити – државата најавува нов сет законски измени што треба да стават ред во секторот кој со години е под лупа поради злоупотреби. Министерството за финансии подготвува построги правила, со кои ќе се засили контролата врз финансиските друштва и ќе се зголеми заштитата на граѓаните.

Нови правила за финансиските друштва

Предложените законски измени предвидуваат воведување задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор.

Дополнително, се зајакнува контролата при отворање нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, согласно утврдени критериуми за условите на работење.

Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина. Кредитните средства ќе се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка, со цел поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.

Димитриеска-Кочоска: засилен надзор и заштита на граѓаните

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „Телма“ истакна дека измените се резултат на засилените контроли и утврдените недоследности во работењето на дел од финансиските друштва.

„Имаме законски измени што ги подготвуваме во периодот што следува. По спроведените контроли, утврдивме одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива, кои оставаат простор за разни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати. Целта е поголема заштита на граѓаните и стабилно функционирање на секторот“, рече министерката.

При досегашните контроли беа утврдени  неправилности со брзите кредити, а во одредени случаи беа преземени и мерки, како одземање лиценца. Дел од постапките биле иницирани по пријави од граѓани, кои, како што нагласи министерката, имаат значајна улога во откривањето на злоупотребите.

Со овие законски измени, според Димитриеска-Кочоска, се очекува значително зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работа на финансиските друштва.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најавува засилен надзор за брзите кредити и заштита на граѓаните Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Претставки од граѓани до МВР и Народниот правобранител

Проблемот со злоупотребите при брзи кредити и „должничкото ропство“ во кое заглавуваат граѓаните се провлекува со години. Во изминатиот период поради утврдени неправилности беа изрекувани казни и беа издавани прекршочни налози поради неправилности во работењето на одредени финансиски друштва. Беше одземена eднa лиценца за работа на финансиско друштво, а за вознемирување при наплата на кредит биле примени и неколку пријави од граѓани. 

Особено поплаки изминатиот период пристигнуваа од граѓани кои сметаат дека биле измамени поради реклами со нула проценти камата, иако во договорите всушно биле предвидени дополнителни трошоци.

Во текот на минатата година, над 30 претставки од измамени граѓани пристигнале до Народниот правобранител. Честите злоупотреби при одобрување на брзи кредити ги загрозуваат правата на граѓаните, поради што Омбудсманот побара ограничување на електронското аплицирање, особено во случаи на злоупотреба со украдени лични карти.

МВР во 2023 година, само за шест месеци, евидентираше 65 пријави од измамени граѓани. Проценките во изминатиот период беа дека над 200.000 граѓани користеле брзи кредити.

Собранието во меѓувреме ги усвои измените на Законот за облигациони односи и Законот за извршување, со што беше ставен крај на таканареченото „должничко ропство“. Со измените се намалија вкупните трошоци за брзи кредити, кои не можат да надминат 60% од износот на кредитот. На овој начин се спречуваат ситуации во кои за кредит од 10.000 денари граѓаните враќале и до 70.000 денари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми