1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФилмСоединети Американски Држави

Стоти роденден на Дизни: Со цртани филмови до светска слава

Надин Војчик
16 октомври 2023

Како Волт Дизни успеа од мало студио за цртани филмови да стане една од најголемите медиумски компании во Холивуд? Почнал со капитал од 40 долари, а денес речиси секое дете знае за Волт Дизни.

Мики Маус
Ликови на Дизни кои се познати низ целиот светФотографија: picture-alliance/dpa

„Секогаш запомнете дека сè започна со еден глушец“, рече Волт Дизни во 1954 година во една ТВ емисија. Во тоа време, неговата продукциска куќа постоеше повеќе од три децении и беше една од најуспешните во САД. Мики Маус не беше херој само на филмското платно, неговата насмевка можеше да се види на маици, на фудбалски топки, дури и на четки за заби. И во 1955 година беше отворен првиот Дизниленд во Калифорнија, со што популарниот Мики Маус „оживеа“.

Волт Дизниизраснал на фарма во Мисури. Ја започнал својата кариера цртајќи реклами и на крајот се заљубил во цртаните филмови. Со 40 долари во џеб се упатил кон Холивуд и таму пред точно 100 години (16.10.1923) ја основал компанијата Волт Дизни, медиумска империја која денес „тежи“ неколку милијарди долари.

„Задоволство е да се прават невозможни работи“, тоа беше една од максимите на пионерите на цртаните филмови. Од таа изјава може да се прочита не само огромен труд, туку и непоколеблива верба во сопствената идеја. Момчето од фармата неколку пати се нашло пред колапс на неговата компанија. .Проектите биле премногу смели за него, тој секогаш морал да ја испроба најновата филмска техника и да ја усовршува. Таа мешавина на деловен елан го навела многу брзо да почне да спие на каучот во неговото студио, ретко гледајќи ги сопствените деца - и се со цел да ги „маѓепса“ за него непознатите деца со бајки од филмското платно.

Волт ДизниФотографија: Bert Reisfeld/dpa/picture alliance

Успеси и награди

Веќе во 1937 година, Волт Дизни почнал да пишува филмска историја. Тогаш во кината пристигнал филмот „Снежана и седумте џуџиња“, првиот долгометражен цртан филм што се прикажувал во кино. Во тоа време, никој не можел да претпостави дека ќе следат 60 нови долгометражни филмови на Дизни. Но, Дизни во тоа време не можел да сонува за успех, бидејќи го мачеле други грижи. Уште еднаш му се заканувал колапс, поради погрешна пресметка на продуцентот Волт Дизни. Наместо 250.000, филмот чинел 1,5 милиони долари. Наместо 18 месеци, неговите цртачи работеле три години. Три години работа на идеја која многумина во Холивуд ја сметале за глупава во тоа време. Целовечерен цртан филм? Па кој ќе застане во ред да купи карта за ваков филм, била дилемата која се наметнала. 

Но, се покажа дека многумина биле подготвени да застанат во ред. Набргу по почетокот на прикажувањето на филмот,  „Снежана“ му носи заработка на Дизни од сум милиони долари. Билет за кино во тоа време чинел во просек по 25 центи. Филмот бил преведен на десет јазици и бил прикажуван во кината во 46 земји низ светот.

Волт Дизни доби и Оскар - тоа всушност беа осум статуетки - една голема и седум мали, како асоцијација со Снежана и џуџињата.

Силен шеф со големо его

Меѓутоа, работата во студијата на Волт Дизни не била секогаш бајка. Прекувремени часови, лоши плати, шеф кој строго внимавал на своето креативно его - секогаш имало само едно име на почетокот на филмот. Неговото Неговиот потпис до ден денес го краси логото на концернот. Но, компанијата не може да му се заблагодари само на Волт Дизни за тој успех. Тој ги основал студијата Дизни со неговиот брат Рој, кој подоцна се грижел за финансиите. Глувчето со коешто се започна, беше создадено од уметничкиот директор Уб Иверкс, веројатно под строги инструкции на неговиот шеф.

БамбиФотографија: Walt Disney Co./Everett Collection/picture alliance

Волт Дизни беше визионер, но и бизнисмен. Знаеше да одбере талентирани луѓе околу себе. Токму за време на економската криза на крајот на 20-тите години на минатиот век, кога многу компании банкротираа и семејствата станаа сиромашни, тој основаше трговска дејност. Со генијалниот маркетинг менаџер Кеј Камен, од 1930-тите, сликата на Мики Маус почна да ги краси чорапите, пакувањата со мусли или фудбалските топки. Многу брзо, Студиото Дизни почна да заработува значително повеќе пари од рекламни договори отколку од сопствените филмови.

По „Снежана“, во кината пристигнаа „Пинокио“ (1940), „Дамбо“ (1941) и „Бамби“ (1942). Но, тие не беа толку успешни како првиот хит. Дел од очекуваните приходи пропаднаа, бидејќи започна Втората светска војна, а важниот европски пазар беше изгубен во годините што следеа. Со оглед на тоа што беше сè потешко да се најдат банки кои ќе го кредитираат работењето на компанијата, Дизни излезе на берза. Денес, според Институтот за медиуми и информациска политика, компанијата Волт Дизни е на шестото место на листата на најуспешни светски медиумски концерни. Акциите на Дизни котираат на индексот Дау Џонс, па затоа се меѓу најуспешните американски компании.

За време на Втората светска војна, Дизни стана дел од американската воена пропагандна машина. Студијата почнаа да произведуваат бројни кратки филмови и цртани филмови, во кои се величи американското воено однесување, односно репродуцираа слики на непријателот. Во добро познатото пропагандно дело „Лицето на Фирерот“ (1943), Пајо Паторот морал да работи во фабрика за оружје во нацистичка Германија, а за малку ќе полудел од постојаните извици „Хајл Хитлер“. Дизни продуцираше и филмови за обука на американската војска. Критичарите му прекоруваа дека наместо воена пропаганда, требало да се посвети на ширење пацифистички и хуманистички идеи.

26 Оскари

Во повоените години, Дизни се врати на старите патеки на успехот со филмови како „Алиса во земјата на чудата“ (1951) или „Петар Пан“ (1953). Во 1955 година, Дизни имаше уште една визионерска идеја, која на многумина им изгледаше мегаломанска во тоа време: тој ги претвори своите светови од бајките во реалност, со што го отвори првиот Дизниленд во Калифорнија. Во текот на годините и децениите што следеа, копии беа отворени низ целиот свет: од Флорида, Париз до Токио или Шангај.

Дизни е награден со вкупно 26 Оскари. До денес тоа е рекорд. Основачот на компанијата лично не ја доживеал премиерата на неговиот последен филм „Книга за џунглата". Волт Дизни почина во 1966 година од рак на белите дробови. Но, брендот Дизни продолжи да живее. Во 80-тите, следеше кризата на филмските студија. Од 1986 година, управувањето со концернот го презеде внукот на Волт, Рој Е. Дизни, а заедно со Џефри Каценберг, тој е одговорен за ренесансата на Дизни: „Ариел сирената“ (1989), „Убавицата и ѕверот“ (1991) и конечно „Кралот лав“ (1994).

Малата сирена, Хали БејлиФотографија: ©Walt Disney Co./Courtesy Everett Collection/picture alliance

„Ако Дизни може да се поврзе со што вило, тогаш она што ја прави таа компанија посебна, според мое мислење, се магијата, фантазијата и креативноста. Тоа е она што не прави толку посебни. Ние раскажуваме приказни и создаваме магија во сè што правиме“, вели Бети Клајн, директорка на архивата на Волт Дизни во интервју за ДВ.

Од почетокот на овој век концернот се проширува.Прво Дизни го купи успешното студио за анимација Пиксар, потоа ги „проголта“ суперхероите на Марвел и на крајот Лукасфилм. со својата успешна серија „Војна на ѕвездите“. Во 2019 година беше лансирана стриминг платформата Дизни+, која по одредени потешкотии успеа да се наметне и денес глобално се гледа како број 3 во индустријата – по Нетфликс и Амазон Прајм.

Критики на сметка на Дизни

И додека концернот остварува промет кој се мери во милијарди долари, мета на критики е токму сегментот со кој започна Дизни - неговите бајки. Поради расистичките елементи во класиците („Дамбо“ или „Книга за џунглата“), Дизни почна да ја предупредува публиката за тоа со соодветни текстови на почетокот на нивните филмови. По гласните критики за начинот на кој концернот го користел (и присвоил) културното наследство на одредени култури во промоцијата на своите филмови (како што е африканската изрека „Hakuna matata“, преземена од свахили), Дизни денес многу повеќе се грижи за културното богатства на други нации и народи. По повод 100-годишнината конечно започнува римејкот на хитот за сирената Ариел - но со вистински актери. Главната улога ја толкува американската ѕвезда Хали Бејли.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми