1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГрција

Грција: Илјадници евра казни за нелегално користење на плажи

ЕМФ | афп
9 јули 2024

Во борбата против комерцијално користење делови на плажи без концесија, грчките власти за пет дена изрекоа казни во висина од над 350.000 евра.

Грција I плажа
Фотографија: Aris Messinis/AFP

Министерството за економија на Грција денеска (9.07) соопшти дека е постапено по „над илјада поплаки“ за плажите во земјата, меѓу другото на островот Крф, на полуостровот Халкидики и во регионот околу Атина. Затворени се три објекти.

Со оглед на тоа што баровите на плажите, приватните плажи и таверните зафаќаат сѐ повеќе места за капење, властите со помош на дронови, сателитски снимки и новата апликација „MyCoast", во која секој може да пријави прекршоци, преземаат мерки против забранетата приватизација на плажите.

Во март годинава, владата воведе и нови правила за изнајмување лежалки. Чадорите за сонце и лежалките сега мора да бидат оддалечени најмалку четири метри од морето. Изнајмувањето е целосно забрането на плажите со широчина помала од четири метри. Изнајмувањето е профитабилен бизнис: две лежалки и чадор за сонце во Грција обично чинат од 20 до 40 евра дневно, а тие суми се значително повисоки на некои популарни грчки острови.

Од сезона во сезона, гневот на Грците поради нелегалното комерцијално користење на плажите се зголемува. Во летото 2023 година - рекордна туристичка година со 33 милиони посетители - на островот Парос се појави таканареченото движење на пешкирите, кое бара законски гарантиран пристап до плажата дури и за гостите кои не плаќаат.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми