1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страницата 47 открива дека ДУИ лажно се шокира

10 октомври 2024

Се надминува потребата од примена на „балансер“, кој во пракса предизвикува бројни злоупотреби, пишува во Стратегијата за реформа на јавната администрација, донесена кога ДУИ била на власт

бирократија
Во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 со Акциски план 2023 -2026, донесена во мандатот на Владата на СДСМ и ДУИ, е наведено дека „се надминува потребата од примена на алатката наречена ‘балансер’ која во пракса предизвикува бројни злоупотреби“Фотографија: Shotshop/IMAGO

Шокантана одлука, тежок удар врз Уставот и врз мултиетничката стабилност... Ова беа само дел од критиките на ДУИ искажани на синоќешната вонредна прес-конфернција, по одлуката на Уставниот суд за укинување на т.н. „балансер“, алатка за вработување според етничка припадност во државните институции.

„Оваа одлука е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на нашата држава, бидејќи институциите досега го отсликуваа нашиот заеднички реалитет и тоа беше темел на соживотот и комуникацијата меѓу заедниците. Денес, повеќе од кога било, се соочуваме со сериозна криза на соживотот и на правото на еднакви можности. Ова е чекор назад за нашата земја, чекор што ја загрозува иднината на мултиетничката стабилност и хармонијата што ја имаме изградено“, рече пoртпаролот на ДУИ, Арбер Адеми.

Пред зградата на Уставниот суд тој беше придружуван од партиски членови и поддржувачи.

„Ги повикуваме сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат за да ги заштитат правата загарнтирани со Устав и закон и да обезбедат дека еднаквата застапеност ќе биде непроменета“, повика Адеми, кој одлуката на Судот ја оцени како „шокантна“.

Адеми: Се соочуваме со сериозна криза на соживотот и на правото на еднакви можности (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ДУИ дала зелено светло

Но, фактите покажуваат дека кога ДУИ била на власт, заедно со партнерите во Владата се согласиле дека е надмината потребата од балансерот. Тоа го покажува Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 со Акциски план 2023 -2026. Тоа е владин акт од јули 2023 година, што значи дека е донесен во мандатот на Владата на СДСМ и ДУИ. Во него, на страница 47 е наведено дека „се надминува потребата од примена на алатката наречена ‘балансер’ која во пракса предизвикува бројни злоупотреби“. 

Ова децидно е наведено во делот „Јавна служба и управување со човечките ресурси“, каде се објаснува дека општа цел е департизирана, професионална и стручна јавна администрација.

„Тоа е единствениот начин кој на граѓаните може да им гарантира побрзо, поквалитетно и поевтино остварување на нивните индивидуални права, како и заштита на јавниот интерес“, се наведува во Стратегијата.

Понатаму се елаборира зошто е надмината потребата од балансерот.

„Имено, начелото на еднаков пристап до секое работно место, начелото на стручност и компетентност и начелото на родова еднаквост треба да се примарни и единствено применети во целиот процес на селекција, вработување и унапредување на сите нивоа во јавната администрација, додека во фазата пред донесување на одлуката за избор секако треба да се води сметка и за начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. На овој начин, од една страна се надминува потребата од примена на алатката наречена 'балансер', која во пракса предизвикува бројни злоупотреби, а од друга страна останува примената на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. Со објективни критериуми и постапки на отворен натпревар за избор на најдобриот кандидат, спроведени од професионалци во администрацијата кои поседуваат висок степен на стручност и интегритет, ќе се направи брана од политичкото влијание“, пишува на страница 47 од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, донесена во време кога ДУИ беше владејачка партија.

Општа цел, согласно Стратегијата за реформа на јавната администрација, е департизирана, професионална и стручна јавна администрацијаФотографија: chromorange/picture alliance

ЕК се изјасни

Сега останува и нејасно - до кого е насочен повикот на ДУИ за реакција на меѓународната заедница. Бидејќи, ако е во прашање ЕУ, ставот на Брисел по ова прашање е познат.

Во ланскиот извештај на ЕК од скринингот за кластерот 1 „Темелни вредности“, беше наведено дека т.н. „балансер“, алатката за човечки ресурси, кој го одредува процентот на застапеност на вработени во јавниот сектор од секоја етничка група, „веќе не ги исполнува целите и дека формулата не ги одразува пописните податоци за населението кое живее во земјата".  

„Паралелните процедури за вработување поставени за да се зголеми вработеноста на малцинставата во јавниот сектор може да ги поткопа, во нивната примена, принципите на заслуги, ефективност и правична застапеност и да влијаат на независноста на институциите при изборот на вработените според потребите, следејќи ги потребите за правична застапеност“, оценија лани од Европската комисија. 

ДУИ немаше никаква реакција за балансерот кога лани официјално беше промовирана новата Стратегија за реформа на јавната администрација (2023 – 2030) усвоена во нејзиниот мандат.

Тогашниот евроамбасадор, Дејвид Гир, на промоцијата истакна дека реформата на јавната администрација има апсолутно централна позиција, како за развојот на земјата, така и за нејзините перспективи за членство во Европската Унија.

„Честитки до сите кои се вклучени во изработката на Стратегијата. Стратегиите се одлични, но тие се онолку добри, колку што е нивната имплементација. Затоа се ќе зависи од имплементацијата“, порача евроамбасадорот.

Тој нагласи дека од капацитетот и професионалноста на јавната администрација зависи и искористувањето на средствата од Унијата, така и развојот на политики и соодветни одговори на клучните предизвици.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми