1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Стратег на теророт: Кој е Јахја Синвар?

СН | АРД
7 август 2024

По ликвидацијата на Исмаил Ханија, Јахја Синвар беше назначен за нов политички лидер на терористичката група Хамас. Тој се смета за организатор на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Јахја Синвар (фотографија од 2022 година)
Јахја Синвар (фотографија од 2022 година)Фотографија: MAHMUD HAMS/AFP/Getty Images

Радикалната исламска организација Хамас има нов политички лидер. На таа функција е поставен Јахjа Синвар, потврдија од палестинската организација. Тој на чело на политбирото на Хамас ќе го наследи Исмаил Ханија, кој беше убиен во минатонеделниот израелски напад во Техеран.

Синвар се смета за организатор на терористичките напади кои Хамас ги изврши на 7 октомври минатата година во јужен Израел. Таа операција беше причина за почетокот на војната во Појасот Газа. Во операцијата на Хамас беа убиени околу 1.200 луѓе, а неколку стотици Израелци беа киднапирани.

Во досегашните израелски операции во Газа, според палестинските наводи, кои е невозможно независно да се проверат, убиени се околу 40.000 Палестинци. Назначувањето на Синвар за шеф на Хамас, набљудувачите го оценуваат како потег кој Израел ќе го протолкува како провокација. Нејасно е како ова назначување ќе се одрази на актуелната ситуација во регионот, каде се заканува да избие нова војна.

Ретки моменти на радост за децата во Газа

01:03

This browser does not support the video element.

По ликвидацијата на Ханија, Иран најави одмаздничка акција против Израел, а Израелците веќе најавија контранапад - доколку Техеран се реши на тој чекор. Ескалацијата, како што се претпоставува, би можела да има последици не само за тој регион, туку и за целиот свет.

Каде се наоѓа Синвар?

По масакрот во октомври минатата година, Синвар дејствуваше од илегакан јунисла. „Само Господ знае“ каде се наоѓа, вака одговори Осама Хамдан, еден од високите функционери на Хамас, пред неколку месеци на новинар од германскиот јавен сервис АРД на прашањето за Синвар, со кого разговараше во Бејрут.

Новиот шеф на Хамас веројатно се наоѓа на некое непознато место во Појасот Газа. Се верува дека тој се крие во тунелите на Хамас под палестинската крајбрежна област. Неговиот претходник Ханија беше во главниот град на Катар, Доха, и имаше статус на врховен дипломат на Хамас. Американските извори велат дека Синвар би можел да биде некаде во тунелите под Кан Јунис.

Целта на Синвар е јасна - тој сака да ја уништи еврејската држава. „Јахја мора во секој момент да смета дека ќе го убијат“, рече Хамдан. „И ние мораме“, додаде тој. Синвар, како што тврди Хамдан, сака крај на израелската окупација, не само на Источен Ерусалим, туку и на целиот Западен Брег. Кога зборува за „крајот на окупацијата“, Хамдан мисли на цела Палестина, што според толкувањето на Хамас де факто значи уништување на Израел во неговата сегашна форма.

Водач од илегала

Синвар, човекот кого неговите истомисленици го нарекуваат само по име, исчезна од јавноста по 7 октомври. Но како неприкосновен лидер на Хамас во Појасот Газа одигра клучна улога во Хамас.

Синвар го наследи Исмаил Ханија кој беше убиен во ТехеранФотографија: IMAGO/NurPhoto

Од подземјето тој продолжи да ја контролира исламистичката милиција, односно она што остана од неа по почетокот на израелската операција. Како што напиша АРД, тој го имал и последниот збор при донесувањето на одлуката дали Хамас ќе прифати евентуално примирје во Газа, која Израелците интензивно ја бомбардираат со месеци - или не.

Малку се знае за Синвар, тој е роден во 1962 година во Газа. Станал член на Хамас во 1987 година, веднаш по основањето на таа група. Израелците го уапсиле во 1988 година, осуден е на четири доживотни затворски казни за наводно убиство на двајца израелски војници и четворица палестински соработници. Тој со години е еден од најбараните членови на Хамас во Израел и е на самиот врв на „листата за отстрел“.

Организатор на теророт

Синвар помина повеќе од две децении зад решетки. Тој е ослободен во 2011 година, како дел од размена на затвореници. Шест години подоцна, тој е назначен за шеф на Хамас во Појасот Газа.

Човекот кој го нарекуваат Абу Ибрахим или „Касапот од Кан Јунис“ со години беше број два во Хамас - и десната рака на Исмаил Ханија.

Под негова палка, Хамас стана уште порадикален отколку што беше порано.

Погреб на Исмаил Ханија и неговиот телохранител во КатарФотографија: Qatar TV/AP/dpa/picture alliance

Токму Синвар во последните години ги интензивираше своите контакти со Иран и Хамас се „придружи“ на таканаречената „Оска на отпорот“, а со помош на Техеран дополнително воено ја опреми својата организација.

„Ционистите ширум светот треба да знаат: тешко на оние кои ја чепнат нашата џамија Ал Акса“, велеше тој за време на јавните настапи во Појасот Газа. Или реченици како оваа: „Нетанјаху ќе го проколне денот кога мајка му го родила“.

На самиот почеток на војната во Газа, израелската армија ги означи Синвар и неговите најблиски соработници како „Мртов човек кој оди“, луѓе кои практично се мртовци. Токму Синвар го организираше терористичкиот напад на 7 октомври, изјави началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви и додаде дека ќе го најдат и ќе го убијат. Интересно е што Израелците веќе еднаш му го спасиле животот на 61-годишниот Синвар. Кога во затворот добил рак, лекарите му помогнале да ја победи оваа болест. Кога Израелците го прашале дали е благодарен за тоа, тој наводно одговорил: „Не, тоа е ваша задача“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми