1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Јухана Најди
15 април 2024

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека ситуацијата може да доведе до натамошна ескалација во регионот.

Иран | Техеран
Многу Иранци се чини дека се загрижени поради заканата од ескалација на конфликтотФотографија: Vahid Salemi/AP Photo/picture alliance

Експерти кои го следат развојот на ситуацијата во Иран се загрижени во врска со реакцијата на Израел на нападите со дронови и од ракети од страна на Иран за време на викендот и ги предупредуваат двете страни дека тоа може да доведе до опасна спирала на насилство.

Хенералот Хосеин Салами, командантот на моќната Иранска револуционерна гарда, на иранската телевизија рече дека Техеран има „нова равенка“ во која секој израелски напад на „негови интереси, функционери или граѓани, ќе биде реципроцитетно возвратен од иранска територија.“ Генералот Мохамад Хосеин Багери, началник на Генералштабот на иранската војска, предупреди дека „доколку Израел врши одмазда врз Иран, одговорот на Иран ќе биде многу поголем од ноќната воена акција“.

Како за поткрепа на позицијата на владата, на плоштадот Палестина во Техеран преку ноќ „никна“ мурал со фразата „Следниот удар ќе биде посилен“ испишан на персиски и хебрејски јазик.

„Антиизраелските чувства се ДНК на Исламската република“

Хамед Мохамади, ирански новинар од Берлин, за ДВ вели дека Иран се потпира на воени средства за да демонстрира сила по она што Техеран го оквалификува како израелски напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој беа убиени седум високи по ранг офицери.

„Анти-израелските чувства се ДНК на Исламската република и со ваквиот пристап, нивото на конфликт во регионот значително е пораснато“, оценува новинарот и додава дека „најновата ескалација одбележува нова фаза и му дава на Израел зелено светло да преземе поагресивни мерки, дури и на иранска територија“.

Многумина во Иран се збунети, уплашени и воздржаниФотографија: Atta Kenare/AFP/Getty Images

Многу обични Иранци се чини дека се загрижени од заканата конфликтот да ескалира и се подготвуваат за потенцијални израелски напади врз ирански градови. Во неделата (14.04) персиската редакција на ДВ забележа многу објави на социјалните медиуми на кои се гледаат долги редици на бензинските пумпи, поради тоа што Иранците очекуваат нагло зголемување на цената на бензинот. Супермаркетите беа полни со луѓе кои набавуваат основни производи како ориз и леб, а иранската валута, според податоци на страницата за мониторинг на курсевите за размена на странски валути Бонбаст, падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот на слободниот пазар.

Многу Иранци ги мачи „неизвесност“ за иднината

Соруш Мозафар Могадам, писател и аналитичар на иранската политика кој беше присилен да си замине од Иран по антивладините протести во 2022 година, само неколку часа по нападот преку социјалните мрежи контактираше со луѓе кои живеат таму. За ДВ вели дека многумина се збунети, уплашени и воздржани.

„Меѓу оние со кои разговарав преовладуваат чувства како страв од последиците од воен израелски напад врз Иран, песимизам за иднината и неизвесност“, вели тој и додава дека, според него, повеќето Иранци не ги поддржуваат официјалните политики на Исламската република, но се чувствуваат немоќни да направат промена. „Едно лице со кое разговарав, млад човек, истакна дека не гледа иднина за себе и смета дека мнозинството од луѓето не може да влијае врз агресивното однесување на владата“, вели Могадам.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми