1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од фрагментација или од детронизација?

3 август 2023

Според познавачите на состојбите во албанскиот блок, најавените нови партии нема да го расцепкаат гласот на Албанците, бидејќи партиите ќе се позиционираат генерално во два опонентски блока.

Нов политички субјект инициран од „Огнената група“ во ДУИ
Нов политички субјект инициран од „Огнената група“ во ДУИФотографија: Petr Stojanovski

На политичката сцена во алабанскиот кампус, покрај Демократската унија за интеграција (ДУИ), Демократската партија на Албанците (ДПА), Алијанса за Албанците (АА), Движењето Беса и Алтернатива, на 13-ти август се очекува официјално да се најде уште една: Демократското движење на Изет Меџити. Овој политички субјект е инициран од дел од фракционерите во ДУИ наречени „Огнена група“, а деновиве се интензивираат подготовките за официјализирање на новиот партиски субјект.

„Ја користам можноста да ве поканам сите, без исклучок, да станете дел од Демократското движење, дел од еден нов почеток и заедно да ја завршиме битката што ја започнавме, бидејќи само заедно можеме да ја направиме промената што сакаме“, порача Мухамед Асани, од новото движењето кое е во формирање. 

Меџити, Хоџа, кој е следниот?

Демократското движење на Меџити нема да биде „најнова“ партија што ќе се формира во албанскиот блок. Нова партија најави и досегашниот заменик-претседател на опозициската Беса, Арјанит Хоџа. Тој пред десет дена изјави дека „целосно се оградува од политичките дејствија во таканаречениот опозициски блок“, откако неговиот партиски лидер Билал Касами на средба со Изет Меџити и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, најавија дека ќе се ангажираат за обединување на гласот на опозицијата во земјата и меѓусебна соработка.

Африм Гаши (на фотографијата) заедно со Билал Касами и Изет Меџити најавија дека ќе се ангажираат за обединување на гласот на опозицијата во земјата Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Хоџа најави дека ќе се формира нова партија и дека во моментов течат разговори со истомисленици, кои би се приклучиле на инцијативата, но не е одреден рок во кој треба да заврши тој процес.

„Во момент кога ќе дефинираме дека е време тоа да се официјализира, да добие правен статус, ќе објавиме јавно“, рече тој на ТВ 24, објаснувајќи дека координативен совет ги подготвува сите чекори за тој чин. Очекува да се приклучат истомисленици и тврди дека тие нема да бидат само од Беса, туку и од други политички парии, но и непартиски лица.

Останува неизвесно дали ќе формира партија и независниот пратеник Скендер Реџепи, кој деновиве изјави дека сите опции се на маса - од придружување кон некој политички субјект или кон нова иницијатива, па се до сопствена иницијатива.

Иако изгледа дека покрај постојните, со уште три нови партии би можел да се расцепка гласот на Албанците, според познавачите на состојбите во албанскиот блок, тоа нема да се случи бидејќи партиите ќе се позиционираат генерално во два опонентски блока.

„Беса, Алтернатива и Изет Меџити подолг период говорат за меѓусебна соработка. Тоа ја мобилизираше ДУИ и нејзините скриени луѓе во некои партии - како да го намалат влијанието на тој блок. Затоа, очекувано е партии во најава кои го критикуваат здружувањето во опозициски блок, да се обединат во блок или фронт со ДУИ, кога ќе дојде време за тоа. Како аргумент за тоа, уште сега го навестуваат наративот за обединување околу уставните измени и проевропската политика, но тоа би било лажно алиби, бидејќи нема партија на Албанците која не е за интеграција во ЕУ. Поделбата е јасна: опозициските партии ќе се борат да ја намалат дводецениската доминација на ДУИ, а ДУИ да создаде мрежа од партии - сателити кои ќе и помогнат да ја одржи водечката позиција“, објаснува нашиот соговорник.

Според него, зад предупредувањата за фрагментација на албанскиот глас, се крие исклучиво страв од детронизација од власта.  

Неодамна и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, се осврна на обидите за опструкции во окрупнувањето на опозицискиот блок, потенцирајќи дека тие се одвиваат под диригентска палка на Али Ахмети и Артан Груби.

„Или ги плаќаат или ги заплашуваат или им се закануваат. На тој начин ДУИ сама ги открива нејзините внатрешни играчи во опозицијата. Очигледно, има голем страв од окрупнувањето на опозицискиот блок“, изјави Гаши.

Две партии се доволни

Стравот на ДУИ од опозиција која ќе го разниша или урне нејзиниот монопол, секогаш беше замаскиран со грижа од можно фрагментирање на албанскиот глас и со грижа за интересот на Албанците.

„На Албанците не им треба анархиски плурализам со многу партии, порачуваше Ахмети во 2015 година.

Тој наратив не запре ни во годините потоа.

На Албанците не им требаат многу партии, смета лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„На Албанците во Македонија не им се потребни повеќе од две политички партии. Постоењето на четири-пет партии ги прави Албанците безначајни. Тоа е на штета на Албанците (...) Се срамам кога се среќаваме со странски делегации, кога имаме седум или осум претставници, а Македонците имаат два - по еден од власта и од опозицијата. Треба да се консолидираме за Албанците да бидат важен елемент“, повторуваше Ахмети во последните три години.

Тоа предизвикуваше реакции кај други партии, кои укажуваа дека никој не смее да го дозира, квантифицира и лимитира слободното здружување на Албанците во други партии, за да го штити својот партиски монопол преку наративи за наводна заштита на албанските интереси.

Но, дури и повремени обвинувања меѓу некои партии за тоа кој е, или кој некогаш бил дел од ДУИ, беа користени за повторно да биде потенцирана улогата на „големата мајка“ - ДУИ.

„ДУИ е навистина големата мајка што им вели не се карајте, туку доаѓајте во вашата куќа, не стојте по улиците“, изјави Ахмети на почетокот на 2020 година.

Таа лекција остана научена од дел од фракционерите на ДУИ. „Огнените“ Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери не му се приклучија на Изет Меџит во формирањето на новата партија и се изјаснија против тоа, со образложение дека на тој начин ќе се расцепка албанското бирачко тело, и дека за сите разлики треба да се разговара во партијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми