1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв за последните независни медиуми во Србија

Немања Рујевиќ
7 март 2026

Досега телевизиите на Јунајтед Груп важеа за критички настроени кон претседателот на Србија, Александар Вучиќ. По договорот со државниот Телеком, расте загриженоста дека медиумскиот концерн би можел да се откаже од такви

Словенија Љубљана 2022 | Лого на информативниот канал Н1 во седиштето на компанијата
Телевизиjата Н1 е важен извор на информации во земјите од регионот на Западен БалканФотографија: BalkansCat/Depositphotos/IMAGO

Брент Садлер известуваше како репортер на Си-Ен-Ен од војните во Чад, Израел и на Фолкландските Острови. Сега 75-годишниот новинар се најде во сосема поинаков конфликт – оној околу српскиот медиумски пазар.

Садлер, кој живее во Белград, родниот град на неговата сопруга, официјално беше назначен за главен уредник на Адриа Њус Нетворк (АНН), нова структура во рамки на медиумскиот и телекомуникациски концерн Јунајтед Груп (УГ), регистриран во Холандијa.

Конкретно, Садлер треба уредувачки да надгледува десетина медиуми на УГ на територијата на поранешна Југославија. Тоа би можело да биде особено чувствително во Србија – бидејќи под капата на АНН се телевизиите Н1 и Нова С, дневниот весник Данас и неделникот Радар.

Сите тие се познати по критичкиот став кон владата во Белград, односно кон претседателот Александар Вучиќ, кој веќе повеќе од една деценија владее со Србија со цврста рака. Критичарите го обвинуваат Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС) дека ја узурпирале државата, дека делат работни места по партиска линија, изградиле систем на корупција и манипулирале избори.

Пресметка со критичките новинари

„Пораката е дека засега нема никакви промени во АНН“, вели извор на ДВ од овие медиуми по првата средба со Садлер. „Навистина продолжуваме да работиме како и досега.“ Но, до кога? Тоа прашање си го поставуваат многу новинари во АНН, како и јавноста во Србија.

Александар Вучиќ е претседател на Србија од април 2017 годинаФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Повеќето медиуми во Србија се сметаат за блиски до Вучиќ. Но од крајот на 2024 година српското општество е во движење: студентите со месеци ги блокираа своите факултети и упорно бараат предвремени избори. Во таква ситуација медиумите на УГ станаа уште поважни, бидејќи се меѓу ретките места во Србија каде што – покрај социјалните мрежи – може да се слушнат критички гласови за Вучиќ.

Телевизијата Н1 е особено позната по директните преноси, на пример од антивладините протести, кои сè почесто се растеруваат со полициска сила. Владините претставници систематски ги избегнуваат медиумите на АНН. На прес-конференциите, Вучиќ редовно јавно ги прозива новинарите на АНН.

Бизнис со српски Телеком

Првите сомнежи за идниот правец на УГ се појавија на почетокот на минатата година: медиумскиот концерн го продаде српскиот кабелски оператор СББ – и притоа ги отстапи сите спортски права на државниот Телеком Србија, дотогашен најголем конкурент, кој со тоа стана монополист за тв-спорт не само во Србија, туку и во соседните земји. Телеком Србија се смета за клучен инструмент на Вучиќ за доминација на медиумскиот пазар. Во последните години компанијата инвестираше околу две милијарди евра во спортски права, преземања на помали оператори и финансирање на провладини телевизии.

Во Србија има многу телевизии – но само неколку се критички настроениФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

На многу од тие канали – како што е таблоидната ТВ Информер – студентите кои протестираат и други критичари на владата се навредуваат како „странски платеници“, „предавници“ или „нацисти“, а протестите се прикажуваат како наводно од Западот режирана „обоена револуција“.

Загриженоста за преостанатите слободни медиуми во земјата се зголеми откако минатото лето во јавноста излезе снимка од пријателски телефонски разговор меѓу новиот шеф на УГ и директорот на Телеком, во кој разговарале за бизнис во Србија.

УГ ветува зачувување на независноста

Официјално, УГ соопшти дека „нелегално“ снимената комуникација била „извадена од контекст“. Нема договор со српската влада, главните уредници ги задржуваат своите овластувања, а отпуштања не се планираат. Воведувањето на АНН и назначувањето на Садлер, велат од компанијата за ДВ, се направени „специјално за да се осигура дека нема да има никакво недозволено влијание од владата, политички актери, акционери или раководството на УГ“.

Главните уредници на медиумите на УГ во Србија се внимателно оптимистични. „Слушнавме од новото раководство дека гарантира уредувачка независност – и тоа е најмалку што очекуваме“, вели Слободан Георгиев, шеф на вести во Нова.

Но, неофицијално, атмосферата е поинаква. „Нема паника, никој не брза да бара нова работа. Но, внимателни сме“, вели новинарка која сака да остане анонимна.

Раде Вељановски, пензиониран професор на Факултетот за политички науки во Белград и експерт за медиумско законодавство, смета дека е „наивно“ да се верува дека владата и еден концерн ќе активираат толку механизми и средства, а ништо да не се смени во известувањето. „Ми се чини дека се подготвува финална пресметка, во која владата целосно ќе ја задуши можноста за независно новинарство“, изјави тој за ДВ.

Претседателот Александар Вучиќ и неговата партија доминираат во печатените медиуми во СрбијаФотографија: Rüdiger Rossig/DW

Владата стравува од избори

Не е јасно дали Вучиќ ќе дозволи предвремени парламентарни избори – кои ги бараат демонстрантите – уште оваа или дури на почетокот на следната година. Анкетите со месеци покажуваат дека овојпат би можело да му биде значително потешко да ја задржи власта – особено поради популарноста на таканаречената студентска листа. Кандидатите сè уште не се познати, но најавени се бројни академици, активисти и експерти кои досега не биле политички ангажирани.

Вељановски е уверен: „Владата пред следните парламентарни избори, кога и да се одржат, нема да толерира медиуми кои и понатаму критички известуваат.“ Замолчувањето на медиумите на УГ, според него, би било само последниот чекор во веќе обемната контрола на Вучиќ врз медиумите во Србија.

Српскиот претседател, кој само минатата година имал околу 400 настапи во живо во медиуми, тешко го криеше својата задоволство од случувањата во УГ. Уште во февруари тој проблемите во АНН ги припиша на наводни финансиски тешкотии на матичната компанија и тврдеше дека таму наскоро „ќе има малку намалување на персоналот“.

„Тогаш ќе помогнеме дел од тие луѓе да ги сместиме овде или онде, можеби ќе земеме некои како ПР-советници“, изјави со задоволство претседателот на Србија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми