1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стража пред Уставниот суд - немир и поделби во судот

ДТЗ
9 декември 2024

Демократската унија за интеграција со деноноќни стражи ќе го „чува јазикот“, додека премиерот Христијан Мицкоски смирува и порачува дека не очекува во среда ништо да се случи.

Уставен суд
Стража пред Уставниот суд - немир и поделби во судот Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во пресрет на седницата на Уставниот суд којашто ќе се одржи во среда (11 декември) расте тензиите на политичката сцена. Демократската унија за интеграција со деноноќни стражи ќе го „чува јазикот“, додека премиерот Христијан Мицкоски смирува и порачува дека не очекува во среда ништо да се случи. Но, притисокот којшто се создаде во јавноста околу одлуката којашто треба да ја донесе околу оспорените одредби на законот за јазици, предзвика немир и поделби во судот којшто врши контрола на уставноста и законитоста во Северна Македонија.

„Стража на јазикот“ 

Активисти на опозициската ДУИ во неделата попладне (08.12) се собраа пред вратите на Уставниот суд и најавија дека со „стража на јазикот“ застануваат во одбрана на Законот за јазици. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ДУИ на овој начин сеат магла иако знаат дека во среда нема да се случи ништо. „И откако нема да се случи ништо ќе треба да кажат дека ДУИ ја спасиле работата. Во суштина протестите се политичарите замешани во криминал од ДУИ против судиите на ДУИ. Нашиот совет е да не мрзнат и да не прават фешти кои се гол ПР“, порачаа од владејачката партија. 

Партискиот функционер на ДУИ, Арбер Адеми, е дециден дека нивните стражи ќе останат пред судот се до седницата на 11 декември. „Собрани сме тука за да го подигнеме нашиот глас за прашања што ги засега темелите на еднаквоста на нашата мултиетничка држава. Ова не е обичен ден, ниту обичен повик. Денес повеќе од кога било е моментот да останеме обединети за да го заштитиме тоа што сме го добиле со многу труд и жртвување. На 11 декември Уставниот суд има закажано седница за разгледување на уставноста на Законот за јазици кој не е само правен акт туку е симбол на Охридскиот договор и во него е втемелена јазичната еднаквост“, изјави Адеми. 

Укинувањето на Законот ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор“, вели Арбер АдемиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, укинувањето на Законот ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор, а владеачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разденува и напаѓа“. 

„Ова не е прашање на обичен закон, туку е прашање за нашите права како рамноправни граѓани, нашиот идентитет и иднина како општество, нашата иднина. Охридскиот мировен договор е нашата гаранција за праведно и еднакво општество. Од денес ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ, на мирен начин да ти заштитиме нашите права и да осигураме дека нема ниту една одлука да го уништи она што го изградивме со жртвување. Ова не е иницијатива на една политичка партија“, нагласи Адеми. Тој ги повика граѓаните од сите етнички заедници да се приклучат во иницијативата. 

„Сега е моментот да го заштитиме јазикот, иднината и нашите заеднички еднакви права“, порача Адеми, кој оцени дека Уставниот суд се претворил во „параполитичка институција“ која реализира програма на владеачкото мнозинство, кое пак на „софистициран начин прави обид да го промени карактерот на државата, од мултиетничка да стане моноетничка држава“. 

Писмото на албанската академска заедница 

Претходно над 250 потписници, меѓу кои и универзитетски професори од албанската академска заедница, испратија писмо до Уставниот суд во пресрет на седницата в среда на која ќе се расправа за уставноста на Законот за употреба јазиците. Тие истакнуваат дека досегашната работа на Уставниот суд предизвикувала тензии и незадоволство секогаш кога тој донесувал еднострани и самоволни одлуки, кои довеле до сериозни последици врз меѓуетничките односи.

„Сакаме да веруваме и да се надеваме дека вашата морална и професионална совест нема да го дозволи загрозувањето на уставните вредности и ќе покаже доволна чувствителност кон веќе стекнатиот статус на јазикот на втората етничка заедница во државата, албанскиот јазик“, се вели во писмото.

Предметот за Законот за употреба на јазиците кој е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија.Фотографија: MIA

Среда не е Ден „Д“ 

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во неделата соопшти дека со коалицискиот партнер Вреди разговараат за Законот за употреба на јазиците, кој в среда, 11 декември, е на дневен ред на разгледување од Уставниот суд, но порача дека никој не треба да интервенира кај Судот за оваа „тековна постапка“. 

Рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред какво било акција на Уставниот суд претходат подготвителни седници. Тој смета дека целта на ДУИ е поделба по етничка основа и дека такви обиди ќе има и во иднина од таа политичка партија. 

„Затоа што принципот „како до сега“ заврши на 8 мај и тој принцип е поразен. Но, уште покажува знаци на живот и гледаме дека единствената тема со која ДУИ е присутна во јавност е да направат одредена поделба по етничка основа, ги третираат само етничките прашања, затоа што на друг начин не можат да привлечат внимание, ниту да наметнат тема, ниту да привлечат луѓе  коишто ќе ги поддржуваат. Бидејќи се обидоа со зелената агенда, видовте како завршија, и се вратија сега во опозиција на единствената тема којашто за нив можеби носи некаков резултат“,  рече Мицкоски. 

Најавата на Уставниот суд дека на 11 декември ќе ја разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците предизвика тензии кај опозициската ДУИ и најави за бојкот на двајца судии Албанци коишто размислуваат да не учествуваат во одлучувањето. Тоа го наметна прашањето околу легитимноста на одлуките. Според најавите на претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, одлуката за овој предмет треба да се донесе од страна на сите судии.

Предметот за Законот за употреба на јазиците кој е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми