1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стразбур: Жалбите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се одбиени

ДТЗ
16 февруари 2023

Судот за човекови права во Стразбур ги одби жалбите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои бараа важење на аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов. Постапките ќе мора да завршат пред домашните судови.

Ѓорге Иванов Никола Груевски
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов и експремиерот Никола ГруевскиФотографија: picture-alliance/dpa

Судот за човекови права во Стразбур  ги одби жалбите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои бараа да важи аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов и им порача „да ги исцрпат сите правни лекови пред домашните судови*.  Во одлуката на Стразбур стои: 

„Во својата одлука во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“, Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи жалбата за недопуштена“, се вели во пресудата на судот во Стразбур. Одлуката е конечна. 
Тужбата на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, според судот, е преуранета и оттука и недопуштена. Таа сепак им остава простор, по правосилно завршување на постапката и исцрпување на сите домашни правни лекови, во случај постапките да завршат со осуда, тие повторно да се обратат до Судот и да побараат нова постапка во однос на аболицијата на Иванов. 

Образложение на судот 

Апликацијата до Стразбур беше поднесена од седуммина, од кои најголемиот дел се функционери на ВМРО- ДПМНЕ и тоа Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Владимир Талески, Тони Трајковски како и Едмонд Темелко. 

Европскиот суд за човекови права во Стразбур смета дека аболицијата на Иванов е недопустливо помилувањеФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Fischer

Во образложението на одлуката на судот се вели: 

„Најголем дел од апликантите биле членови на владејачката партија (ВМРО-ДПМНЕ) во времето на настаните кои се во прашање, и сите тие имаа истакнати јавни позиции, вклучувајќи го и премиерот, владини министри и градоначалници. Ним им се суди за наводни кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското, широко распространето прислушување. Тие добија претседателски помилувања кои беа подоцна поништени. По поништувањата им се судеше, што е предмет на овој предмет. 

Судењата мора да продолжат 

Судот одлучи дека апликантите не ги исцрпиле домашните правни лекови. Заклучи дека жалбите според член 6 (право на правично судење) беа предвремени, како што би направиле домашните власти и тие имале можност прво да се осврнат на нив во кривичната постапка што е во тек. Во врска со член 5 (право на слобода и безбедност), еден од апликантите, Темелко, не ја подигнал својата жалба  пред домашните судови, додека правниот лек кој друг апликант –Талески – за кој се тврди дека бил ефективен, беше одбиен како задоцнет пред националниот суд“, стои во одлуката на Стразбур. 

Фунционерите на ВМРО-ДПМНЕ доставија жалба до Стразбур во 2017 година, во која се повикуваат на одлука во Стразбур за сличен случај кога било одлучено дека доделена аболиција не може да биде поништена. Во жалбата беа опфатени предметите за масовното прислушување и уништувањето на опремата „Таргет-тврдина“, за изборни нерегуларности „Титаник“, за злоупотреба при организирање на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“.

Државата, како тужена страна, сметаше дека помилувањата на Иванов беа дадени спротивно на домашното право и беа извор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. 

*(Првичниот наслов и воведот на овој текст содржеа неточни формулации кои во меѓувреме се сменети. Се извинуваме за грешката). 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми