1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стразбур: Обесштетување за четири сексуални работнички

ДТЗ
26 септември 2023

Судот утврдил дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман во 2008 година. Тие биле приведени и оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет во полициската станица.

Стразбур | Европски суд за човекови права
Европскиот суд за човекови права во Стразбур по 15 години донесе пресуда со која Северна Македонија ќе треба да плати обесштетување од 13.300 евра Фотографија: Rolf Haid/picture alliance/dpa

Судот во Стразбур, по 15 години донесе пресуда со која Северна Македонија ќе треба да плати обесштетување од 13.300 евра за нехуман третман на сексуални работничкикоишто биле приведени во полициска акција во 2008 година. 

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во случајот на Д.Х. и други против Северна Македонија со која утврди дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет. Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб-страница на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови. 

Спектакуларна акција

Во ноември 2008 година, во спектакуларна полициска акција наречена „Сузбивање на улична проституција“, беа приведени 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. „Од сите приведени, 23 сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар, а утредента беа однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде беа тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па беа пуштени на слобода“, посетуваат од организацијата ХОПС.

Тие наведуваат дека за цело време додека биле лишени од слобода, на сексуалните работници од страна на полициските службеници им биле упатувани погрдни зборови и биле изложени на понижување и исмевање.Сите 23 приведени сексуални работници, ноќта ја поминале во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив биле во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање.  

Државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица, пресуди судот во СтразбурФотографија: P. Stojanovski/DW

Тужба за повреда на правата

По само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднесоа тужба за заштита на нивните лични права пред граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелацискиот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права.  

„Оваа пресуда, иако со задоцнување, е потврда дека државата има обврска да ги почитува правата  на сите и со темелна и ефикасна истрага да ги испита наводите за нехумано и деградирачко постапување, особено кога истите доаѓаат од ранлива група на граѓани“, велат од ХОПС. Стразбур смета дека не биле презентирани доволно докази кои убедливо докажуваат дека полициските власти ги земале предвид основните потреби на апликантите, вклучувајќи го и обезбедувањето храна, вода и пристап до тоалет за време на престојот во полициската станица. Дополнително, објавување на фотографии од полициската станица од кои може да се утврди идентитетот на жртвите на веб-страница на Министерството за внатрешни работи претставува повреда на правото на приватност.  

„Поради ова, ги повикуваме надлежните институции навремено да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права, да ги заштитат правата на сите жртви на полициската акција од 2008 година и да преземат мерки во иднина институциите, особено Министерството за внатрешни работи, да се воздржи од дејствија со кои ги повредуваат правата на сексуалните работници, како и мерки за ефикасна заштита на нивните права од страна на надлежните судови“, посочуваат од невладината организација ХОПС. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми