1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентите победија, но дали е тоа доволно?

5 ноември 2026

Промената на луѓето може да биде брза, но промената на системот и поразот на логиката „Курто-Мурто“ остануваат генерациски проект. Пишува Петар Арсовски

Студентската листа победи во Србија, но вистинскиот тест ќе биде реформата на институциите и крајот на клиентелизмотФотографија: Marko Drobnjakovic/AP Photo/dpa/picture alliance

Ми се оди во Белград.

Ретко се создава таква атмосфера во која еден град изгледа како повторно да им припаѓа на своите граѓани, а политиката добива некаква нова енергија и смисла. По победата на Студентската листа на изборите на 25 октомври, Србија живее во необична мешавина од Вудсток и револуција: олеснување, солидарност и вратена доверба дека заедничката акција може да го испорача невозможното.

Студентите завршија огромна работа и за Србија и за регионот, во кој предолго се нормализираше претпоставката дека добро организираната власт практично не може да изгуби. Сепак, се покажаа точни претпоставките дека политичките џинови можат да станат џуџиња – Милорад Додик, Виктор Орбан и сега Александар Вучиќ.

Сепак, токму брзината со која почнаа да се престројуваат институциите во Србија заслужува внимание. Оваа вудстоковска атмосфера повремено е проткаена и со она што Србите би го нарекле „преки суд“.

На пример, Немања Каровиќ, претставник на Студентската листа, во гостување на РТС констатира дека „студентското движење“ добило дванаесет минути во еден Дневник, повеќе отколку во претходните четириесет и пет дена заедно. Таа споредба е негова оценка, но симптомот што го опишува е политички препознатлив. Кога медиумите одеднаш ја откриваат јавноста што претходно ја игнорирале, се поставува прашањето колку од промената е професионално ослободување, а колку навремено препознавање на следниот центар на моќ. Токму тоа тој го дијагностицира кога вели дека „тој однос го оценуваме како додворување“.

Во интерес на вистината, би било неправедно секое такво придвижување да се прогласи за политички опортунизам. Во заробените институции често има професионалци кои со години работат под притисок и кои сега конечно добиваат простор да ја работат својата работа, па дел од престројувањето може да се објасни и на тој начин. Еден таков пример се судиите и обвинителите во Србија во текот на последните најмалку две години.

Но, масовната брзина на „приспособувањето кон новата реалност“ отвора посериозна дилема: дали се распаѓа клиентелистичкиот поредок или неговите учесници само бараат нов покровител? Клиентелизмот најчесто преживува вакви револуции токму преку убедувањето дека работното место, напредувањето, договорот и заштитата зависат од лична политичка врска, а неговата жилавост произлегува од способноста да ја менува лојалноста побрзо отколку правилата.

Најголемото наследство од времето на Вучиќ

Затоа Каровиќ е одлично освежување и можеби најзрелиот студентски одговор: барањето РТС да се врати во законските рамки и да им служи на граѓаните независно од власта. Во таа порака има повеќе реформски потенцијал отколку во десетина свечени говори за нов почеток и ора по плоштадите.

Таквиот пристап во суштина ја отфрла понудата новите победници да станат корисници на старата услуга. Сепак, вистинската тежина на тој принцип ќе се види кога истиот јавен сервис ќе почне да ги истражува нивните пропусти, да ги оспорува нивните одлуки и да им поставува прашања што би претпочитале да ги избегнат.

Токму тука, според мене, лежи најголемата штета од владеењето на Вучиќ, темпираната бомба што им ја остава во наследство на студентите: вкоренетата навика институцијата да се доживува како продолжение на политичкиот победник.

Таквата култура на клиентелизам наместо меритократија, своевидна пандемија на Балканот, создава заемна зависност меѓу функционерот што дели привилегии и граѓанинот кој научил дека без врска ќе остане последен во редот. Така, со текот на времето, послушноста станува неизбежна стратегија за преживување, а професионалната независност станува политички скапа.

Промената на луѓето може да биде брза, но промената на тие очекувања, промената на системот и поразот на логиката „Курто-Мурто“ остануваат генерациски проект.

Сега мислам дека Србија прво ќе влезе во една интроспективна фаза, понекогаш пребрза, понекогаш добредојдена како освежување. Но, кога ќе помине првата еуфорија, ќе почне дилемата околу значењето на „расчистувањето“: ќе има оправдани барања за истраги, разрешувања и одговорност, но токму поради долготрајната заробеност ќе постои и ризик секоја испразнета функција да стане награда за заслужен учесник во победата.

Токму тука ќе се проверува меритократијата: на јавните конкурси, во управните одбори, во полицијата, обвинителството и јавните претпријатија. Политичката одговорност бара цврсти докази и постапка, а професионализацијата бара јасни критериуми и заштита од произволно разрешување.

Масовното заменување на една политичка клиентела со друга би ја потрошило победата без да создаде нов поредок. Со други зборови, прашањето ќе се сведе на тоа дали ќе се смени играта или само играчите. Во моментов студентите ги покажуваат сите здрави знаци дека сакаат суштински и искрени корекции на системот, но предизвиците остануваат.

Единството, ЕУ и геополитичките предизвици

Дополнителен проблем е единството на победниците. Заедничкиот противник овозможува идеолошките разлики привремено да се стават под тепих, но владеењето ќе бара тие повторно да се отворат, а начинот на кој ќе се управува со тие разлики ќе ја одреди разликата меѓу старото и новото.

На пример, буџетот, даноците, платите и кадровските решенија ќе предизвикаат судири меѓу луѓе кои вчера марширале заедно. Трајноста на промената во голема мера ќе зависи од способноста несогласувањето да се прифати како легитимно и да се решава преку правила. Во таа смисла, победничкото движење ќе покаже зрелост ако дозволи внатрешна конкуренција и јавна критика, без секое издвојување да го прогласува за предавство на заедничката борба.

Понатаму, се поставува прашањето дали принципите и корекцијата на институциите можат да станат трајни и, всушност, дали за таква преобразба е неопходна Европската Унија. Европската интеграција може да обезбеди дисциплина, конкретни реформски обврски и поддршка за институции што треба да преживеат повеќе влади, со што би помогнала сегашната катарза да стане трајна вредност, а не привремена еуфорија.

Но, кредибилитетот на ЕУ, особено со новата постава, ќе зависи и од подготвеноста на Брисел да извлече поука од односот кон Вучиќ. Толерирањето на демократското назадување во име на стабилноста ја поткопува токму нормалноста што сега треба да се обнови и зацврсти. Србија може да се демократизира со сопствена политичка волја, но европската рамка би ја направила таа промена поотпорна на политички флуктуации, секако ако и Брисел игра фер.

Потоа доаѓаат санкциите кон Русија и нормализацијата на односите со Косово, прашања што антикорупциското единство можеше да ги одложува додека беше протестно движење. Но сега тие ќе бидат власт, а тоа значи дека овие теми нема да можат да ги избегнат.

Изборната победа сама по себе не гарантира геополитички пресврт, напротив (ако се следат нивните изјави). Движењето обединува различни надворешнополитички убедувања, а неговите досегашни пораки не најавуваат лесно напуштање на противењето на санкциите и на тврдата позиција кон Косово. Затоа новата власт ќе мора да објасни кои компромиси ги смета за прифатливи и каква цена носи нивното одбивање.

Затоа оваа прилика е толку ретка и толку кревка. Студентите покажаа дека политичката неменливост може да биде поразена, но сега треба да создадат услови за трајна трансформација. Од тоа ќе зависи дали сегашното ослободување на јавниот простор ќе продолжи да се шири или ќе остане само мал остров на победа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми