1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентите во Србија на протест: Прв предизборен митинг

Уна Сабљаковиќ
23 мај 2026

Повеќе предизборен митинг отколку протест – така соговорниците на ДВ го опишуваат денешниот студентски собир во Белград. Тие меморандумот за Косово го гледаат и како обид да се заземе „мејнстрим“ позиција.

Србија, Белград 2026 | Жена држи знак на студентските протести против корупцијата
Од студентските акции кои во последните недели се засилија, најголемо внимание предизвика лепењето налепници со натпис „Студентите победуваат“, како и објавувањето на нивниот „Меморандум за Косово и Метохија“Фотографија: Djordje Kojadinovic/REUTERS

„Србијо, ајде заедно да го дефинираме ‘нормалното’“, го започнаа студентите во блокада на Факултетот за драмски уметности во Белград својот повик за протест на плоштадот Славија денеска, сабота (23 мај).

Од студентските акции кои во последните недели се засилија, најголемо внимание предизвика лепењето налепници со натпис „Студентите победуваат“, како и објавувањето на нивниот „Меморандум за Косово и Метохија“. Кој е клучниот мотив на студентите да го организираат денешниот собир?

„Ова се предизборни собири“

„Иако студентското движење не е традиционална политичка партија, тоа веќе извесно време се занимава со активности кои вообичаено ги спроведуваат партиите во предизборна кампања – налепници, од врата на врата, собирање сигурни гласови и слично“, вели политикологот Александар Ивковиќ.

„Организирањето на големи собири или ‘митинзи’ е дел од тие активности и во тој контекст би го протолкувал собирот на Славија“, додава тој за ДВ.

Целта на студентите е, додава, „да ги мобилизираат поддржувачите и да ја одржат идентификацијата меѓу нив и студентското движење“.

„Тоа е доказ за еволуцијата на студентското движење кон актер кој се подготвува за избори, бидејќи ова веќе не се протести на кои нешто се бара од власта, туку предизборни собири“, нагласува Ивковиќ.

И историчарот Драган Поповиќ оценува дека собирот на Славија е „активност на предизборна кампања“ и додава дека очекува студентите, по објавувањето на Меморандумот за Косово и Метохија, да претстават и некој друг сегмент од својата програма.

За студентите би било добро денеска да претстават барем делови од програмата „зашто тоа би создало впечаток дека подготовките за изборите напредувале и дека движењето е подготвено за нив“, вели политикологот ИвковиќФотографија: Milos Miskov/Betaphoto/SIPA/picture alliance

Меморандумот како „мејнстрим позиција“

Студентите во блокада во Крагуевац пред неколку дена го објавија „Меморандумот“ за Косово, кое таму го нарекуваат „неотуѓив и составен дел“ на Србија.

„Како град во кој е втемелена модерната српска државност, Крагуевац носи должност да биде чувар на заветните вредности кои никнале на Косово и Метохија, не само на со крв натопеното бојно поле, туку и на духовниот хоризонт“, наведоа, меѓу другото, студентите.

За дел од јавноста во Србија текстот на Меморандумот е манифестација на десничарската идеологија на студентското движење.

Ивковиќ вели дека ставот оти статусот на Косово, како дел од Србија, треба да се решава преку преговори со меѓународната заедница, е „мејнстрим“ позиција во српската политика и веројатно став на мнозинството граѓани.

„Како ‘десна’ димензија може да се сметаат реториката и стилот со кои е напишан Меморандумот, кои повикуваат на вкоренетите националистички наративи во српското општество. Не мислам дека ова е нужно знак за десно ‘свртување’ на студентското движење, бидејќи десниот националистички елемент во него беше присутен од почетокот, како и либералниот елемент, па повремено едниот или другиот повеќе доаѓа до израз“, вели Ивковиќ.

Тој додава и дека „засега ниту еден од тие два елементи не презел апсолутна доминација во рамките на движењето“.

„Неодамна имавме пробив, како што изгледаше, на либералната проевропска струја преку ректорот Ѓокиќ, неговата посета на Брисел и слични активности“, потсетува овој политиколог.

Потсетување на 1986 година

Меморандумот за некои е потсетник на Меморандумот на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) од 1986 година, во кој се истакнува дека Србија во рамките на СФРЈ е во подредена позиција, како и дека Србите не се рамноправни со граѓаните од другите националности.

Дел од општеството веруваше дека со тој документ САНУ го поддржала зајакнувањето на српскиот национализам, еден од факторите што доведе до војните во деведесеттите години.

Славија веќе стана стандардно место за собирање: Протест на Видовден 2025Фотографија: Djordje Kojadinovic/REUTERS

Поповиќ истакнува дека ставовите за Косово, презентирани во Меморандумот, не се негови ставови, но дека тој документ не го гледа „како свртување било каде, па ни надесно“.

„Она што е попроблематично од ставот за Косово како дел од Србија е јазикот што е користен, што го вклучува и самиот назив ‘меморандум’. Сепак, верувам дека е добро што е излезено со овој став. Корисно е студентите и сите други да увидат дека постојат различни гледишта и дека чувствителните теми ќе дојдат на дневен ред по падот на автократскиот режим“, вели Поповиќ.

Тактика за изборите

Кога станува збор за изборите, Ивковиќ вели дека за студентите би било добро денеска да претстават барем делови од програмата „зашто тоа би создало впечаток дека подготовките за изборите напредувале и дека движењето е подготвено за нив“.

Тој додава дека ниту националистичкиот ниту либералниот елемент не треба „да преземе примат“.

„Едноставно, така ќе освојат најмногу гласови. Дел од гласачите ќе сакаат ‘чиста’ либерална или ‘чиста’ национална опција и тие ќе гласаат за опозициски партии од едната или другата страна на спектарот. Мислам дека нивната кампања ќе биде повеќе фокусирана на правдата и на животните прашања, а дека идентитетските прашања ќе бидат во втор план. Ако биде така, загубите на гласачи во корист на опозициските партии ќе бидат помали.“

Иако верува дека една заедничка листа може поефикасно да ги мобилизира гласачите против власта, Ивковиќ вели дека очекува излез на изборите во повеќе колони.

„И во тоа сценарио противниците на власта може вкупно да освојат повеќе гласови од власта. Но, за да се смени власта, потребно е во кампањата да нема меѓусебни напади, ниедна листа да не падне под цензусот и, на крај, да прифатат заеднички да формираат мнозинство по изборите.“

И Поповиќ оценува дека „студентската листа ќе ги освои речиси сите антирежимски гласови“.

„Би сакал политичарите кои се способни, вредни и ги застапуваат вредностите кои ми се блиски да ја поддржат студентската листа. Таа поддршка има смисла ако е активна, што значи постојана работа на терен и претставување на својата политика на луѓето кои студентската листа ги мобилизирала.“

Еден од собирите за поддршка на студентитеФотографија: Milos Miskov/Betaphoto/SIPA/picture alliance

Тоа, истакнува тој, би било можност да се „парира на режимската пропаганда дека опозиционерите се неспособна и лоша алтернатива“.

„Со тоа дел од политичарите кои се способни и вредни за поддршка не само што би преживеале по изборите, туку би биле значаен политички фактор, без разлика што не се во парламентот. Воедно, по падот на режимот на Вучиќ следат избори за покраината, локалните самоуправи, а веројатно брзо и нови, вистински повеќепартиски избори за парламентот“, заклучува за ДВ Драган Поповиќ.

Опозицијата ни тука ни таму

Со оглед на тоа што е јасно дека студентите се во кампања, а досега строго ја исклучуваа можноста за заедничка листа со опозицијата, опозициските партии се наоѓаат во незгодна позиција.

Меѓу опозициските партии, доаѓањето на собирот на Славија засега го потврди Зелено-левиот фронт, кој неодамна соопшти дека ќе ја поддржи студентската листа доколку изборите се одржат во јуни или јули.

Претседателот на Движењето на слободните граѓани (ПСГ) Павле Грбовиќ за „Нова“ изјави дека ќе дојде на протестот, но додаде дека ПСГ не повикува на собири во чија организација не учествува, па на членовите им е оставено да одлучат дали сакаат да дојдат. Лидерот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ, рече дека неговата партија го поддржува „секој протест против режимот“.

Студентите „безусловно“ ги поддржуваат Демократската партија и вонпарламентарните движења Тргни-промени и Двери.

Дел од проевропската опозиција, меѓу кои се ПСГ и Партијата на слободата и правдата, сè уште не утврдиле дали и како ќе излезат на изборите или дали разгледуваат поддршка за студентската листа. ДВ ги праша двете партии кога може да се очекува одлука и од што ќе зависи, но одговори до објавувањето на овој текст не стигнаа.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во низа шпекулации за датумот на вонредните избори, во четвртокот (21 мај) ја изнесе најновата – сега вели дека изборите ќе бидат од крајот на септември до средината на ноември оваа година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми