Субвенции: Со филтри за оџаци ќе се спречува загадувањето
23 септември 2025
Во пресрет на зимата, Владата ја разгледува можноста за воведување на нови субвенции за поставување филтри на оџаците со цел да се спречи загадувањето. Првично се размислува дека со мерката би можеле да бидат опфатени пет до 10 илјади домаќинства, коишто користат фосилни горива или дрва за затоплување.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата на седница ќе ја разгледа ваквата можност за воведување нови субвенции. Тој посочи дека изминатите денови работел на таа проблематика и заклучил дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето.
„Гасификацијата е процес кој ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати, можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенционираме за клима уреди, топлински пумпи и за субвенционирање сметки за социјално ранливи категории, на од прилика пет до 10 илјади домаќинства да им обезбедиме филтри на оџацитеза оние домаќинства кои користат фосилни горива, односно дрва“, рече Мицкоски за време на посетата на Штип во вторникот.
Мапирани 500 државни објекти кои користат фосилни горива
Владата мапирала околу 500 државни објекти, кои користат фосилни горива или дрва и таму да инсталираат филтри со што би го намалиле загадувањето во Македонија.
„За жал, ништо не е направено овие 35 години. Очекувам повторно одредени невладини активисти со почетокот на грејната сезона да се борат за воздух, иако изминатите седум години никаде ги немаше. Сега треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено, имајќи предвид дека изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка“, изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.
Загадувањето на воздухот во Скопје предизвика лавина реакции и протести во главниот град. Од иницијативата Стоп за Вардариште, кои секојдневно организираат собири на незадоволните граѓани порачаа дека „воздухот што го дишеме не може да ги чека изборите“. „Сакаме да видиме како политичарите функционираат сега, за да можеме да ги избереме потоа. Сакаме чист воздух сега“, децидни се жителите на главниот град.
Дрвата - најголем загадувач во текот на зимата
Претпоставките се дека половина од основните училиштата во урбаната зона се греат на нафта или мазут. Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ минатата година на својата мапа на загадувачи лоцираше околу 700 јавни објекти во Македонија кои се загадувачи, бидејќи се греат на нафта и мазут. Околу стотина јавни објекти како болници, градинки, училишта, касарни, судови и други установи во Скопје користат нафта и мазут за затоплување и покрај тоа што градот има централно парно греење. Објекти што го загадуваат воздухот има и во другите градови. Ако е студена зимата тие може да изгорат над 16,5 милиони литри нафта и над 4,8 илјади тони мазут.
Истражувања на штипскиот универзитет покажаа дека најголемо учество во загадувањето на воздухот има согорувањето дрва - околу 30 отсто, а потоа следат минералната прашина и сообраќајот. Согорувањето на дрва е најголем загадувач во зимските месеци, а сообраќајот и минералната прашина ги загадуваат воздухот во текот на летните месеци.