1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инвестициски проекти се влечат со години - трошоците растат

ДТЗ
25 јуни 2024

Државниот завод за ревизија утврди низа слабости во управувањето со капиталните инвестиции и со ЕУ фондовите. Проекти се влечат по една деценија и никако да се завршат. Во меѓувреме трошоците за нивна реализација растат

инвестициски проекти
Инвестициски проекти се влечат по десет години - крај немаФотографија: picture alliance/dpa/Chromorange

Државниот завод за ревизија утврди низа слабости во управувањето со капиталните инвестиции, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа. Во најновиот извештај на ревизорите се посочува дека постојат високи фискални ризици поврзани со реализацијата на јавните инвестиции. Системот за нивно управување не е воспоставен, а процесот на планирање, приоретизирање и алоцирање на средства во Буџетот за јавни инвестиции не е соодветно дефиниран со Закон за буџетите.

За дел од проектите не се склучени договори за градба, за дел има застој или раскинување на договорите, дел се пред меѓународна арбитража, а некои „висат“ поради неизвесности околу нивната реализација.  Поради тоа, ревизорите сметаат дека структурата и реализација на капиталните инвестиции не придонесуваат за остварување на стратешката цел на Владата за одржлив и инклузивен раст и подобар квалитет на живот на граѓаните

Забелешките на ревизорите

Од 24 ревидирани проекти, за 19 се склучени договори за градба, а за пет проекти иако подготовките се започнати пред повеќе години се уште нема склучено договори за градба. Вредноста на склучените договори за 19 проекти е во вкупна вредност од 2.744 милиони евра, а реализација е во вредност од 941,8 милиони евра. Само еден проект од ревидираните е завршен.

Од 19 проекти за шест има застој или поради раскинување на договорите, од кои за три има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра, додека за два проекти постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не склучени нови анекси кон постојните договори за градба.

За најголем дел од ревидираните проектите, склучените договори за градба се согласно условите на црвен FIDIC каде обврската за пристап до локацијата и проектирањето е обврска на инвеститорот. Доколку се започне со проект по FIDIC услови за градба, а не се исполнети условите за обезбедување на пристап до локација со решена експропријација, како и соодветна проектна документација, проектот ќе биде изложен на фискален ризик од правен и финансиски аспект, и често има и голема неизвесност за текот на реализација, укажуваат ревизорите.

Што се случи со Пречистителната станица во Скопје?

Проектот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје e најголема инвестиција од областа на животна средина за кој од државата обезбедени се средства во износ од 196 милиони евра, и доделени се ЕУ средства во вредност од 69,7 милиони евра. Иако за овој проект се обезбедени средства, подготовката на овој проект е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица за отпадни води во градот Скопје, но и после десет години проектот не е подготвен за физичка реализација.

Управувањето со овој стратешки проект не е ефикасно, не е постигната целта за спроведувањето на законските обврски и постигнувањето на стандардите особено во делот на Директивата за одведување и пречистување на комуналните отпадни води и Директивата за вода за пиење, велат ревизорите.

Ризик од арбитража

Во Повеќегодишната акциска програма за Северна Македонија за животна средина и климатски акции и транспорт во ИПА II периодот (2014-2020) програмирани се седум големи проекти со вредност над 10 милиони евра од кои два проекти од областа на транспорт и пет проекти од областа на животна средина.

За овие проекти со проценета вкупна вредност на 715,5 милиони евра, со билатералните договори склучени помеѓу ЕУ и Северна Македонија, доделена е финансиска помош во износ од 179,7 милиони евра. По 10 години од програмскиот период, започнато е со реализација на три проекти кои се стопирани или имаат бавна динамика и за кои има декларирани трошоци во вкупен износ од 29 милиони евра.

За два од три проекти кои започнале со реализација постојат и дополнителни фискални ризици од меѓународна арбитража. За подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадни води во Град Скопје започната е постапка за арбитража, а за изградба на патна делница Градско Дреново, Коридор X-d, постои неизвесност за целосна реализација и ризик од арбитража.

За проектот за рехабилитација и проширување на канализациона мрежа во Кичево има активен договор за градба кој е потпишан во јануари 2023 година, реализацијата на договорот официјално е започната во март 2023 година, крајниот рок за декларација на трошоците е октомври 2024 година, но процентот на реализација до денот на ревизијата е 2%.

За четири проекти постои голема неизвесност за реализација на проектите и ризик од губење на грант средства поради неспроведени тендерски постапки и несклучени договори. Од оваа програма до денот на ревизијата откажани се 79 милиони евра ЕУ средства, а постои голема неизвесност за искористување на останатата финансиска помош во износ од 100,7 милини евра поради тоа што програмата завршува на крајот на 2026 година.

И по 10 години - проектите стојат незавршени, а трошоците се трупаат

Проектите за изградба на Коридор 8 од железничка инфраструктура кон исток фаза 1 и 2 започнати се во 1996 година и уште не се завршени. Вредноста на овие проекти е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од седум години, што укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти.

Само ветувања за изградбата на Коридорот 8, со кој граѓаните и стопанството треба да имаат железнички пристап од Црно до Јадранско МореФотографија: Deutsche Bahn

За проектот за изградба на Коридор 8 од железничка инфраструктура кон исток - фаза 3, фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,765 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од буџетот. Во исто време вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Од 340 милиони евра, до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра.

Случна е ситуацијата и со изградбата на Автопат 2 патна делница Кичево - Охрид каде вредноста на договорот за градба е проценета на 589 милиони евра, а првичната вредност изнесува 411 милиони евра.

Проектот и по 10 години не е завршен, а финансиската реализација изнесува 466,4 милиони евра. Рокот за завршување на проектот е изминат на 31.12.2023 година, и постои голема неизвесност од настанување на високи правни и финансиски ризици поврзани со текот на овој проект.

Не се знае колку ќе чини изградбата на коридорите 8 и 10д

За изградба на инфраструктурен Коридор 8 и Коридор 10д во должина од 108 км и со проценета вредност во износ од 1,319 милијарда евра донесен е специјален закон со кој се уредени условите и начинот за градба.

Со компаративна анализа за цената на изградба на Коридор 8 и 10д се ревизијата се утврдило дека во петгодишниот план на Транспортната заедница од април 2022 година индикативната вредност наведена за планираните делници изнесува 585 милиони евра или 475 милиони евра без делницата Букојчани- Кичево.

Бидејќи согласно донесениот посебен закон за овој проект не се спроведува јавна набавка, а согласно начинот на градба не е однапред подготвена техничка спецификација на ниво на основен проект, како и поради специфична метода на брза градба која досега не била применета, со ревизијата не може да се потврди утврдената вредност за овој проект.

Но, ревизорите посочуваат дека заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоци се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба.

Неизвесно е кога ќе заврши изградбата на патот Кичево - ОхридФотографија: DW/K. Delimitov

Фискални ризици врз јавните финансии

Проектите од областа на здравството, изградба на Клинички Центар Скопје, и изградба на Регионална Болница Штип се откажани поради раскинати договори за заем и договори за градба. Поради откажување на овие проекти за кои имало склучени договори во февруари 2016 за изградба на Регионална Болница во Штип и во мај 2017 година за изградба на Клинички Центар Скопје има високи фискални ризици врз јавните финансии.

Заради раскинување на договорот за изградба на Клинички Центар Скопје и откажување на проектот во текот на 2022 и 2023 година покрената е арбитража со побарувања во износ од 23,5 милиони евра од конзорциумот на изведувачите, а поради раскинување на договорот за изградба на Регионална болница во Штип, проект од големо значење на граѓаните во јануари 2024 година покрената е арбитража од изведувачот со побарувања во износ од 22 милиони евра.

Изградба на нов здравствен објект во Кичево е започната пред повеќе од 25 години. Градбата во текот на 2014 и 2020 година е повторно активирана. Проценетата вредност на проектот изнесува 16 милиони евра, но поради слаба динамика на реализација на договорот со изведувачот во втората половина во 2023 година договорот е раскинат, констатираат ревизорите.

Не е завршена ниту изградбата на три капитални проекти во водостопанството, иако е започната активност за реализација на проектите во октомври 2015 година, односно декември 2016 година. За трите проекти Брана Конско, Гевегелија, Брана Речани на Оризарска река, Кочани и ХМС Равен – Речица, Полог со вкупна договорна вредност од 91 милион евра, не биле создадени услови за почеток за градба, спроведена е постапка за јавна набавка на работи и склучен е договор за изведување на градежни работи.

Договорите се склучени иако за инфраструктурните градби немало одобрение за градба, не била решена експропријацијата, како и имало потреба од дополнително проектирање поради што и по седум години од склучените договори не се завршени градбите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми