Судбината на Кипар зависи од гасот
13 ноември 2023Кипар се наоѓа пред Израел, Сирија, Турција и Египет и до сега служеше како дестинација за одмор за Израелците, Либанците и во изминатите десет години зачестено и за Русите. Островот е познат и по геостратешките борби за превласт и како даночен рај. На островот многу нешта сега се вртат околу наоѓалиштата на гас пронајдени во изминатите 14 години, меѓу кои последното во 2022. Благодарение на гасот многу Кипарци сонуваат за нова улога на Блискиот Исток.
За експертот на Блискиот Исток, Косме Охеда од Универзитетот Сан Пабло во Мадрид, добивањето на гасот може да биде и шанса за мир на Блискиот Исток и за конфликтот на Грците со Турција околу Кипар. „Наоѓалиштата со гас имаат потенцијал за енормно подобрување на благосостојбата на сите учесници. Такви проекти за гасовод не може самите да ги реализираат и фактичките противници ги присилуваат за соработка”, вели Охеда.
Но, колку се уште различни позициите покажува тоа што Турција во војната на Блискиот Исток се поставува против Израел, додека Кипар многу јасно ги застапува интересите на Израелците.
За сега без гасоводи?
Случувањата меѓу Германија и Русија во врска со гасоводот Северен тек дополнително ги исплашија инвеститорите, смета Израелецот Елај Ретиг, шеф на отсекот за енергија при Центарот Бегин-Садат за стратешки студии. „Наоѓалиштата на гас на Блискиот Исток може значително да го намалат значењето на лиферантите на гас и зависноста од Катар."
Ретиг смета дека Катар исто како и Турција, Русија и Иран од различни причини има јасен интерес актуелниот конфликт со Хамас да потрае. Притоа Блискиот Исток годинава беше пред историски настан, вели тој и додава дека „Имаше необјавен пред-договор меѓу Израел и властите во Газа за заедничко користење и финансирање на добивањето на гас од наоѓалиштето Газа Марин Коворкинг. Тоа многу нешта меѓу Пакестинците и Израелците можеше да ги смени на позитивен начин, а со тоа и за целиот регион”. Но, заради терористичкиот напад од Хамас врз Израел плановите се замрзнати.
Течен гас на Кипар наместо гас кон Грција
Кипар од 1974 е поделен. Поголемиот јужен дел е самостојна држава членка на ЕУ, северниот дел на островот, т.н. Турска Република Северен Кипар меѓународно е призната само од Турција, а не и од други држави. Дополнително има и територијални конфликти околу морските граници. Па така во изминатите десет години беа постигнати разни договори меѓу Израел и Либан, Израел и Турција, како и меѓу Кипар и Грција, кои требаше да го регулираат добивањето и продажбата на гасот. „Но, никогаш немаше обврзувачки договори", вели Ретиг.
И канцеларот Шолц кој се сретна со кипарскиот претседател Никос Кристодулудес во мај годинава, има интерес земјата која е членка на ЕУ во иднина да продава гас за Европа. Концерни како Шеврон, Тотал Енерџис и Ени се некои од играчите кои се заинтересирани за гасот во источниот Медитеран и веќе на различни начини се инволвирани.
Затоа што експортот на течен гас краткорочно е поедноставно изводлив отколку градбата на гасоводи, владата од Никозија сака што е можно побрзо да изгради терминал за течен гас. Но, преговорите мора да се водат со Кипар и со Турција затоа што Анкара уште од 1974 има претензии за наоѓалиштата во морето пред Кипар. За кипарската влада гасот е шанса да стане економски помалку зависна од Русите кои по финансиската и државната криза во 2013 година помогнаа со најразлични инвестиции и кредити. И руската влада беше заинтересирана за гасот во морето пред Кипар, но се откажа од плановите.
Да се намали зависноста од Русија и Катар
Кипарскиот научник Кирјакос Кокинос во разговор пред избувнувањето на војната со Хамас, уште сите надежи ги ставаше на картата на економско зближување на Кипар со Израел за да се намали зависноста од Русите.
Тој самиот во претходната кипарска влада беше „главниот научник” и вели дека „тоа е функција која ја создадоа Израелците и која ние ја презедовме затоа што исто така сакаме да бидеме меѓународен хаб за технологија и наука”. Гасот може да биде мостот за поголема соработка, вели тој. На таквиот генерален факт ниту по масакрот од 7.октомври многу се нема сменето, смета израелскиот експерт за енергетика Ретиг. Прашањето е само како тоа ќе се случи.
Фактички уште во 2018 требаше да почне производството на гасот. Првобитниот план го направил Нобел, фирма која подоцна ја презема американскиот енергетски концерн Шеврон во 2020 година. Либан пак минатата година со Израел постигна историски договор за заедничко користење на гасот од крајбрежјето. Но, актуелниот конфликт со Хамас би можел да ги потопи и таквите планови. „Тоа е вагање и усогласување на разните сили", вели геостратегот Охеда и додава дека „потребно е многу троение."
Надеж дава кипарскиот концерн ДЕХ Квантум Енерџи кој работи на електродистрибутивна мрежа кон Европа. Ретиг смета дека таквите проекти во актуелната состојба се тешко остварливи. Мрежата наречена ЕвроАзија Интерконектор би била најдолгата на светот. Планот за подводен 2000 мегавати интерконектор план не ја инволвира Турција. „Но, со тоа тамошната влада веројатно би имала помалку проблеми отколку со гасовод од Кипар кон Грција", смета Ретиг. Гасот беше и останува лукративен бизнис, но и политичко средство за притисок.